Нема апанажа за Катица Јанева
Објавено во: Македонија 06 Декември, 2019
Во Собранието денеска е одбиено барањето за апанажа на поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева.
Членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата едногласно го одбија барањето за апанажа на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева.
На седницата беше констатирано од формално правен аспект дека не постојат причини за прифаќање на барањето, затоа што таа не е избрана од Собранието.
Јанева е обвинета во случајот „Рекет“.
Пратеничката Ивана Туфегџиќ е разочарана од тоа што поранешната шефица на СЈО, Јанева побарала апанажа.
„Дрскоста на Јанева да побара апанажа мене ми укажува на тоа дека оваа држава има проблем со избирање на личности. Мене ми е жал што денеска морам да констатирам уште една дрскост. Јанева како секој граѓанин има пресумпција на невиност и верувам дека во фер постапка ќе ја докаже својата невиност или вина“, рече Туфегџиќ.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски смета дека обвинетата во случајот „Рекет“, Катица Јанева треба да проговори јавно во судскиот процес за целата афера.Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова прашува дали Јанева има образ да бара апанажа.
Јанева засега не признава вина, иако тоа го стори Зоран Милевски Кичеец, обвинет во „Рекет“, кој доби три години затвор.