Османи: Во Охрид се поканети сите лидери од Западен Балкан
Објавено во: Економија 08 Ноември, 2019
Вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, во своето последно интервју вели дека претстојниот викенд во Охрид се поканети сите лидери од земјите од Западен Балкан како продолжување на иницијативата за формирање на „мини-шенген“ зоната.
Процесот започна со поканата на српскиот претседател Александар Вучиќ до македонскиот и албанскиот премиер - Зоран Заев и Еди Рама, а сега се повикани и лидерите на БиХ, Црна Гора и Косово.
Тој истакна дека средбата била организирана без надворешно влијание, додавајќи сепак дека „не би правеле регионални проекти без одобрение од Вашингтон и Брисел“.
„Идејата не е да се претвори иницијативата во смисла на формирање на „мини-шенгенска“ политичка зона и слично, туку да се погледнат можностите за подобра регионална соработка”, вели Османи.
Тој се повика на анализа на Светската банка. според која камиони поминуваат 80 проценти од своето време на граничните пунктови и додаде дека само поради тоа треба да се отстранат економските и царинските бариери.