Пекинг се гуши во смог, затворени фабрики, редуцирани автомобили
Објавено во: Свет 30 Јануари, 2013
Властите во Пекинг побараа денеска од жителите да останат во затворени простории во рамки на итните мерки, кои се преземени поради високото ниво на загадување и смогот во кинескиот главен град и поголем дел од северниот и источниот дел на земјата.
Властите соопштија дека затвориле 103 фабрики и наредиле 30 отсто од државните автомобили денеска да не излегуваат на улиците.
Видливоста во централните делови на Пекинг е намалена на 300 метри, според Централната кинеска телевизија, поради што се откажани 29 летови, а седум се одложени.
Американската Амбасада, која го мери нивото на ситни честички во воздухот, т.н. ПМ2,5 измерила денеска загадување од 336 микрограми по кубен метар, што е помалку од вчерашните 526 микрограми, но и натаму е опасно за здравјето. Индексот на квалитетот на воздухот над 150 микрограми се смета за опасен за здравјето.Центарот за мерење на квалитетот на воздухот на градот излезе со бројка од 292 микрограми и нагласи дека воздухот во Пекинг е „тешко загаден“.
Главна причина за проблемот со загадувањето на воздухот во Кина е брзата урбанизација, стопанскиот бум, драстичното зголемување на бројот на автомобилите и масовното користење на јагленот за греење во зимски услови.