25 Април, 2024
0.0280

Параван комисии и работни тела со веќе видени "реформски идеи"

Објавено во: Колумни 11 Јануари, 2018

Добивај вести на Viber

Што е тоа што ни се случува, што е тоа што не прави нервозни, без насмевка на лицето, што е тоа што се почесто гледаме лошотоја, лицемерие кај луѓето и онаа примитивна селска итрина, а се однесуваме како да сме се помириле со тоа и го прифаќаме како нормален дел од нашето секојдневие?!

Сите некако се обидуваат да ја носат убавата маска, да го покажат своето убаво спакувано лице пред јавноста, да го афирмираат својот гламур, демек тие се фаците што ја вртат државата, градот, тие се тие кои можат да си дозволат и обезбедување, бидејќи кај нив се е некако специјално.

Се вели дај му власт, за видиш што човек е. Тогаш, само тогаш сфаќате со кого си имате работа. Луѓе со лимитирани интелектуални способности, луѓе чиј вокабулар е заокружен во времето кога ја прочитале својата последна лектира во средно, луѓе со сомнителен интегритет, без образ, без душа, или попрецизно кажано, со ништото што им останало од човечноста, но сето тоа убаво е спакувано во скапи одела, очила без диоптрија (заради интелектуалниот впечаток), тука и таму некоја научна титула, наизуст научени одамна излитени фрази и добро е така да остане затоа што отсуството на вредносна, човечка содржина во така убаво спакуваното тело, дал господ, никако не може да се сокрие.
Што се промени за овој период?! Очигледно само играчите на практикување на вољата на позицијата, онака како да изгледа реформски, а принципите останаа исти, партиско ребрендирање на администрацијата, враќање на кадри кои ни во минатото додека ги држеле истите или слични функции не испорачале некои нови вредности во сферите во кои работеле, ниту пак имаат капацитет тоа сега да го сторат.

Сепак една работа е многу чудна, до кога оние вистински интелектуалци, оние кои размислуваат и на работите гледаат над партиски, ќе молчат или ќе се повлекуваат од параван комисиите, работните тела, до кога тие ќе поднесуваат отставки, до кога ќе се инфериорни пред глупоста на агресивниот џган кој упорно гуши со веќе видени "реформски идеи".

Промените што се случија, ги подигнаа очекувањата на граѓаните за подобар живот, дека во минатото ќе останат оние монолози во "Јади бурек" на еден претседател на држава или премиер, што сами со себе си дебатираа на емисија од тој ранг, таму презентираа економски програми и проекти, говореа за одредени безбедносни аспекти...и кога помисливме дека сето тоа е минато, надежите и очекувањата на граѓаните почнуваат полека да спласнуваат како пробушена автомобилска гума.

Вицепремиерот за економски прашања упати јасна порака до комисијата што го спроведуваше тендерот во ЕЛЕМ, за тоа кој може или попрецизно кој треба да добие негетаивна референца за учество во тендерите; следеше подготовката на новиот закон што требаше да ги елиминира можностите од злоупотреби на прислушувањето, со ангажирање на луѓе кои наместо да дебатираат и понудат модел, добија модел за да го спакуваат во законско решение; се случи авантурата на аргентинецот; потоа бонусите на членовите на ДИК; патните трошоци на пратениците кои до ден денес се исплатуваат во максимален износ; Пуцко компани со снабдувањето со нафтени деривати на низа министерства и институции во државата; изборот на член во надзорниот одбор на М-НАВ; именување и поставување на роднини, пријатели и партиски послушници за членови на надзорни и управни одбори; враќање долгови и компензирање преку делење високи позиции во Телеком, Пошта, јавни претпријатија, регулаторни тела...и што уште треба да се случи за да разбереме дека се е фарса, дека принципите не се променети, туку се ставени во убава шарена опаковка, за да личат европски.

Многу често се плука и анатемисува едноумието, не гледајќи при тоа дека по секоја цена се инсистира на едноумие. Ќе каже ли некој нешто поинаку од тоа што го кажале актуелните вундеркинди, готов е, ќе биде етикетиран и анатемисан за сите времиња...и не само тој, туку и неговите блиски. 

Тука доаѓаме до прашањето на слободата, слободата е во главата на секој поединец, во правото секој да има сопствен став за секое прашање, во можноста да се бори за него, па дури и за незначајните, најмаргиналните прашања. Ставот, во принцип се оформува врз основа на личните вредности, домашното воспитување, личното искуство...а во најново време, бар така се чини, клучот за каков било став е само интересот, почнувајќи од тоа што значи личен профит, завршувајќи до можноста некој да биде поблиску до некого, да се добие некаква позиција или нешто слично, а јавниот, општествениот, националниот интерес, како да го нема, како да чека некаде на маргините за некој од надвор да ни го соопшти, најчесто амбасадор на некоја наша пријателска држава.
Токму тука лежи проблемот на вазалскиот или ако сакате на робскиот ум, од тука и поривот административно извршната власт да креира закон и да го уредува медиумскиот простор по сопствен терк, без поширока јавна дебата и без суштинско вклучување на медиумската фела.

За крај, една интересна бугарска изрека, која вели - тоа што не може да се купи за пари, може да се купи со многу пари. 

Не, немам намера да ја коментирам поговорката во нашиов амбиент, оставам сами да извлечете заклучок, како тоа, просечни умови, но убаво етаблирани во партиските штабови, да поседуваат толкава моќ, тие да го креираат јавното мислење, да имаат и скапи возила со добро платени возачи, да имаат скапо платени телохранители кои љубезно ги спроведуваат до тоалет и ги чуваат додека тие таму мора на специјален начин да вршат нужда...избрани од бога, а парите и се што имаат, тие им се од овој народ, од стечајците, од работниците кој се убиваат работејќи а платата не им стигнува ни до 10. во месецот, од оние кои се ангажирани на црно, од оние на кои не им се плаќаат придонесите за здравствено, инвалидско и пензиско осигурување, од оние кој мораат парите од популарниот К-15 да ги вратат во кеш на газдите...или можеби нешто во меѓувреме е сменето, нека ми е простено ако нешто не сум чул?! Не дека нешто алудирам на онаа бугарска поговорка, та ние не сме Бугарија.

Да завршам тука, со такви македонски Merdok фаци се крие креирањето на едноумно општество, а таквите општества не се слободни, но кога тогаш, таквите творби се распаѓаат како кула од карти, ама цената на распаѓањето, по правило, е неподносливо голема и го враќа општеството назад на некоја почетна позиција, кога некои нови дечки повторно ќе нудат живот, само не знам за кого?!

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок