19 Октомври, 2019
0.0225

Незадоволство што Јанева има адвокат кој е бранител и во „Империја“, истрагата статус кво

Објавено во: Анализа 21 Август, 2019

Катица Јанева откако вчера неколку часа даваше исказ во Основното јавно обвинителство истакна дека ако има судење се ќе биде објаснето за нејзиното учество во предметот „Рекет“. Речиси на нејзиното лице да не се забележуваше вознемиреност или некаква тежина, како оваа изјава да е вообичаена и слична на нејзини стотици изјави пред камерите досега, па дури и со доза на самоувереност. Дали ќе биде се во ред за Катица Јанева во оваа фаза на постапката? Очигледно дека засега нема спектакуларни потези од страна на органите на прогонот иако чаршијата шпекулираше дека ќе следеле големи притворања и апсења.

За дел од стручната јавност најпроблематичен дел во сведочењето на Катица Јанева кај незината колешка Вилма Рускоска беше тоа што се појави со адвокат, и тоа еден од бранителите на обвинет во предметот „Империја“.

„Прво, проблематично е што е воопшто со адвокат, ама тоа е помалиот проблем. Поголемиот проблем е што е со адвокат кој е бранител на еден од обвинетите во предмет кој таа го гони. Согласно законската дефиниција, под судир на интереси се подразбира состојба во која службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасното вршење на неговите јавни овластувања или службени должности“, напиша адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска.

Други пак иронично коментираат дека Катица Јанева имала можност да се увери лично во самата постапка колку е добар адвокатот па затоа го ангажирала за да добие соодветна правна помош на што секако има целосно право како и секој друг граѓанин на Република Северна Македонија.

Овој момент не остана покуса да го искористи ниту опозицијата, обвинувајќи дека засега целиот процес кој го води ОЈО за сомнежите за рекет вреден милиони евра во кои се осомничени засега само контроверзниот сопственик на 1ТВ Боки 13 и Зоки Кичеец се претвора во фарса.

Катица Јанева доаѓа да даде исказ како сведок во присуство на адвокат!  И тоа не било кој, туку адвокат на еден од таргетите во случајот „Империја“, случај кој што е конструиран по истекот на законскиот рок за постапување на СЈО, само и само за да се рекетираат бизнисмените.

„Нема поголема иронија и нема поголемо потценување на интелигенцијата на граѓаните. Доколку Катица Јанева сакаше да и помогне на истрагата како што вели, да дојде до главата на октоподот ќе отидеше сама, ќе соработуваше и ќе кажеше се што знае за оние кои што ги нарачале сите овие рекети. За тоа не и треба адвокат. Адвокатот и треба само за да се прикријат дупките и за да се има контрола врз се она што ќе каже, бидејќи очигледно Катица Јанева нема сама капацитет да отиде и да даде исказ во обвинителство. Апсурдот да биде поголем, истата Катица Јанева во СЈО не дозволува присуство на адвокати кога се сослушуваат сведоци со едноставно образложение дека не станува збор за лица кои се предмет на истрагата. Или СЈО го злоупотребува Законот за кривична постапка или Вилма Русковска. Трето нема! Факт е дека правдата и процедурите не се еднакви за сите. За циркусот да биде целосен, Катица Јанева која е повикана лично како сведок, на сослушувањето доаѓа со службено возило и личен возач, демонстрирајќи сила и моќ. Класична злоупотреба на ресурсите кои ги плаќаат граѓаните“ истакна Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Засега ОЈО не соопштува дали има нови моменти во истрагата за случајот „Рекет“ и кои ќе бидат следните чекори. Од власта немаше никакви коментари за сведочењето на Јанева, ниту возвратна реакција кон ставовите на опозицијата.


Х.С.