13 Јули, 2020
0.0422

ОСОБЕНО ВНИМАВАЈТЕ КОГА КОРИСТИТЕ ДЕВИЗИ - НБМ вели дека и тие можат да бидат извор на заразата

Објавено во: Финансии 17 Март, 2020

Помалку користете готовина, а повеќе картички и особено внимвајте кога работите со девизи. Банките, пак, да ги разгледаат можностите за намалување на провизиите на безготовинските трансакции. 

Ова го советува Народната банка, како дел од мерките и апелите за зголемување на свесноста и одговорноста за заштитата на здравјето, а во услови на ширење на вирусната инфекција КОВИД-19.

Централната банка денеска излезе со одредени апели до граѓаните.

„Со оглед на тоа што готовината се смета за еден од честите канали за пренос на инфекцијата, а заради превенција од евентуално пренесување на заразата, повторно апелираме да се намали употребата на готовина, а да се зголеми употребата на платежните картички и останатите алтернативни, електронски начини на извршување на трансакциите. На таков начин ќе го заштитите сопственото здравје, како и здравјето на сите околу вас“, велат од НБМ.

Воедно, оттаму им препорачуваат на банките да ги разгледаат можностите за намалување на провизиите поврзани со безготовински трансакции.

„За намалување на ризиците од употребата на денарската готовина, воведовме зајакнати протоколи за постапување, коишто се однесуваат на редовно повлекување на банкнотите и монетите што се во циркулација и нивно чување во карантин пред повторното пуштање во промет, а воедно ги укинавме и повизиите коишто ги наплатуваме од банките за полагање и подигање денарска ефектива. Ваквата процедура ќе се почитува и од страна на банките со кои остваруваме активна комуникација со цел заеднички да обезбедиме сведување на ризиците од контаминација и пренесување на заразата преку готовината којашто е во оптек на најниско ниво“, соопштија централните банкари.

Притоа, особено посочуваат на внимателност при користењето на странската готовина (девизи) која е внесена од друга држава и носи висок ризик од пренесување на заразата. 

„Препорачуваме неа да ја размените во овластените банки и менувачници, по што ќе се применат посебни мерки за постапување и со оваа готовина, за да се намали можноста за пренесување зарази преку овој канал“, сугерираат од НБМ.

Апелираат до сите граѓани да ги следат и да се придржуваат кон препораките од надлежните органи, за да се справиме со настанатата состојба што побрзо и поефикасно. Како што е потврдено во многу случаи досега, превенцијата и соодветното следење на препораките се од клучно значење во справувањето со ваквите непогоди, велат од НБМ.

Можеби ќе ве интересира

Народната банка е добитник на наградата на „Комерцбанк“

Народната банка е добитник на наградата на „Комерцбанк“

НАД 206 МИЛИОНИ ЕВРА ЛЕГНАЛЕ КАЈ ФИРМИТЕ - поврат на ДДВ во првите шест месеци

НАД 206 МИЛИОНИ ЕВРА ЛЕГНАЛЕ КАЈ ФИРМИТЕ - поврат на ДДВ во првите шест месеци