19 Април, 2024
0.0275

Основни методи на борба со перењето пари

Објавено во: Колумни 18 Декември, 2019

Добивај вести на Viber

Во борбата со феноменот наречен перење пари, меѓународните финансиски институции треба да преземат соодветни мерки и активности за ефикасна заштита на финансискиот систем во целина. Во тој контекст, криминалните структуритреба да бидат оневозможени во уживањето на приносите од нивните активности. Исто така, горе наведените криминални структури треба да бидат спречени во намерата да ја злоупотребат својата финансиска моќ во функција на влијание врз стабилноста на институциите на системот.

Притоа треба да се нагласи дека борбата со организираниот криминал преку борба со перењето пари има многу предности. Имено, полесно е да се уништи финансиската моќ на криминалците, отколку да се применат други методи. Исто така, борбата со перењето пари ја оневозможува или отежнува основната цел на криминалните групи, а тоа е максимизирање на профитот. На тој начин се намалува штетата што ја предизвикуваат субјектите кои вршат перење пари и им се овозможува на судските органи полесно да се справат со организираниот криминал.

Зошто се преферира борбата со перењето пари како метод за сузбивање на активностите на криминалните структури? Кога се работи за перење пари, криминалците не можат да ги користат своите традиционални методи на дејствување (закани, уцени и сл.), туку мора да одат по легални канали преку системот на финансиски институции. На тој терен, борбата со криминалните структури е навистина многу полесна.

Државата преку институциите на системот, вклучително и финансиските институции можат да се борат со перењето пари на повеќе начини. Системот на превенција овозможува да се спречи злоупотребата на финансиските институции во функција на перење пари. Адекватната примена на мерките и дејствијата за спречување перење пари овозможува соодветно идентификување на ризикот од перење пари, што од своја страна ќе доведе до преземање на адекватни мерки за управување со овој ризик. Притоа, многу е битно законските одредби да овозможат централизација на податоците коишто се користат од страна на органите задолжениза борба со перењето пари и имплементација на специјализирани мерки за истрага. Крајна цел на овие активности коишто се преземаат на сите инстанци во борбата со перење пари е оневозможување на криминалните активности, како и замрзнување и конфискација на средствата коишто се стекнати на нелегален начин.

Позната е изреката дека системот е силен колку што е силна неговата најслаба алка. Затоа криминалните структури ги поместуваат своите активности од земјите каде што функционира правниот систем и институциите на државата во земјите каде што тоа не е случај. Од таа причина, горе наведените методи треба соодветно да бидат имплементирани насекаде во светот. Одделни институции на меѓународно ниво од типот на ЕУ и ФАТФ прават напори за усогласување на одделните национални законодавства со меѓународната регулатива во оваа сфера и ефикасна имплементација во практика на донесената законска регулатива. Во последно време, акцентот се става врз практичната примена на постојните законски решенија во секоја национална економија и врз конкретните резултати постигнати во борбата со перење пари .

   

  д-р Гоце Трајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народна банка на Република Северна Македонија


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок