18 Април, 2024
0.0296

НОВОГОДИШНА АНАЛИЗА ЗА СОСТОЈБИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ БАНКАРСКИ СИСТЕМ

Објавено во: Колумни 29 Декември, 2020

Добивај вести на Viber

Една анонимна монетрана поговрка вели: „Како и правдата така и парите се потреба на сите, и мораат да влеваат доверба“.

Кај нас, особено до израз дојдоа неколку толкувањата на дел од граѓанството за тоа дека на банкарството треба да се гледа како на дејност во која на многу „лесен“ начин може да се заработува. Коментарите одеа до таму што чув, за банкарството се вели дека е дејност во која владеат накави „нечисти“ правила на работење и однесување; или на дејност во која по дефиниција е вградена неморална димензија за перењето на пари. Некои поемотивни коментари во оваа насока се дека на банкарството треба да се гледа како на дејност во која преовладува социјална димензија. Како и да е, како и да рекле, ако таквите коментари се малцинство помеѓу граѓаните е неважно. Но, од друга страна пак, истите такви погрешни толкувања да не земаат динамика на експанзија, за на крај да доведат до состојба на искривена слика за дејноста банкарство, тие треба да се анализараат на друг начин.

Прво, банката како и секоја друга фирма (на пример супермаркет) е конципирана и делува согласно бизнис правилата и таа е чисто профитна организација. Исто така, еден од коментарите погоре, за тоа дека на банката треба да се гледа како на дејност која треба да има социјална димензија „паѓа во вода“. Би додал, на банката треба да се гледа како на секоја една друга фирма од стопанството (силна) и таа треба да се толкува разумно како помагател со средствата од нејзиниот акумулиран профит. Поточно, на банката може да гледаме како на општетвено одговорна институција, внимавајте, која дел од својот профит може, а не мора, да го донира во: здравство, образование, култура, спорт... Значи повтроно заборуваме за профитот на банката.

Оттука, сега ако го земам еден супермаркет во анализата, покрај другото, таму се продава „кашкавал“ кој има своја набвана вредност добиена од производителот во Берово, при влез во магацинот. Освен тоа, дополнително на набавна вредност на кашкавалот сметководителот додава маржа (читај: профирт) во продажната цена, по претходно отстранување на влезниот ДДВ и таквата цена ја дополнува со вкаклулиран данок (да се искажам сметководстено до крај). Што значи, со профитот вклучен во продажната цена на кашкавалот се покриваат сите трошоците за периодот на супермаркетот (плата и се друго освен расходите - набавната вредност на кашкавалот). Ако сега направиме една паралела со банка, таа продава „пари“ кои, како и кашкавалот имаат набавна вредност т.е. набавени се од некаде, а тоа се граѓаните и фирмите - штедачи. Понатаму, банката на тие пари добиени од штедачите, става маржа (читај: профитна маргина) за да ги продаде на граѓаните и фиримите кои имаат потреба од тоа. Значи, со јазик на стопанството би подвлекол дека банката како награда за правото да стопанисува со парите на ентитетите кои имаат вишоци им дава пасивна камата (или го дели претходо стекнатиот профит со нив). Додека на овие другите (кредитоземателите) кои имаат потреба од пари, таа им ги задоволува потребите бидејќи е ликвидна, но за сметка на тоа банката додава маржа над набавната вреност на парите (читај: набваната вредност на продуктите). Според тоа, основната бизнис логика вели дека банката, како и сите останати фирми во другите индустрии мора да има профитна маргина над нулата или да биде повисока активната камата од онаа пасивната. На крај, да ја заклучам оваа паралела со една метафора:

Замислете си, супермаркетот „Т“ да ја постави структурата на работа така што, сите оние кои живеат во Берово и имаат дома натрупано залихи од кашкавал, а не се во состојба да го конузмираат, да ги мотивира, истиот да го депонираат во рафтовите на „Т “ во Скопје. За сметка на тоа, тие ќе добијат награда - камата, додека останатите граѓани од Скопје имаат континуиран недостаток на органиски - природен кашкавал. За таа цел, сега овие вторите ќе имаат секогаш доволно залихи на кашкавал. Оттука, цената на кашкавалот на рафтовите во маркетот „Т “, за сметка на задоволуавњето на потребите и уживањето во континуитет на скопјаните мора да биде зголемена за сума наречена - камата (читај: маржа или профит кој маркетот го додава над набавната цена на кашкавалот добиен од беровските граѓани). Со тој профит во цената на кашкавалот, супермаркетот (читај: банката) ги плаќа со камата беровчаните, со цел, тие да бидат мотивирани и во континуитет го даваат својот вишок на кашкавал, за да потоа супермаркетот да ги покрива соптвените трошоци на периодот (плата и се друго освен расходите - набавната вредност на кашкавалот). Тука, важно е супермаркетот секогаш да има доволно ликвиден кашкавал на располагање, во ситуација кога некој од давателите (депоненетите) ќе си го побара назад на трепазата во Берово и за сметка на тоа е спремен да се откаже од наградата – камата од супермаркетот (читај: банката). Имено, овој сооднос за одржување на ликвидноста во супермаркетот (читај: банката) најдобро се објаснува во билансот на состојбата, каде на една страна во пасивата треба да обезбедиме мобилизирани средства на долг рок, и тоа повеќе од оние кои се пласирани средства во активата т.е. од имобилизираните средства на краток рок. Практично така се создава ликвидната резерва во банките... или би поентирал: кога мобилизираните средства на долг рок во пасивата, се поголеми од имобилизираните средства на краток рок во активата, за таа разлика ја креираме ликвидната резерва, која пак го претставува заштитниот слој на банката кога кредитира т.е. пласира средства во активата.

Наспроти сето ова, кое мора да се свати како една метафора која има за цел да ја активира креативната интелегенција во поглед на банкарството од една, и да го зголеми нивото на задоволство кај читателите од друга страна, со еден многу сериозен речник би кажал дека банкарството е високо регулирана дејност. Банката, како единка во системот, ако се дебатира во регулаторна смисла не може да се споредува со компанија во тој поглед воопшто. Имено, банкарското работење се одвива во услови на широко поставена правна регулатива, создадена примарно за заштита на јавниот интерес. Исто така, банкарската регулатива од аспект на нејзината функционалност може да се класифицира на закони и разни подзаконски акти кои се поврзани со сите делови на банкарското работење.

Како продолжение на претходната колумна од измината недела, каде меѓу другото обележав дека иако падот на македонската економија како последица на силната динамика на ширењето на пандемијата со Ковид-19, кој се забележа највеќе во вториот квартал од 2020 година изнесуваше нешто помалку од -13%, тој сепак немаше воопшто силно и изразено влијание врз работењето на банките. Според тоа, ваквата состојба бара една поширока анализа за факторите кои допринеле за тоа. За таа цел, како прва на „макроекономскиот пиедестал“ за анализа, ја ставам темата:

Довербата на јавноста во банкарскиот сектор како клучна за малото влијание на падот на македонската економија врз работењето на банките

На почетокот, токму така и го започнав ова писание, со давање на јасни видици за значајноста на довербата на јавноста во македонските банки особено во овој актуелен период на синхронизирана економска криза којашто истовремено ги погодува речиси сите економии во светот. Во насока на ова, логично е да се запрашаме:

На што се должи довербата на јавноста во македонските банки?

Од независните монетрани извештаи, за третиот квартал во годинава која полека изминува (2020) може да се забележи едно засилено намалување на падот на македонската економија од високи -12,7% на -3,3%. Оттука, сум на мисла дека ваквото намалаување ќе ја продолжи динамиката и во послениот квартал од годината, како би очекувеле веќе благи позитивни стапки за движењата во економијата во новата 2021 година.

Имено, како што кажав и погоре, иако вакви негативни амплитуди во економијата, од квартал на квартал, сепак тоа не допринесе банкарскиот систем да има нестабилна позиција. Практично, ако се анализа претходниот (трет) кваратал и овој кој е последен (четврт) во 2020 година со право може да се констатира дека банките ја задржаа нивната стабилност и отпорност на економските шокови. Тука, покрај економските мерките на државата, морам да ја истакнам и улогата на Народната банка. Таа, практично од самиот почеток на кризата (втората поливина на март) е активен чинител преку креирање на услови за намалување на цената на парите, но и активен чинител на ликвидоста во системот. За таа цел, центалниот банкар ослободуваше ликвидност преку благајничките записи на два пати, пред летото вклупно 15 милијарди денари и сега на крајот во последниов месец декемвери, 2020 во износ од 10 милијарди денари. Но, секако во вакви кризни услови на земјата самите чинители на банкарскиот систем – банките, беа креаторите на довербата на јавноста. Тоа го овозможија со претхоно успешно работење во минатото. Практично, денес дојде до израз успешноста и прудентноста во работата на македонските банки во изминатата една цела декада. Поточно, тие со акумулациите на профитите во континуитет, создадоа за себе една слика на доверба во која преовладуваат карактеристиките на силни позиции на капитал и ликвиднот во билансите. За таа цел, подолу, сакам да изнесам неколку факти за ваквите состојби.

Најпрвин би направил една анализа на учесниците во системот. Ајде, да го погледнеме бројот на банките во системот. Намален за една банка, во новата година македонскиот банкарски систем влегува со четиринаесет банки. Од кои, пет банки се големи со актива поголема од (околу) 617 милиони евра, седум се средни банки со актива меѓу 153,6 и 617 милиони евра и три се мали банки со актива помала од 153,6 милиони евра. 

Факт 1: македонските банки покажуваат солвенстност на крајот на 2020 година на исто или слично ниво со претходната годна од пред кризата. Оттука, ако се погледнат статистиките во извештаите на монетрците ќе се види дека адекватноста на капиталот е на исто ниво во споредба со претходната. Во релативни бројки изразена, стапката на адекватност на капиталот на ниво на банкарски систем изнесува околу 17% или нешто под тоа (16.9%) за 2020 година. Во контекст на ова, би подвлекол дека не е најважно тоа што сме далеку на 8% како стапка на солвентност, туку најважно е кога ќе се види -

Што се крие зад тие високи 16,9% адекватност на капиталот?

Тука, немам намера да навлегувам во анализа на Базелските стандарди за адекватноста на капиталот. Си велам, да не станам досаден со пишувањето особено за читателите небанкари, но само ќе истакнам дека основата на високата солвентност изразена преку стапката на адекватност на капиталот, во континуитет во изминава декада, за сите банки се должи на учеството на соптвените средства кои се над 90% од редовниот основен капитал на банките. Да бидам појасен, би рекол дека тука лежи квалитетот и сигурноста на македонските банки. На ова, ако се придодаде дека повеќе од 50% од сопствените средства на банките се „слободни“ над потребното минимално ниво, тогаш справувањето со негативните ризици и кризините епизоди во 2020 година ќе биде полесно за македонските банки, а со тоа ќе се даде придонес кон заздравување на македонската економија во целост.

Факт 2: Инетресен е податокот за читателите ако во анализата на солвенстноста за 2020 година се вметне и податокот за големината на банките. Поточно, при ваква анализа солвентноста преку пресметките на стапката на адекватност на капиталот е најсилна кај малите банки (со нешто повеќе од 18%), па следуваат средните (со нешто под 18%) и големите банки (со нешто под 17%). Ова значи дека за да имате доверба во банката, не треба да игра улога варијаблата - големина на ентитетот.  

За крај, како актуелна на „макроекономскиот пиедестал“ за анализа, ја ставам темата:

Профитабилноста на банкарскиот сектор во функција на одржлив раст на македонската економија и ликвидност на стопанството во 2021 година  

Македонските банки покажуваат добивка за првите три квартали од 2020 година, и тоа повисока во споредба со истиот период лани од пред кризата. Имено, добивката за тековната година изнесува 96,14 милиони евра, додека лани за истиот период таа изнесувала нешто помалку или 94,16 милиони евра. Тоа значи дека за 2,11% нашиот банкарски систем е подобар во текот на оваа кризна година, ако се спореди со изминатата 2019 година во истиот период. Тоа би го ставил како „Факт 3“ во контекст на мојата новогодишна анализа за состојбите на македонскиот банкарски систем.

Структурната анализа внатре во билансите, анализата за профитот по големина на банки, трошоците, како и причинителите за ваквите резултати на нашите банки ги оставам за првата колумна во новата 2021 година. Сега, да си посакаме здравје и само здравје, а за се друго останато ќе направиме сите заедно како систем. На крај, со оваа убава мисла на Мајка Тереза, сакам да изразам честитки за новата година на сите читатели на „ФАКТОР“:  

„НЕ МОЖЕМЕ СИТЕ ДА ПРАВИМЕ ГОЛЕМИ РАБОТИ. НО, СИТЕ МОЖЕМЕ ДА ПРАВИМЕ МАЛИ РАБОТИ СО МНОГУ ЉУБОВ.“

проф. д-р Синиша Наумоски,

директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа во Скопје - Хајделберг Институт

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?