НЕМА ВЕЌЕ ЛЕСНО ИСКЛУЧУВАЊЕ ОД ПАРНО - кој сака да се приклучи, може веднаш
Објавено во: Економија 19 Февруари, 2020
Нема веќе едноставно исклучување од системот на парно греење.
Ова следува откако властите го укинаа паушалот кој претходно го плаќаа исклучените граѓани од парно, но и откако беше намален данокот на додадена вредност за сметките за топлинска енергија, од 18 отсто, на повластената стапка од 5 проценти.
Граѓаните за да се исклучат од парно, веќе од вчера, мора да докажуваат дека ќе се топлат на подобар енергенс, предвидува Законот за енергетска ефикасност кој стапи на сила.
„Граѓаните приклучен на системот на топлинска енергија ќе има можност да се исклучат од системот за греење само во случај кога новиот систем на кој планираат да се приклучат обезбедува подобри енергетски перформанси“, велат од Министерството за економија кое го подготви ова законско решение.
Исто така, овие граѓани ќе треба да обезбедат писмена согласност за исклучување од системот за централно греење од мнозинството од вкупниот број сопственици на зградата.