ОСЛОБОДЕН ВЛАДИКАТА ЈОАНИКИЕ: Стивнуваат ли тензиите во Црна Гора?
Објавено во: Балкан 16 Мај, 2020
Владиката Јоаникие и уште осум светштеници на Српската православна црква утринава беа ослободени од притвор. Тие беа уапсени пред три дена откако во црногорскиот град Никшиќ ја организираа литијата каде присуствуваа повеќе илјади православни верници. Со тоа беше прекршена забраната за масовни собири, која црногорските власти ја пропишаа со цел спречување на ширењето на заразата од корона вирусот. Тензиите траеја до доцна синоќа, кога голем број верници, повторно на улиците, ја чекаа одлуката на никшичкото јавно обвинителство.
Веднаш по апсењето, кое се случи во вторникот, тензиите прераснаа во судири со полицијата, а предводени од лидерот на просрпскиот Демократски фронт, Андрија Мандиќ, имаше и отворени закани дека ќе има крвави насилства. Овој став на Мандиќ, црногорските власти го оценија како намерно и свесно поттикнување на насилствата во Црна Гора.