Непознат Грк го презеде МИК Свети Николе
Објавено во: Економија 08 Октомври, 2024
Гркот Анастасиос Каранастасис од Кожани, релативно непознат во бизнис круговите, презеде доминантна контрола над МИК Свети Николе, втората најголема индустрија за преработка на месни производи по „Пекабеско“.
Каранастасис во август станува главен сопственик на скопската трговска фирма Сиива Доо, претпријатие во чија сопственост е една од најголемите компании во Овчеполието - Месна индустрија и кланица (МИК) Свети Николе, преземајќи го уделот на Сузана Ѓоргиевска Димитрова од Бризбејн.
Со тоа грчкиот државјанин како новопечен бизнисмен во Македонија добива удел од 80 отсто од „Сиива“, која пак досега учествуваше со 67,3 проценти во сопственичката структура на МИК Свети Николе како единствено правно лице. Потоа, на почетокот на месецов „Сиива“ предводена од Каранастасис го презема и уделот од 32 отсто на скопјанецот Влатко Ѓоргиевски, единствениот досегашен профилиран сопственик на оваа месна индустрија. Со тоа може да се каже дека Каранастасис и неговиот малцински партнер од „Сиива“ речиси 100 отсто го контролираат овчеполскиот гигант. Инаку заедничкиот вложен капитал на Ѓоргиевски и „Сиива“ што досега во оваа индустрија го имаа изнесуваше околу 1,7 милиони евра.
Минатата година „Месна индустрија и кланица Свети Николе“ оствари приход од 12 милиони евра и минимална добивка од 5.000 евра со 154 вработени и финансиски обврски (долг кон банки) од 6 милиони евра. „Сиива“ како трговска фирма со 69 вработени во 2023 оствари приходи од 6,2 милиони евра и добивка од 45.000 евра.
Компанијата најмногу позната по сувомеснатите производи, успешно се приватизира и преструктуира во транзицијата и го најде своето место пред се на домашниот пазар. Важи за друштво со најдолга традиција во месната индустрија во земјата после 65 години постоење.
Основана во 1960 година, „МИК“ - Свети Николе е една од водечките компании кои се брендирани македонски производители на месо, со разновидна база на потрошувачи и широк асортиман на производи од месо, кој вклучува трајни и полутрајни месни преработки, свежо месо и конзервирани месни производи.
А.К.