ПАТНИЦИТЕ ПОЧИНАЛЕ ОД ЗАДУШУВАЊЕ: Вдишувале саѓи-покажува аутопсијата на изгорените тела
Објавено во: Македонија 25 Ноември, 2021
Заменик-главниот
обвинител и директор на Националната служба за безбедност, Борислав Сарафов,
утринава на прес конференција изнесе нови детали за големата трагедија што се
случи пред два дена на автопатот Струма во Бугарија, при што во запален автобус
загинаа повеќе од 40 луѓе од Македонија.
-Во медиумите кружат апсолутни шпекулативни информации за автобуската несреќа. Се појавуваат очевидци, а ги нема. Сослушани се двајца од патниците во автобусот кои во моментот на несреќата биле будни. Нивното сведочење е крајно објективно. Аутопсиите покажуваат дека сите починале од задушување, вдишувале саѓи, што значи дека биле живи и починале од пожарот, немало експлозија, имало само интензивно горење, изјави Сарафов, пренесува агенцијата БГНЕС.
Истовремено, бугарските истражители ги отфрлаат верзиите за транспорт на туби за гориво, како и дека станува збор за терористички акт.
Верзијата за терористички акт е професионално истражена од наша страна. Категорично го отфрламе, не е терористички чин, додаде Сарафов, прецизирајќи дека работата на истражителите претпоставува да се истражи и оваа верзија. Распитите продолжуваат, увидите продолжуваат. Автобусот ќе биде прегледан од сообраќајни инспектори, изјави заменик-јавниот обвинител.
Тој најави дека во моментов водечка и главна верзија е онаа за човечка грешка.