24 Април, 2024
0.0271

НАТО, НИЕ И 5Г ТЕХНОЛОГИЈАТА - како Македонија ќе се справи со предизвикот

Објавено во: Економија 20 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

Ќе се наметнуваат ли нови безбедносни барања и услови за земјава, како наближува влезот во НАТО, кој треба да се случи во првиот квартал наредната година?

Дилемите ги отвори лично првиот човек на Алијансата, Јенс Столтенберг, кој во интервју за Гласот на Амрерика на српски јазик нагласи дека земјите што се членки на НАТО или се стремат да влезат во тој сојуз, како што е Северна Македонија, мора да ги исполнат стандардите, вклучително и безбеден и сигурен начин на комуникација.

„Постојат барања што мора да бидат исполнети кога станува збор за граѓанската инфраструктура и телекомуникациите, како што е технологијата 5Г“, рече Столтенберг, но потенцираше дека овие барања не важат за земји кои не се членки.

Тоа во земјава ги отвори дилемите дали земјава ќе мора да ја воспостави 5Г технологијата како услов за влез во НАТО.

Од Министерството за одбрана за Фактор децидно тврдат дека 5Г мрежата не е услов за членство на земјава во Алијансата. Потенцираат дека всушност и самиот генерален секретар на НАТО, Столтенберг, не го наведува тоа во интервјуто. Напротив, условот на НАТО е дека доколку државите користат таква мрежа - таа да мора да биде безбедна.

„Интервјуто на генералниот секретар Столтенберг беше погрешно разбрано. Воспоставувањето на 5Г мрежата не е услов за членство во НАТО, туку услов е доколку државите имаат таква мрежа, таа да биде безбедна, односно да гарантира безбедност на информациите што се пренесуваат“, велат од Министерството за одбрана.

Сашо Димитријоски, директор на АЕК, нагласува дека радиофрекфентниот спектар потребен за воведување на 5Г мобилни мрежи во Македонија, е слободен, и може веднаш да им биде понуден за користење на операторите. 

Според него, во поразвиените економии операторите плаќаат значителна сума за еднократниот надоместок за користење на радиофрекфенциите, на пример во Италија и во Германија. Во земјава, пак, се очекува еднократниот надоместок да биде значително помал, земајќи ја предвид големината на популацијата и нејзината економска моќ.

Агенцијата за електронски комуникации, објаснува Димитријоски, иднта година ќе спроведе постапка на јавен тендер со јавно наддавање, за доделување на радиофрекфенциски опсези за воведување на 5Г мобилни мрежи.

„Радиофрекфенциските опсези за 5Г мобилни мрежи ќе бидат издадени во постапка на јавен тендер со јавно наддавање, каде што операторите ќе можат сами да учествуваат во определувањето на комерцијалната вредност на радиофрекфенциските опсези, преку јавно наддавање“, нагласува Димитријоски.

Првиот човек на АЕК објаснува дека согласно акцискиот план за 5Г на Европската Комисија, до 2020 година барем во еден поголем град во секоја земја членка на ЕУ треба да бидат воведени 5Г комерцијални мрежи, а до 2025 година 5Г мобилните мрежи треба да бидат достапни до сите урбани подрачја и поголеми транспортни линии. Моменталното ниво на имплементација на 5Г мобилните мрежи во Европа е ограничено во неколку земји. Во Германија, Водафон и Дојче Телеком имаат делумно покривање само во неколку поголеми градови, како Берлин, Франкфурт, Хамбург, Минхен и други. Во Ирска, Италија, Романија и Велика Британија ситуацијата е слична.

„Во останатите европски земји, операторите спроведуваат тестирање на мобилните 5Г мрежи, како што е случајот и во Македонија, каде што операторите А1 и Македонски Телеком Ад Скопје од скоро поседуваат привремени одобренија за тестирање на 5Г мрежи. За широка употреба на 5Г мобилните мрежи неопходна е широка поддржаност на мобилните терминални уреди, што не е случај во моментов, но како што созрева технологијата, така и поддршката од производителите на мобилни терминални уреди се зголемува. Во моментов само неколку компании произведуваат ограничени модели на 5Г компатибилни телефони. На пример, еден од најголемите производители на мобилни уреди ја најави нивната подршка за 5Г технологиите дури во 2020 година“, вели Димитријоски.

Од друга страна, потенцира, за да бидат операторите мотивирани да инвестираат во 5Г мобилните мрежи, потребна е значителна поголема побарувачка за побрз пристап до интернет од страна на корисниците на мобилните електронски комуникациски услуги.

„Во моментов, ниту во Македонија, ниту во останатите европски земји не постои доволно големо ниво на искористеност на постарите мобилни мрежи (3Г и 4Г) за да е неопходно итно инвестирање во нови технологии за побрз пристап до интернет“, објаснува Димитријоски.

Операторите велат дека се подготвуваат за оваа технологија.

Од Телеком нагласуваат дека на стартот на идната година ќе почнат тестирањата, што ќе помогне да се донесе одлука кога да се стартува со комерцијалната фаза.

„Македонски Телеком се подготвува за воведување на оваа технологија веќе неколку години наназад, со мултимилионски инвестиции за изградба на нов еко систем/инфраструктура. Работиме интензивно на тестна имплементација и планираме напочетокот на 2020 да имаме тестна платформа, која ќе ни помогне да добиеме искуства во реално опкружување и да ги евалуираме најперспективните бизнис модели. Во зависност од тестирањата кои ќе ги вршиме во текот на наредната година ќе донесеме одлука за тоа кога ќе биде вистинскиот момент да се влезе во комерцијалната фаза. Очекуваме финализацијата на 5Г стандарот да се случи во наредните неколку години, a целосна имплементација на 5Г со сите напредни функционалности се очекува околу 2025 година“, велат за Фактор од Македонски телеком.

Од А1 Македонија, пак, потенцираат дека успешно ја завршиле првата фаза на тестирање на примена на комерцијална 5Г технологија во државата. Тестовите ги потврдиле очекувањата и можностите на оваа технологија, во насока на остварување огромни битски брзини, многу ниски латенции и можност за поврзување на интернет на огромен број уреди.

„Со напорни и интензивни подготовки во минатиот период, развивме интерни компетенции и овозможивме високо ниво на технолошка подготвеност за комерцијално воведување на 5Г. Минатиот месец ја известивме јавноста дека го реализиравме првиот 5Г повик во тестна мрежа на А1 Македонија, и со тоа потврдивме дека како компанија сме подготвени да продолжиме со следните чекори во воведување на најновата мобилна технологија од петтата генерација. Наскоро ќе го демонстрираме техничкиот потенцијал и иновативните промени на оваа најнова, револуционерна технологија“, изјави Божидар Полдругач, директор на одделот за техника во А1 Македонија.

А зошто Алијансата бара поголема безбедност на комуникациите, говореше самиот Столтенберг пред неколку дена. Тој предупреди дека напредокот на Кина во 5Г безжични мрежи, е закана за НАТО и светската безбедност.

„Напредните технологии доаѓаат од земји што се надвор од НАТО алијансата, особено од Кина“, рече Столтенберг во говорот на Форумот за индустрија на НАТО во Вашингтон. Тој истакна дека Кина е во состојба да собере огромни количини на податоци, користејќи препознавање на лицето и други технологии „не само од Кина, туку од целиот свет, вклучително и од сојузничките земји на НАТО“.

Мајкл Кратсиос, главен службеник за технологија на Соединетите држави, пак, неодамна повика дека земјите од целиот свет треба да се осигурат дека новите технологии како 5Г се развиваат на начин што ја промовира довербата на јавноста, ги штити граѓанските слободи, и ги почитува приватноста и достоинството на секој поединец.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

КОИ СЕ БРАТОТ И СЕСТРАТА КОИ ЌЕ ДОБИЈАТ ДИВИДЕНДА ОД ПО 260 ИЛЈАДИ ЕВРА, А ИМА И ОД НАГРАДИ - од пиво добро се живее во Македонија

КОИ СЕ БРАТОТ И СЕСТРАТА КОИ ЌЕ ДОБИЈАТ ДИВИДЕНДА ОД ПО 260 ИЛЈАДИ ЕВРА, А ИМА И ОД НАГРАДИ - од пиво добро се живее во Македонија

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Во која бранша заработуваат најмногу?

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Во која бранша заработуваат најмногу?

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?

ГЕРМАНСКИ СИНЏИР ГИ ОТВОРА СВОИТЕ ПРВИ СУПЕРМАРКЕТИ ВО СРБИЈА - еве каде сѐ ги има и каква храна ќе се продава

ГЕРМАНСКИ СИНЏИР ГИ ОТВОРА СВОИТЕ ПРВИ СУПЕРМАРКЕТИ ВО СРБИЈА - еве каде сѐ ги има и каква храна ќе се продава