„НИЕ ЌЕ СЕ СТРЕМИМЕ ЗА ПОДОМАЌИНСКО РАБОТЕЊЕ, НО И ЗАЦВРСТУВАЊЕ НА ПРОИЗВОДСТВОТО НА ЕНЕРГЕТИКАТА“: Божиновска за корупцијата и енергетиката
Објавено во: Економија 13 Септември, 2024
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, во интервју за „Глас на Америка“, вели дека при посетата на САД, акцентот бил ставен на справувањето со корупцијата.
„Остваривме средба со Александар Касанов. Тој нагласи дека САД се секогаш пријатели, и секогаш се тука да ни помогнат. Најголем акцент беше ставен на справување со корупцијата. Тие се следат, се знаат, ги знаат приликите кај нас. Зборувавме и за енергетската независност. Откако започна руската војна против Украина, Европа се стреми кон енергетски алтернативи и изнаоѓање алтернативни решенија. Исто така беше дискутирано и за гас конекторот со Грција, и евентуално гас-конектор со Србија. Работите мора да се помрднат. Ние сме нова Влада, веќе два месеци. Го сменивме менаџментот, во областа на енергетиката. Имаме ново раководство во ЕСМ и во МЕПСО. Имаме и ревизорски извештаи и наскоро ќе имаме увид што се е направено. Се надевам дека ќе се бара некоја одговорност. Ние ќе се стремиме за подомаќински начин на работење, но и да го зацврстиме производството на енергетиката“, рече таа.
На прашање на „Глас на Америка“, дали земјава успеала да најде алтернативни начини за добивање енергија, Божиновска одговара дека „за жал во последните седум години, приватно се изградија фото-централи. Македонија нема изградено свои енергетски капацитети. Ние ќе се обидеме да направиме ревизија на досегашните проекти и Македонија сама да има енергетски капацитети. Енергетиката не е нешто што се планира од денес за утре, тоа е долгорочно. Прво ќе го зајакнеме нашето производство па ќе направиме чекор кон зелена транзиција, но за се е потребно време, а ѝ пари“.