18 Април, 2024
0.0241

Октомвриска рапсодија

Објавено во: Колумни 27 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

Продолженото лето, на кое, велат скептиците и малерите, дефинитивно му се гледал крајот,кај многумина, па и кај мене, се разбира,со денови придонесува за добро расположение. Се сеќавам на убави и пријатни моменти, па зошто да не и на улавштини.

Елем, што би рекле нашите северни соседи, за кои ова е михољско лето, а за нас се знае ова е циганско, станав сабајле у ниедно време и се сетив на најважната препорака од синоќа на сите вести, не заборавајте да ги поместите стрелките на часовникот, почнува зимско сметање на времето.

Пред четириесетина години кога се воведуваше кај нас оваа круцијална мерка за штедење увезена од развиениот свет кој пак сега забрзано размислува да ја укине за година-две како бескорисна и штетна по здравје ја пречекавме како да е Нова година. Кога велам ние мислам на потесниот круг на пријатели за кој некои велеа дека според бројноста е кинески це-ка. Сериозно се подготвивме за настанот со лапачка и пијачка и му ја седнавме на софра. Играме карти (реми-бриџ или канаста ќе да беше) слушаме музика (се знае Битлси,Стоунси и целокупната ју-рок булумента на чело со Дугмиќите) се зезаме до бесвест на сечија сметка и чекаме возбудено да дојде двата саатот. Се прегрнуваме и си честитаме-ај честито зимско сметање на времето и продолживме до сабајле....и не е толку касно нели ги вративме стрелките, ама цел ден глаата ни е тупан.....пиеме вода (кој вечера ракија доручкуе вода) среќа што е недела па ќе преживееме!

А беше време на праење зимница ајвар и други специјалитети од пиперки во дузина варијанти. Замислете ајварот како поим го патентирале развиените ко Херкулес словенци, а ние го чекаме Цацко со овој важен чекор на успешното работење (но то не е тема за денеска). Време на прибирање огрев за зима, јаглен и дрва, како кој, струјата е скапа а парно само кај некои привилегирани. Но и време на свадби и на заминување у војска.

Свадба се праи у недела. Пред пладне ечи Скопје од музика и песни на полупијани сватови кои ги држи уште од момачко или девојачко, како кого. Свадбите се праат по дома и по дворои, зависи од временските услови и од станбената состојба. Невестата се зема од дома со задолжителната Черешна се од корен корнеше и со по некоја солза, не ми беше јасно како мал што се ова плачкиве кога младата заминува неколку улици подолу или погоре, зависи на кај тече Вардар, поворката се движи со по некое застанување за орце и песна и стигнува кај младоженецот. Девојки и млади жени ги китат свадбарите (со паричен надомест), потоа се влага кај сватовите следува срдечно поздравување и прегрнување и потоа веселба и свечен ручек –супа, паприкаш или летна зелка со овчо, поретко прасечко, салата и на крај торта со фил или без него......

Рана есен беше и време на масовно заминување у војска (што не значи дека во другите годишни времиња не се облекувала сиво-маслинестата униформа) но така останало-јесен стиже јабуке и крушке зрију, а драга драгог шаље у армију.....беа зборовите на песната што ја пееше дуетот Илиевска-Сариевски по желба на испраќачите, а емитувана на Радио Скопје во емисијата поздрави и честитки (една од најслушаните во неделните пладневни часови кога цел град ечеше на сиот глас, ко божем е Радио Луксембург). Пред да се замине војник претходеше правење кај тишлер сандаче со строги димензии и нацрт и задолжително офарбано и во бојата на ЈНА (тоа всушност беше касета на идниот војник за чување на потребните работи во касарната со огледалце на внатрешниот дел на поклопецот за утринското бричење и со преграда за колонска за секојдневниот ритуал и со катанче (клучот се чува во малото џепче), а последната вечер пред заминување се праи банкет кај војниковите родители со музика и песна до сабајле, а утредента идниот војник на рамо по улицата Маршал Тито па се до станица со пиво во рака и војнички песни. Сите заедно сосе неговата девојка која е неутешна и расплакана (не ретко и покрај заклетвата дека ќе чека уште по ден-два фаќа друг фраер, а нејзиниот добива абер од другарите и е неутешен во кантината  во касарната и така натаму. Во суштина испраќањето војник беше тажно зошто неретко војникувањето беше долго и неретко трагично, такви беа повоените несигурни години...но испраќањето е весело и драматично-ој машино пусти дима јаче да не видим како друштво плаче, а девојката едвај ја сопираат да не се качи у возот, а често се удира не јако со глаа у вагонот кај што се качил регрутот неутешна и разочарана.....

Зарем е неприкладно ваквиот текст да го добие насловот Рапсодија-не е Гершвинова рапсодија во сино, ниту Меркјуриева Боемска рапсодија но дел од скопските приказни се со музика што припаѓа на некој жанр што го разбираме и сакаме и радо му се враќаме, се поретко! 


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок