29 Март, 2024
0.0238

Патуваме, уживаме, осознаваме и се радуваме

Објавено во: Колумни 18 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Убавините и животните радости се перцепираат и поинаку доживуваат ако се споделат со ближните и сакани луѓе. Патувањето, откривањето на нови хоризонти, видици, култури, цивилизации,нации е суштинска можност да поделиш убост и среќа со луѓето кои го чинат човековиот живот поубав и кои му даваат смисла на секојдневното живеење. Да се патува  со љубениот(та), со семејството, со пријателите, со другарите, значи нова можност и шанса да доживеете  волшебни моменти кои вечно ќе останат запаметени како незаборавни мигови на едно патување. Привилегија на човекот е да патува, да истражува, да го открие неоткриеното, да го види невиденото, да го чуе нечуеното, да го осознае неосознаеното, да се радува на убавините на местата кои биле некогаш негов сон, а потоа станале јаве. Патувањето значи да размениш искуства со собеседникот и патникот со кој заминувате на истата дестинација, значи да дадеш совет, но и да примиш мудрост и знаење од секој добронамерник кој е дел од твоето патување. Патувањето подразбира надминување на границите на непознатото, откривање на нови места и содржини кои го оплеменуваат и збогатуваат човековиот живот. Да си дадеме оддишка на душата, во ова време-невреме кое не тишти Секоја нова дестинација носи нов предизвик, нова енергија, но и нова возбуда и нова содржина. Бенефитите од патувањата се мултидимензионални: се збогатува искуството на човекот, се збогатуваат знаењата за местата, луѓето, начините на живот, се збогатуваат визиите и перцепциите за творење и создавање, но и се збогатуваат пријателствата кои создадени на патувањата имаат посебна драж. Секое местенце си има своја специфика, секој народ си има свои обичаи, норми и вредности, секое патешествие си има свои новитети и изненадни случувања и затоа патувањата на нови места, со нови луѓе, запознавањата на нови ентитети, култури, специфични обележја е посебно доживување и незаборавно искуство. Затоа, да си дадеме оддишка на душата, во ова време-невреме кое не тишти, да си дадеме можност да се отргнеме од реалноста и на миг да уживаме во убавините на некои места и на некои луѓе, да патуваме бидејќи тоа е онаа иделана можност и совршен спој на уживање, осознавање и радување. Да патуваш, да осознаваш и да се надградуваш е привилегија само на човекот Кога патуваме често си фантазираме, замислуваме, посакуваме и дури сонуваме со отворени очи. Сета таа убавина која ни се распостила и која оди во недоглед некогаш била дел од нашата мечта, замислена фантазија нешто кое сме го посакувале толку многу и кое во моментите кога го здогледуваме и доживуваме ни се чини како нереален сон или како јаве - нејаве. Наплив и бура на емоции го опсипуваат секој патник кога ќе ја здогледа дестинацијата која била дел од неговиот детски или младешки сон, некогаш солзи навираат, а некогаш очите ширум се отвораат не можејќи да ја восприемат сета таа убавина која очите ја гледаат, рацете ја допираат, а сетилата ја чуствуваат. Да бидеш дел од место кое било сведок на значајни, големи и суштински настани на некоја нација, на некое време, да го допреш каменот кој сведочи за животот на луѓе, различни по раса и класа, вера и сталеж е нешто што те прави величествен, историски надграден и сведок на некои времиња, настани и случувања. Големите амфитеатри во кои се играле комедии и трагедии, пространите плоштади на кои величествените оратори и познатите филозофи ги искажувале своите мисли, мудрости и размисли, големите арени во кои се воделе гладијаторски битки, недогледните пристаништа на кои испловувале и допловувале бродови, чија цел била трговска размена, волшебните манастири, цркви и други верски објекти кои изобилуваат со непроценливи вредности се нештата кои ги гледаш и доживуваш при самото патување. И тоа го прави човекот историски побогат со знаења и сведоштва за луѓе, настани, случувања, места кои се дел од човековата истроија, културно го оплотува и надградува преку сите тие споменици на културата кои тој ги восприема на себе својствен начин, уметнички го збогтува преку визуелизацијата на врвните достигнувања на големите уметници на четката и умствено го изградува како личност која ќе разменува знаења и искуства за различни луѓе, настани, периоди, цивилизации и култури. Секое патување со себе носи нешто ново, дава една поинаква димензија на човековиот поглед на свет и го збогатува севкупниот човеков хаботус. Затоа да го искористиме секој миг од нашиот живот, секој момент кој ни се дава, да го зграбиме и да го одживееме со полна плуќа и секој пат за нас непознат и дестинација за нас нова и неоткриена да ја осознаеме бидејќи да патуваш, да осознаваш и да се надградуваш е привилегија само на човекот. Д-р Татјана Стојаноска Институт за социологија Филозофски факлтет-Скопје  

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?