07 Март, 2021
0.0187

Неделен Фактор - Не ја признавам колумнава ако нема 2.000 лајкови

Објавено во: Колумни 24 Јануари, 2021

Дали ќе ни биде полесно на сите ако веќе се помириме со фактот дека не живееме во држава туку во една хибридна феудална касаба?

Дали ако престанеме да се лажеме дека тие кои останале тука се моќни колку толку да направат некакви промени кои ќе значат поздрава средина во која нема да не трујат, и еколошки и политички, ќе ни овозможи да не се фрустрираме?

Дали треба да ја признаам колумнава ако нема 2.000 лајкови?

Ниските удари по граѓанската интелигенција никако да престанат бидејќи граѓанска интелигенција како и воопшто да ја нема. И тука не се мисли на острите и духовити коментари и статуси на Фејсбук, таму сите се граѓански активисти. Исто како и со лајковите, виртуелната валидација на нечиј став е најмал успех, доволен само инстантно да го погали нашето его, но откако ќе се одлогираме повторно ќе се вратиме на истото сивило, и од загадениот воздух и од загадената политичка атмосфера.

Ако живееме во една голема илузија зад која стојат милиони бомби дали тоа значи дека виртуелното не е само на социјалните мрежи, туку и во фасадата која ни ја соѕидаа нашите политичари и мафијашките елити?

Вистината за Македонија, никако да излезе на виделина, бидејќи зад следното видео или пост стои нов прислушуван материјал, ново бомбастично откритие за нискоста на политичарите и криминално-корумпираните елити.

Ако сме се согласиле да ни се рушат илузиите дека зад изречените затворски пресуди стои правната држава, ако зад изборната казна од народот стои дебел дил на спротивставените страни и ако зад пописот навистина стои весела партиско-коалициска математика, тогаш зошто воопшто ни се потребни признавања или легитимитет на процесите? Зошто воопшто ни се потребни милиони евра во операција која однапред е осудена на пропаст, а истата може да се реализира и со согласност на поглавиците. Зошто воопшто да се водат судски процеси во кои и онака никој нема да верува во пресудите ако се уште се сомнева дека има бомби кои се кријат или во најмала рака биле политички злоупотребени.

Некои не признаваат ништо друго, освен судот на нивната партија, некои не признаваат попис ако не се совпаѓа со нивната замислена националистичка проекција, некои не признаваат колумни без илјадници лајкови. Некои уште не признаваат дека Македонија не е држава, туку хибридна феудална касаба.

Во ред може тука и да се застане, тивко да си ги лижеме раните и да ја проколнеме судбата тешка. Но, никако не смееме да оставиме јаловост, после нас потоп. Без слобода на комуникацијата, без страв од уцени и закани, без простор за ослободување на вистини, без оглед колку тие и да болат, нема да дочекаме плодност и општествена катарза која ќе го препороди македонското општество.

Но, за тоа ќе треба време, храброст и упорност на тие што останале тука, дека не се залудни субјекти кои не се снашле во белиот свет.

Можеби и се што ни се случи во последните седум години, сите надежи и разочарување, сите борби и порази, сите неуспеси за изградба на институции и вистинско граѓанско движење, беа и добредојдени ако се канализираат во решителност на бескомпромисните, колку и да се тие малку на број.

Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

Вирусот, банките и копнежот

Вирусот, банките и копнежот

Односите на Русија и Европската Унија во лер

Односите на Русија и Европската Унија во лер

Бугарскиот пасош, остана последната надеж за Македонецот!

Бугарскиот пасош, остана последната надеж за Македонецот!