Оливер Спасовски си го казни партискиот лидер Заев за неносење кацига
Објавено во: Македонија 23 Септември, 2020
Некогаш не е лесно да се практикува функцијата. Некогаш мора да му се пише казна дури и на сопствениот партиски лидер.
Вчера, за сторен сообраќаен прекршок, неносење заштитна кацига, Министерството за внатрешни работи ги казни премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Љупчо Николовски и министерот Венко Филипче.
Ова за Фактор го потврдија и од Министерството за внатрешни работи.
Казните следуваат откако во последниве неколку дена на социјалните мрежи се врти видеото во кое тројцата државни функционери возат мотори без да носат кацига.
Од платните налози што ги објавија некои портали, се гледа дека на тројцата државни функционери издадени им се платни налози во висина од 50 евра.
Заев, Николовски и Филипче биле сопрени на булеварот Гоце Делчев во близина на Владата пред три дена.
МВР последните денови врши засилени контроли во сообраќајот низ државата.