29 Март, 2024
0.1193

Новите европски лидери и Русија – период на релаксација!

Објавено во: Колумни 05 Јули, 2019

Добивај вести на Viber

Лидерите на 28-те членки на ЕУ  по долги перипетии во вторникот вечер во Брисел ги избраа кандидатите за клучните европски лидерски позиции. Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск соопшти дека се усогласени кандидатурите на Германката Урсула фон дер Лајен за претседател на Европската комисија, Белгиецот Шарл Мишел за прв човек на Европскиот совет, Шпанецот Жосеп Борел за прв човек на дипломатијата и Французинката Кристин Лагард за претседател на Европската централна банка.  . На заседание на Европскиот парламент од втор обид за нов претседател беше избран италијанецот Давид Сасоли.

Кандидатурите на некои од овие политичари ќе треба да бидат потврдени и од Европскиот парламент. Особено значаен ќе биде исходот од гласањето за Урсула фон дер Лајен за претседател на Европската комисија со оглед на тоа што овој пат од кандидатурата отпаднаа сите таканаречени „spietzenkandidat“, почнувајќи од Германецот Манфред Вебер, па се до Холанѓанецот Јан Тимерманс.

Што нуди списокот на кандидатите во поглед на идните односи на ЕУ со Русија? Прво станува збор за поединци кои доаѓаат од „стара Европа“. Европа која се конфронтира со Русија, но никогаш не се откажува од дијалог со неа. „Нова Европа“ не доби лидерски позиции во ЕУ. Полска пред се и земјите од Балтикот изминативе години доминираа во градењето на односите со Русија. Особено кога требаше да се воведуваат санкции поради Украина и настаните околу неа, кога се зборуваше за изолација на Русија и сл. . Наспроти нив „старите Европјани“ не ја заобиколуваа Русија. Па изминативе години бевме сведоци на мноштво средби на Емануел Макрон, Ангела Меркел, на Ѓузепе Конте со Владимир Путин, а неодамна во Осака Путин имаше и средба со холандскиот премиер Марк Руте.  Ако се суди според списокот на „старите Европјани“ може да се очекува да настапи период на релаксирање на меѓусебните односи.

Да ја земеме Урсула фон дер Лајен. Со оглед на тоа што таа, ако биде избрана, практично ќе ја креира целата политика на ЕУ ќе биде многу важен нејзиниот однос кон Русија. особено ако се имаат предвид некои нејзини искажувања како министер за одбрана на Германија. Таа изјавуваше дека Путин воопшто не ја цени слабоста, па оттука односот кон Русија треба да биде со пожесток тон. Министерот за одбрана на Русија Сергеј Шојгу ги предупреди Германците. „Ако сакате да разговарате со Русија од позиција на сила, тогаш спомнете ја историјата. Ако лошо сте ја учеле, тогаш прашајте ги дедовците, тие ќе ви раскажат кон што може тоа да доведе“. Ова беше одговор на Шојгу на изјавата на фон дер Лајен дадена на Самит на НАТО, кога таа рече дека во однос на Русија треба да се преземат пожестоки мерки и водење на дијалог од позиција на единство и сила. Зашто послушноста пред Русите и засолнување пред нив нема да ја направи Русија попријателска. Ваквата позиција на Лајен не придонесува за подобрување на односите со Германија одговара Шојгу, додавајќи дека без оглед на тоа што Русија се стреми кон мир, таа нема да трпи такви закани. “"Со оглед на сето она што Германија го направи во однос кон нас, веруваме дека не треба да покренува ваквите прашања уште 200 години", изјави тој. Ароганцијата на Шојгу е претерана. Особено што фон дер Лајен речиси секогаш се залагала за зачувување на дијалогот со Москва во напорите да се решат многу кризи во светот. Таа предупредуваше од „провоцирањето на Русија“, но ги поддржуваше санкциите кон неа. Исто така имаше изјавено дека „руската агресија го променила курсот на Германија“. Фон дер Лајен е за зачувување на договорот за ракетите од краток и среден дострел меѓу САД и Русија, кои веќе се откажаа од него, но ја обвини Русија дека таа го нарушила договорот.

Наредниве денови ќе видиме колку „вундерфрау“ како што ја нарекуваат германската министерка за одбрана во Германија, ќе успее да стане прв човек на ЕУ. Во нејзината земја не ја милуваат многу и велат дека била многу слаб министер за одбрана. Особено социјал-демократите. Но многумина се согласуваат дека најголема пречка за неа нема да биде разноликоста на составот на европскиот парламент, туку бројката од 376 парламентарци кои треба да гласаат за неа.

Ако за многумина кандидатурата на Жозеп Борел од Шпанија за прв човек на европската дипломатија е изненадување, тоа не беше за некои руски експерти кои нему му предвидуваа европска кариера уште кон крајот на мај годинава. И токму на таа позиција. А поводот беше една негова антируска изјава. За која експертите велеа дека е добродојдена во предвечерието на кандидирањето и изборот. Зашто претходно тој имал многу убави зборови за Русија и за соработката со неа.

Во интервју за шпанскоиот медиум elperiodico.com, министерот за надворешни работи  Борел изјави дека „Во суштина сега никна нов свет кој невозможно било да се предвиди пред пет години. Трамп тогаш не беше претседател, го немаше Brexit, кризата со мигрантите, војната во Сирија. Многу работи се променија. Нашиот сојузник ни врти грб. Нашиот стар непријател, Русија, одново вели „Јас сум тука“ и одново претставува закана. А Кина се јавува како наш соперник. Токму затоа Европјаните треба под итно да се обединат...“. Оваа изјава во Москва беше дочекана на нож. Во МНР беше повикан амбасадорот на Шпанија. Зборовите на Борел беа наречени „непријателски“, а неговата изјава нанесува штета на односите меѓу Русија и Шпанија. По ова пак е јави Борел.  Пак за истиот медиум. Па рече дека „Јас не зборував дека Русија е непријател на Шпанија, јас ја имав предвид Европа. Јас реков дека Европа гледа како нејзиниот стар заштитник САД –престанува да ја заштитува и како одново се појавува нејзиниот бивш соперник или непријател, имајќи го предвид СССР“. „Јас исто така зборував за појавувањето на новиот системски конкурент – Кина. Дека трите големи држави кои сега се судираат еден со друг во новата студена војна, немаат односи со Европа како порано“, додаде Борел. Според него „Такви работи се случуваат. Мислам дека Русите многу остро реагираа, ние ги предупредивме за нивната остра реакција и се се нормализира. Ние немаме проблеми“ . Има или нема проблеми не е јасно сега. Но Русите на на Борел му забележуваат дека токму тој е човекот кого Американците го ставиле „во списокот на пријатели на Кремљ“, откако малку се скарал со Мајк Помпео, американскиот државен секретар, кој се залагал „ за потиснување на Москва од Венезуела“.

За белгискиот премиер Шарл Мишел може да се каже дека нема да биде зајадлив кон Русите, како што беше Доналд Туск. Последниов во своите настапи не се однесуваше како прв човек на Европскиот совет, туку, кога стануваше збор за Русија, секогаш од него избликнуваше полското. Вековното соперништво. Хроничарите забележале дека Мишел на средби со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја повикувал Москва да ги исполнува Минските договори, но истовремено изразил надеж за зацврстување на дијалогот на високо ниво меѓу ЕУ и Русија. Лани тој беше во Москва и таму ги поддржа санкциите се до исполнувае на Минските договори. Меѓутоа некои извори на хроничарите велат дека на затворени средби од него можело да се чуе и друго. На пример дека пред година и пол тој го убедувал украинскиот претседател Петар Порошенко дека е време за намалување на санкциониот притисок врз Русија. 

И што може да се очекува по сето ова во односите меѓу ЕУ и Русија? Ако се има предвид се поголемата заинтересираност на европските лидери за средби со Владимир Путин, со што падна во вода политиката на негова изолација можеме да очекуваме дека нема да се копаат нови бразди на поделби. Путин е дури безобразно прагматичен и така ќе се однесува и во иднина. Неговите неодамнешни изјави за приближување на крајот на либерализмот главно беа премолчани од западните политичари. Со чесни исклучоци. Тоа навестува нови теми за дискусии меѓу него и неговите европски партнери. Многу, врз односите со Европа, ќе влијаат и резултатите од скорешните избори во Украина. Како ќе биде составот на идниот парламент и кои ќе бидат приоритетите. Путин вчера беше во Италија и се сретна со премиерот Ѓузепе Конте. Овој изјави дека „му е жал за санкциите“. Можеби тоа значи дека Италија ќе почне да работи  на нивно укинување?

За скоро време со сигурност  ќе ја наеме европската тројка. И ќе видиме колку од она што било во минатото ќе продолжи и колку работите ќе се сменат на подобро. Едно е сигурно. Без Велика Британија во ЕУ на Русија ќе и биде многу полесно.


Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?