19 Април, 2024
0.0281

Не плашете се од осаменоста... на карантинот

Објавено во: Колумни 21 Март, 2020

Добивај вести на Viber

Државава веќе втора недела се соочува со вонредна состојба! Тоа, сите нас на стави во вонреден режим на работа. Одеднаш животот се промени...на полошо. Но, во секој случај сите одеднаш јасно сфативме колку поединецот во својата суштина е zoonpolitikon и колку нужно е суштество – упатено - на другиот. 

Колку многу се открива себе си само и само низ другиот. Можеби контрадикторно – но нам другиот ни треба заради себе си. Во вакви услови на изолација, сега сме оставени главно самите на себе си и самите со себе.

Но, тоа можеби и не е најлошото, затоа што понекогаш е нужно човек да биде сам, да се соочи со себе си, со сопствените ангели и демони. Философите најдобро го знаат тоа. На погорната Аристотелова дефиниција дека човекот е социјално суштество (zoonpolitikon), и дека за да се живее сам човек треба да е или животно или Бог, Ниче реплицира – или философ! Философот е далеку од Бог, не дај Боже животно, но сепак е суштество на самотијата. Во таа смисла, состојбата на карантизација можеби eнај-философската состојба на духот што денешната заедницата може да ја искуси. Конечно, философската утопија, интристичната философска состојба се живее во реалноста.

Затоа, не плашете се од самотијата, драги мои, таа е чекан што го кали вашиот внатрешен вулкан. Тоа е каменот од кој се бруси нашиот животен меч! Само под тој притисок на загледаност во самиот себе си, се соочувате со самиот себе си. Гледајте го ова како одлична можност за самоспознание. Впрочем, само во тие и такви мигови ќе ја сфатите последната основа на секоја една егзистенција – колку и да сме социјални суштество, во својата длабока суштина ние сме осамени суштества. Сами доаѓаме, сами заминуваме. И само за миг, тоа кратко растојание, таа кратка отсечка помеѓу тие две точки на доаѓање и заминување, ја исполнуваме со социјални контакти, можеби токму само заради желбата да го заборавиме овој тегобен факт на нашата нужна осаменост. Затоа, во тие кратки мигови на соочување со самиот себе си најсилно ја чувстуваме оваа агонија на егзистенцијата.

Но, токму ваквите мигови се одлична прилика да се нурнеме во внатрешните и можеби единствено вистинските слоеви на нашата егзистенција. Впрочем, човекот е двојно суштество, суштество на два света: на надворешен и внатрешен. Сите имаме два света, делиме две судбини, живееме две времиња. Без непотребни психологизации, на сите ни е јасна дистинкцијата и јасна разликата помеѓу нашиот внатрешен свет и светот надвор. Ние интимно силно ја чувствуваме таа разлика, таа несогласност помеѓу субјектот и објектот. Исто како што споделуваме две судбини – една, нашата, интимната, другата надворешната, онаа за светот. И тие многу често не се поклопуваат, впрочем, како што би рекол Кјеркегард: кога за себе си бев сè, за светот бев ништо и обратно, кога за светот сме сè, чувствуваме дека за себе си сме ништо. Она што за светот е свето, за нашата интима е профано. И конечно, исто е и со времето – сите ја чувствуваме разликата помеѓу нашето, егзистенцијалното време и надворешното, физикото, историското време. Нашето, егзистенцијалното време е она во кое е омеѓена нашата лична егзистенција, надворешното е она по кое го организираме социјалниот живот.  

И затоа, овој период можеби е најдобро време за нашето време, за нашата лична судба, за нашиот свет, за лично самосоздавање. Впрочем, ова е иделано време за тоа, затоа што самосоздавањето на личноста е спротивставување, борба против сè што е надворешно, борба со светот, бунт против поробувачкиот конформизам на плотта. Согласувањето со светот е ропство, бунтот против него е слобода. А само во слободата никне личноста. Личноста е слобода, творечка слобода на самосоздавање. Можеме и да се согласиме со светот, да го прифатиме и тоа секако ќе ја намали болката што личноста ја чувствува, но тоа значи согласување со ропството. Спремноста за слобода, значи спремност за болка. Не плашете се од болката - тоа значи раѓање на личноста. Откажувањето од слободата значи наша целосна согласност со даденоста на светот, негово целосно прифаќање и тоа секако значи помалку страдање, но и помалку слобода, помалку личност.

Секој човек има два пата: едниот надвор, едниот внатре. Едниот кон светот на објектите, другиот кон субјектот, кон себе. Целосно втопен поединец во светот надвор, значи целосно социјално дресиран поединец, целосно објективизиран поединец, безличен. Па погледнете ги денес стандардите за убавина, погледнете ги холивудските „убавици“ – па тие сите личат една на друга, како да се извадени на фабричка лента: сите имаат исти усни, иста насмевка, исти гради... тоа се скулптури и тоа лоши, таму нема личност! Вториот пат е патот кон себе си, пат кон творечко надминување, постојано создавање на себе си, автентичност и слобода. Личноста е исклучок, инцидент, пробив во светот на објектите, надвор од сите закони, па надвор и од сиот востановен морал! Човек или ќе се надминува или ќе се втопи со светот – трето нема!

Затоа, не плашете се драги мои од осаменоста! Не плашете се од сопствените ангели и демони. Особено од вашите демони! Впрочем, како што знаеше да каже Ниче: „оној кој што се бори со демони, треба да биде внимателен да не стане демон! Ако доволно долго се загледате во амбисот, и амбисот погледнува назад во вас!

Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок