29 Март, 2024
0.0263

Нема напредок без намалување на трговскиот дефицит

Објавено во: Колумни 25 Октомври, 2012

Добивај вести на Viber

Граѓаните може да се надеваат на подобра економска иднина доколку се спроведе долгорочна стратегија за намалување на огромниот минус во размената со странство. Трговскиот дефицит, односно вкупниот извоз минус вкупниот увоз стана најголем структурален проблем  за македонската економија. Трговскиот дефицит на Република Македонија, од 650 милион евра во 2000 година, порасна до фанстастични 1 милијарда и 680 милиони евра во 2011 година. Но, како резултат на експанзивната и неизбалансирана фискална политика, трговскиот дефицит екстремно почна да се зголемува во последните шест години.  Во 2005 година изнесуваше 860 милиони евра, меѓутоа, од 2006 година наваму, трговскиот дефицит почна нагло да се зголемува, при што во 2008 година, дефицитот постигна неславен рекорд од 1 милијарда 760 милиони евра. Добар дел од минусот во трговската размена со странство  се финансира(плаќа) благодарејќи на девизните трансфери и дознаки од странство. Ама сепак не е случајно што во последниве шест години вкупниот надворешен девизен долг на Република Македонија е дуплиран. Од 2 милијарди и 500 милиони евра на крајот на 2005, долгот порасна до фанстастични 5 милијарди евра при крајот на 2011 година. Ако се анализира периодот од 2006 до 2011 година, просечниот трговски дефицит изнесува околу 1 милијарда 440 милиони евра по година. За шест годишниот период од  2000 до 2005 година, просечниот трговски дефицит изнесуваше 760 милиони евра по година. Тоа значи дека во последниве шест години, вкупниот(кумулативен) трговски дефицит на Република Македонија е за 4 милијарди и 80 милиони евра поголем од трговскиот дефицит за претходниот шест годишен период од 2000 до 2005 година. Сликата за тежината на ударот врз македонската економија од огромниот минус во размената со странство, се комплетира ако го анализираме таканаречениот показател “Однос на трговијата”. “Однос на трговијата” е важен концепт за анализа за конкурентноста на  економијата во однос на меѓународната трговија. “Однос на трговијата” се изразува како индексен број кој покажува промени  во текот на времето за количината на увоз која може да се купи со дадена количина на извоз. Како пример, извоз на 10 000 тони домати и увоз на 1 000 тона нафта во 2000 година е сосема исто како извоз на 10 000 тони домати и увоз на 1 000 тона нафта во 2011 година. Односно, станува збор за исти производи и иста количина. Но, релативната промена во цените на едниот и другиот производ во текот на времето покажува дали за извоз на 10 000 тони домати може да се плати поголем или помал увоз на нафта споредено со основната година од кога индексот почнува. “Однос на Трговијата” е просечната цена на увозните цени споредено со просечната цена на извозните цени. Ако производите кои македонската економија ги изезува добиват повисока цена во текот на времето споредено со просечните цени на производите кои македонската економија ги увезува, тогаш македонската економија добива поголем прилив на девизи со кои може да се купи поголема количина на увоз. Основната година за споредба на “Однос на Трговијата” се вреднува со 100. Понатамошните споредби со основната година ја покажуваат процентуалната добивка (доколку индексот е преку 100) или загуба (доколку индексот е под 100) за колку државата може да увезува со дадена количина на извоз. Ова, се разбира, се комплексни калкулации, но за среќа оделот за статистика на Обединетите Нации ги калкулира токму овие податоци за секоја земја, користејќи ги податоците за светската трговија од Светската Банка. Објавените податоци за индексот на “Однос на трговијата” на македонската економија од страна на Обединетите Нации се следните: Година     2000       2001       2002       2003       2004       2005 Индекс    100.00    99.00     98.60     96.60     95.60     94.30 Година     2006       2007       2008       2009       2010       2011 Индекс     92.50      92.20     91.10        95.30     91.35     86.68 Овој индекс јасно покажува дека просечните цени на извозот на производи на македонската еконономија стануваат се пониски и пониски споредено со проесчните цени на увозот на производи во Македонија. Наглото зголемување на овој индекс во 2009 година претежно се должи на светската економска криза кога цените на нафта и електрична енергија нагло паднаа, но потоа повторно се зголемија во 2010 година. Значи, индексот на “Однос на Трговијата” на македонската економија покажува дека денес, со дадена количина на извоз на производи од македонската економија се увезува  14 проценти помалку количина на увозни производи во споредба со 2000 година. Оваа покажува дека македонските производи кои се извезуваат не се конкурентни на светските пазари. Нашите производи со текот на времето не привлекуваат повисоки релативни цени во споредба со производите кои македонската економија ги увезува. Оваа пак значи дека доколку увезуваме исти или поголеми количини на производи во споредба со 2000 година, вредноста на трговскиот дефицит ќе се зголемува. Треба да е јасно, дека наглото зголемување на трговскиот дефицит во последните шест години, комбинирано со континуираното опаѓање на индексот на “Однос на трговијата” екстремно ја осиромашува македонската економија и македонските граѓани. Ако најитно не се спроведе долгорочна стратегија за намалување на трговскиот дефицит и зголемување на индексот на “Однос на трговијата”, најдоброто на кое граѓаните можат да се надеват на економски план, е отприлика тоа што веќе го гледат во изминатите десет години. Даниел Дончев Авторот е економски аналитичар

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?