Нано Ружин: Ако ЕУ продолжи да биде индиферентна, секој политичар ќе бара алтернатива
Објавено во: Македонија 17 Октомври, 2019
Професорот по политички науки Нано Ружин во емисијата „10 Минути“ на ТВ21 рече дека секој политичар ќе посегне по друга алтернативна можност во ситуација кога Европската унија е незаинтересирана. Ваквиот став на поранешниот амбасадор во НАТО следи откако вчера францускиот претседател Емануел Макрон повторно остана на цврстиот сигнал дека Северна Македонија и Албанија засега треба да почекаат за отпочнување на преговорите со ЕУ.
„Дали тоа значи дека Заев утре треба да замине во посета на Москва, или во посета на Анкара. Ако Европската унија продолжи да биде индиферентна, секој интелектуалец, секој политичар ќе бара алтернатива, бидејќи кога се исполнувате, а вас ви кажуваат „не“, тогаш има простор за разочарување“, истакна Ружин.
Тој додава дека Македонија не треба да се врача кон Преспанскиот договор доколку не добие датум за преговори од ЕУ во следните два дена.
„И мене многумина ми довикуваа дека сум предавник. Интелектуалците да одат напред. Иако многумина сметаат дека е предавство, сепак, без Договорот од Преспа нема да добиеме членство во НАТО, ниту ќе бидеме во ЕУ“, рнаведе Ружин.
Професорот смета дека самата ситуација премногу се драматизира во земјата.
„Датумот за преговорите не е ништо друго отколку само еден обичен датум кога почнува една машинерија за реформи и друго ништо. И сега е малку необично да со тој датум толку се прават стратегии, се компликуваат работите...“, заклучува деканот.