14 Јули, 2020
0.0236

Нил Кашкари: Големите американски банки сега треба да соберат капитал од 200 милијарди долари

Објавено во: Финансии, Колумни 21 Април, 2020

Големите банки се желни да бидат дел од решението на кризата од коронавирусот. Најмногу патриотско нешто што денес можат да го сторат ќе биде да престанат да исплаќаат дивиденди и да соберат капитал, да се осигурат дека можат да издржат длабок економски пад. За разлика од остатокот од нас, банките имаат можност суштински да се вакцинираат против оваа криза. Тие треба да го сторат тоа сега.

Кога се појавија финансиски потешкотии во 2007 година, американските официјални лица ги повикаа главните извршни директори на банките да го зголемат капиталот, за да бидат сигурни дека имаат средства за да преживеат криза. Најчестиот одговор беше: „Добро сме. Не ни треба. Нашиот биланс е цврст“. Тие сфатија дека имаат сериозни проблеми дури откако длабоките загуби беа очигледни за сите, особено на финансиските пазари. Во тој момент беше многу потешко, ако не и невозможно, да дојдат до капитал, бидејќи цените на нивните акции веќе беа паднати. И тоа беше кога владите во САД и на други места немаа друг избор освен да пристапат кон нивно спасување со финансиски средства.

Еве како продолжената криза од КОВИД-19 може повторно да ги доведе во ризик банките. Веќе сме слушнале приказни за тоа како малите бизниси во САД, откако отпуштиле персонал, им кажуваат на земјосопствениците дека нема да плаќаат закупнини сè додека не помине кризата. Земјосопствениците потоа им кажуваат на своите банкари дека нема да ја извршат исплатата на хипотеката. Помножете го овој пример со илјадници. Економските трошоци на кризата на крајот се зголемуваат во банкарскиот сектор.

Банките треба да ја платат каматата на сопствените обврски, како што се депозитите. Значи, тие мора да ги платат своите доверители додека ги апсорбираат загубите од нивниот капитал. Додека банките денес имаат поголем капитал отколку кога влегоа во финансиската криза во 2008 година, заклучоците се дека може да се појават економски потешкотии многу побрзо овој пат.

Едноставно не знаеме колку ќе бидат големи загубите од оваа криза, бидејќи длабочината и времетраењето на падот зависи од тоа како вирусот ќе напредува и како реагираат нашите здравствени системи. Експертите велат дека вакцината нема да биде готова следните 18 месеци. Дали побрзо ќе се појават нови терапии што ќе ни овозможат да го релаксираме економското исклучување додека сè уште ги штитиме луѓето? Никој не знае.

Не е тешко да се видат сценарија според кои ќе бидат наметнати некои економски контроли уште неколку месеци. Во 2009 година, според Центрите за контрола и спречување на болести, 61 милиони Американци, или приближно 20 проценти од населението, се занимавале со свински грип. За среќа, стапката на смртност беше мала. Сè уште има огромна неизвесност околу стапката на смртност на КОВИД-19.

Дури и ако владините службеници ги релаксираат официјалните контроли, дали доколку вирусот продолжи да се шири брзо, Американците социјално ќе се дистанцираат самостојно меѓу себе. Повеќето луѓе нема да ги изложуваат своите семејства на сериозни здравствени ризици ако можат да го избегнат тоа.

Продолжениот економски пад може лесно да го потроши тековниот капитал на банките. Моделирањето на стрес-тест од страна на ФЕД Банката во Минеаполис покажува дека во најтешките сценарија на КОВИД-19, големите банки, оние со актива поголема од 100 милијарди американски долари, заедно би можеле да загубат стотици милијарди долари капитал.

Банките тврдат дека оваа криза не е нивна вина, повеќе од што тоа е вина на авиокомпаниите или хотелските оператори. Па, зошто не треба да добијат финансиска помош? Постои важна разлика: овде можеме да видиме дека овој ризик доаѓа и банките имаат време да се подготват за тоа. Авиокомпаниите и хотелските компании немаа претходно предупредување.

Сите други прават необични работи. Луѓето остануваат дома и ги жртвуваат своите средства за живот за да го забават вирусот. Здравствените работници работат ноќ и ден за да се грижат за болните, додека потенцијално се изложуваат себеси на болеста. Конгресот штотуку донесе пакет за спасување вреден две илјади милијарди американски долари. Федералните резерви започнаа бројни програми за итни заеми. Банките мора да го сторат својот дел со прекинување на дивидендите и со собирање на капитал во овој период.

Во 2008 година, американските даночни обврзници инјектираа околу 200 милијарди американски долари капитал за зајакнување на банките. Тоа што сумата што се зема од приватните инвеститори денеска е многу зголемена, како силна, превентивна мерка, ќе обезбеди големите банки да можат да ја поддржат економијата, преку широк спектар на сценарија.

Ако кризата испадне помалку сериозна отколку што се плашиме, банките можат повторно да ги поделат дивидендите откако ќе помине кризата. Потоа ниен ќе ја славиме нивната акција за поддршка на јавноста за време на национален итен случај. Бидејќи банкарите сакаат да им кажат на своите клиенти: никој не се кае за подигнување на капиталот.

Нил Кашкари, претседател на ФЕД Банката во Минеаполис

Можеби ќе ве интересира

Народната банка е добитник на наградата на „Комерцбанк“

Народната банка е добитник на наградата на „Комерцбанк“