23 Април, 2024
0.0254

Oрганското производство на лешник доживува вистински бум во Македонија

Објавено во: Агробизнис 18 Јануари, 2021

Добивај вести на Viber

Во последните години, органското производство на лешници доживува експанзија во земјава. 

Дека интересот за подигање на насади со органски лешник расте, потврдуваат од Здружението ЕКО Лешник од струшкото село Драслајца.  Овоштарници каде се одгледува органски лешник има во источна, но и во западна Македонија. Од ЕКО Лешник велат дека органското производство е исплативно, но треба да се има трпение и да се вложи труд. 

„Јас можам да ви кажам дека има зголемување на органско производство на лешник за 100 отсто од пред 3 години до денес. Искрено мислам дека има исплатливост, но не како што тоа го прикажуваат во медиумите. Реално има исплатливост повеќе од житни култури, но можеби помалку или слично со раноградинарските култури. Македонскиот лешник во моментов се извезува во многу мали количини во Германија, Австрија и Швајцарија. Очекуваме многу повеќе во следниот период. Главен проблем е што нема доволно органски и био свис квалитет. Тоа е единственото што може да не диференцира од евтиниот турски лешник. Најголемите нови насади на лешник се во Радовиш околу 200 хектари. Потоа следи Битола и следно е регионот на Тетово, па Струга и Охрид“, велат од ЕКО Лешник. 

За дел од луѓето ова е основна, а за други дополнителна дејност со која ќе го дополнат семејниот буџет. Лешникот бара големи количини вода,  за што е потребен  систем капка по капка. 

„На лешникот му требаат околу 3 години за прв род, но тоа е премалку. Зборуваме за првите лешничиња на секое стебло. За да има сериозен род, тоа е веќе во 6-та година, а од 10-та е полн род. Мислам дека исплатливоста не зависи од стреблата, но зависи од видот на лешникот. Најдобра сорта е тонда франческана. Лешникот за да се засади потребно е да одговара ПХ на почвата. Многу важно е да има вода. Цената за килограм зависи од калибрацијата на лешник, од влажноста на јатката, од квалитетот на сортата и слично. Цената зависи и кога го продавате, бидејќи е берзански продукт. Во Македонија цена на некршен лешник е од 100 до 160 денари“, додаваат од ЕКО Лешник. 

Објаснуваат дека органскиот лешник секогаш има можност за продажба, бидејќи Европа, а и Македонија се насочуваат кон овој вид на  лешник. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2019  година органското производство на лешници било застапено со 7.08 отсто. 

Сања Атанасовска

Можеби ќе ве интересира

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари