02 Јули, 2022
0.0273

Наместо „финландизација“ на Украина – „натоизација“ на Финска и Шведска

Објавено во: Колумни 16 Мај, 2022

Добивај вести на Viber

Од Скандинавија задуваа студени ветрови. Тие треба да ја поткрепат едната страна во новата Студена војна. Финска и Шведска најавија дека неделава и официјално ќе ги поднесат барањата за прием во НАТО. Вчера и двете земјиофицијално изјавија дека одлучија да побараат прием во Алијансата. Тоа е нивен одговор на руската инвазија врз Украина.

Само неколку дена по почетокот на војната во Украина, беа започнати преговори за нејзин прекин. Тогаш се прозборе за „финландизација“ на Украина. Односно за нејзина неутралност, како што се Финска или Швајцарија или Австрија...„Финландизација“ е најприкладен збор, бидејќи Финска, како и Украина е сосед на Русија и дели заедничка граница со неа долга околу 1.300 километри. Се споменуваа многу варијанти на договор за прекин на огнот. Во Истанбул  дури беше постигнат некаков начелен договор. Но, очигледно Западот, пред се САД и Британија, имаше и има други планови со Украина. Па договорот од Истанбул веќе никој не го споменува. Се оди на „пораз на Русија“.

Финска и Шведска од почетокот на војната почнаа да зборуваат за можен отказ од неутралноста, иако и во меѓувреме тие имаа многу тесна соработка со НАТО. Првиот човек на НАТО, Јенс Столтенберг изјавуваше дека на Алијансата ќе и биде драго да ги види Финска и Шведска во своите редови. Многу членки на НАТО, посебно Балтичките земји навиваа за што поскоро пријавување на двете скандинавски држави во НАТО. Од Алијансата дури им ветуваат дека ќе им се обезбеди  можност за брз влегување и дека се нема да трае повеќе од неколку недели. САД, Канада идруги земји ги поздравуваа намерите на Финска и Шведска, а Британија дури и се договори дека „ќе ги заштитува“ во периодот додека во Брисел се одлучува за нивен прием. Би ги заштитувала од руска закана, исто како да се членки на Алијансата.

За членство на двете земји во НАТО навиваше и поранешниот генерален секретар на НАТО Андерс Фог Расмунсен. Во едно интервју за CNBC тој изјави дека тие треба да се присоедиинат додека Русија е сосредоточена на воената операција во Украина. „Јас мислам дека двете земји имаат можност да се присоединат токму сега, затоа што Путин е зафатен со други работи. Тој не може ништо да направи да го спречи тоа“, истакна Расмунсен. Според него барањето на Финска и Шведска да почне да се

разгледува под итно до конечниот прием ќе треба да поминат неколку месеци, бидејќи одлуката ќе мора да биде ратификувана во парламентите на 30 земји членки. И Расмунсен  се залага блокот во тој период да ја обезбеди безбедноста на двете земји „како тие да се членки на НАТО“.

ПУТИН МИРЕН И ЛАДНОКРВЕН

Вчера владејачката Социјал демократска партија на Шведска изјави дека одлучила да поднесе барање за членство во НАТО, притоа забележувајќи дека доколку на Шведска и биде одобрено барањето, таа ќе бара на нејзина територија да не се разместува нуклеарно оружје, ниту воени бази. Премиерката Магдалена Андерсон изјави дека влегувањето во НАТОпозитивно ќе влијае врз безбедноста на земјата и шведскиот народ. И Финска вчера официјално реши да влезе во НАТО. Владата во соопштение истакна дека „Финска ќе поднесе барање за членство во НАТО после консултација со Парламентот. Консултацијата треба да се одржи денес, а гласањето се очекува да биде во вторник. Финскиот министер за надворешни работи најави дека барањето во Брисел ќе гу испратат во среда.

Претседателот на Финска Саули Ниинисто во саботата му се јави на рускиот претседател Путин да го извести за финската одлука за членство во НАТО. Според соопштението од администрацијата на финскиот претседател, Ниинисто му рекол на Путин дека обраќањето на Москва во декември лани до некои земји со барање да се откажат од влегување во НАТО, а исто така и почнатата војна во февруари годинава „на фундаментален начин“ ги смениле погледите на Финска кон сопствената безбедност. Ниинисто му кажал на Путин дека наредниве денови ќе поднесе барање за членство во Алијансата. Според соопштението од Кремљ, Путин во текот на телефонскиот разговор со Ниинисто изјавил дека откажувањето на Финска од неутралниот статус и присоединувањето на земјата кон НАТО ќе биде „грешка“, бидејќи не постојат никакви закани за безбедноста на Финска. „Таквата промена на надворешно политичкиот курс на земјата може да се одрази негативно врз руско-финските односи кои во текот на многу години се градеа во духот на добрососедството и партнерската соработка и беа од заемна полза“, се вели во соопштението. Швеѓаните не сметаа дека треба да му се јават на Путин. Барем засега.

Вчера во интервју за CNN, финскиот претседател изјави дека Путин реагирал со „изненадувачка смиреност“ на желбата на Финска да се приклучи кон НАТО, пренесе рускиот Росбизнисконсалтинг(РБЦ). Ниинисто во интервју за CNNизјавил дека неговиот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин бил многу мирен и ладнокрвен. Тој нагласил дека не слушнал од него закани кон Финска, кои ги 

упатувале други руски политичари.Ниинисто гледа неколку можни објаснувања за реакцијата на Путин. Според него, Москва може да разбере дека влезот на Финска во НАТО нема да доведе до значителни промени во политиката на оваа земја, бидејќи таа претходно тесно соработуваше со Северноатлантската алијанса. Дополнително, финскиот претседател не исклучува дека руските власти не сакаат јавно да разговараат на оваа тема или дека навистина имаат посмирено мислење за ова прашање.Тој додал дека во моментов има голема неизвесност во односите меѓу Финска и Русија. Во исто време, шефот на државата изразил уверување дека тие ќе се променат. На прес конференција вчера, пак, Ниинисто изјавил дека реакцијата што ја видел во разговорот со Путин бели „повеќе воздржана, отколку што очекувал“. И дека во моментов не гледа дека Русија се подготвува за некакви воени дејства кон Финска.

ВОЕНО-ТЕХНИЧКИ ОДГОВОР

И навистина за разлика од Путин во Русија имаше политичари кои реагираа поостро кон намерите на Финска да влезе во НАТО. Беа спомнувани мерки од „воено-технички“ карактер. Ништо поконкретно. И во декември, по отфрлањето од САД и НАТО на руските барања за преразгледување на безбедносната архитектура во Европа, Русија спомна преземање на „воено-технички“ мерки. Многуми се чудеа и не знаеја за што станува збор. Но се до 24 февруари кога започна војната во Украина. Засега не се испорачува струја на Финска. Веројатно со Шведска заедно ќе се најдат во спискот на „непријателски земји“, бидејќи и двете испорачуваат оружје во Украина, а ги поддржаа санкциите на Западот кон Русија. Според заменикот руски министер за надворешни работи, Александар Грушко, влегувањето на Финска и Шведска во НАТО нема да остане без политичка реакција. Одлуката за руската реакција нема да се носи врз емоции, туку ќе следи темелна и проверена анализа на сите фактори. „Оваа промена не може да остане без политичка реакција, како и без многу темелна анализа на последиците од новата конфигурација на силите што може да се појават како резултат на уште едно проширување на алијансата“, рече Грушко.

Воениот набљудувач на „Известија“ Антон Лавров зборувајќи за можниот одговор на Русија за приклучувањето на Финска и Шведска во НАТО, вели дека „влегувањето во сега отворено непријателскиот воен блок на две претходно неутрални соседни држави, неминовно ќе ја промени безбедносната состојба на северозападот на нашата земја. По влезот во НАТО блокот, скромните армии и воздухопловни сили на нашите соседи нема да можат значително да го зголемат неговиот потенцијал. За Русија ќе биде поопасно да ја користи територијата на Финска за да постави бази и воена инфраструктура на другите земји-учеснички таму“. Лавров смета дека изборот на 

конкретна варијанта на воено-техничкиот одговор во Русија ќе се решава откако ќе се дознаат точните намери на Финска и Шведска. Воопшто не е исклучено веднаш да не распоредат странски воени контингенти на нивна територија, а исто така да одбијат какви било демонстративни чекори кон воена ескалација со Русија. И навистина Шведска уште сега е против стацинонирање на нуклеарно оружје на нејзина територија, како и воени бази на Алијансата. Ова од причина што  распоредувањето на бази и сили на блокот непријателски настроен кон Руската Федерација нема да ја зголеми безбедноста на некогаш неутралните земји, напротив, може да ги претвори во бојно поле во секој конфликт. меѓу Русија и НАТО. И ова очигледно нема да придонесе за безбедноста на нивните жители.

Алексеј Журављов, заменик-претседател на Комитетот за одбрана на Државната дума е категоричен и дури делувазаканувачки. Тој вели:„ Влезот во НАТО и се заканува на Финска со уништување“. Според него, Русија за ова нема ни да мора да распореди нуклеарни боеви глави во близина на северозападната граница - доволно ќе биде и другото оружје. Но, поради обидите на САД да ја ескалираат ситуацијата, таа може да ескалира во Трета светска војна, а потоа да се употреби најстрашното оружје, предупредува Журавлев. „Финска по Втората светска војна се обиде да живее со нас во добри односи. И таа го направи тоа. Денеска ќе направат нешто за да ни создадат дополнителни проблеми. Добро. Но, кога некому му создавате проблеми, мора да разберете дека самите ќе ги добиете. Ако Финска сака да се приклучи на овој блок, тогаш нашата цел - апсолутно легитимна - е да го доведеме во прашање постоењето на оваа држава. Ова е логично.Невозможно е да се каже дека Финска ќе влезе во НАТО и ќе се однесува кон нас како порано - тоа нема да се случи. Американците ќе ги поттикнуваат на провокации„ вели Журављов.Тој смета дека Финска и Шведска треба да се вклучат во регистарот на „непријателски земји“, бидејќи излегува дека на границата со Русија се појавуваат дополнителни земји од Алијансата.

НАГРАДИ ОД НЕУТРАЛНОСТА

Новинарот за безбедносни прашања на  BBC Френк Гарднерги споредува аргументите „за“ и „против“ влегувањето на Финска и Шведска во НАТО. Според него од чисто воена гледна точка, додавањето на шведски и фински сили во Алијансата во голема мера ќе ја зајакне одбранбената сила на НАТО во северна Европа, каде што руските сили сега се многу побројни од оние на Алијансата.Вооружените сили и на Шведска и на Финска се обучени за борбени операции на Арктикот, тие спроведуваат интензивни вежби во снежните шуми на Скандинавија.Географски, додавањето на Финска ја затвора големата празнина во одбраната на НАТО, удвојувајќи ја должината на 

границите на алијансата со Русија.Безбедноста и стабилноста во регионот на Балтичкото Моресега значително ќе се подобрат.Политички, влезот на двете скандинавски земји во НАТО ќе додаде кохезија и интегритет на заедничката одбрана на Западот и ќе испрати јасна порака до Путин дека скоро цела Европа сега е обединета во отфрлањето на неговата инвазија на суверена држава, Украина.

Кога станува збор за аргументите„против“, ризикот е дека ваквото масивно проширување на НАТО, токму на прагот на Русија ќе го разбесни Кремљ толку многу што овој бес ќе биде изразен во една или друга форма.Кога Путин се заканува со „воено-технички одговор“, тоа може да се разбере на два начина: зајакнување на границите со префрлање војници и проектили таму, поблиску до Запад и, веројатно, спроведување сајбер напади врз скандинавските држави.Шведска ги жнееше наградите од својата неутралност со текот на годините, а откажувањето од неа не е лесно. Но, тоа ќе има и своја економска цена за шведската воена индустрија - земја, која ќе влезе во НАТО, ќе биде обврзана да купува НАТО оружје, а не свое.

Гарднер го цитира портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, дека приемот на Финска и Шведска во НАТО „нема да донесе дополнителна безбедност на европскиот континент“. Гарднер го споменува Владимир Путин, кој  сака јавно да се присетува на една случка од неговата младост кога стаорец што го втурнал во аголот се свртел и го нападнал. Па оттука Гарднер вели дека :„ Путин и неговата придружба веќе ја оправдуваат својата инвазија на Украина со образложение дека тоа им овозможило да ги фрустрираат плановите на НАТО за таа земја. И ако Кремљ, без добра причина, одлучи дека таквото ненадејно проширување на северното крило претставува егзистенцијална закана за безбедноста на Русија, тогаш невозможно е да се предвиди што точно ќе направи Москва како одговор“.

ДИПЛОМАТСКИ ТРИК НА ЕРДОГАН

Доза на „возбуда“ во се’ она што се случува со влегувањето на Финска и Шведска во НАТО внесе турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. „Го следиме развојот на настаните. Во моментов немаме позитивен став во врска со прашањето за Шведска и Финска“, им изјави Ердоган на новинарите по петочната молитва во Истанбул, пренесе Агенцијата Анадолија. Турција, ја следи дискусијата за Финска и Шведска, кои сакаат да се приклучат на Алијансата, но засега не постои позитивен став, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Велејќи дека тие „скандинавски земји се како пансиони на терористичките организации“, Ердоган додаде: „Во Парламентот постојат поддржувачи на тероризмот. Не можеме да бидеме позитивни кон ова. “Според правилата на НАТО, секоја одлука за проширувањето мора да биде донесена „со

едногласна согласност“, што практично ѝ го дава правото на Турција да стави вето за која било нова членка.

Веднаш по ова многумина се фатија на стапицата на Ердоган. И Шведска и Финска ветија преговори со Турција на највисоко ниво. Па почнаа разни коментари. Демек Турција ќе стави вето. Но, не помина ниту еден ден, па на виделина излез ставот дека Турција не е против „политиката на отворени врати на НАТО“. Ама. Ама, ако може да се испазари нешто од влегувањето на Финска и Шведска во НАТО. „Дипломатски трик“, вака шведскиот  експерт Јан Халенберг ја оцени изјавата на Ердоган. Според него, Турција е многу веројатно да даде зелено светло за прием на нови членки, но ќе се обиде да преговара за отстапки за себе, притоа покажувајќи го своето значење за блокот.На пример да им забележи на двете земји зошто не отишле кај него да зборуваат за влегувањето во НАТО, а отишле во Британија, САД или други земји? Да му дадат до значење. Инаку отстапките што може да ги бара Турција не се малку. Ај,  што ќе ги притиска Шведска и Финска за Курдите, но сигурно ќе бара нешто од Американците, оружје на пример, па можеби инвестиции за економски, во моментов, страдалната Турција, па за ограничувањата на дозволите за извоз од страна на Финска и Шведска, па нешто за Грција. За заканите со санкции од САД. Пазар до пазар. Интерес до интерес. „Дај шта даш“. На Турција не и е воопшто грижа за Финска и за Шведска. Само за себе и за својот интерес се грижи. Мала дигресија. Во 2008 година ако ја поддржуваше Македонија за влез во НАТО зошто после најавата за грчкото вето за нас, не се закани со вето на приемот на Хрватска и Албанија во НАТО? Да покаже дека многу и значи Македонија. Можеби Грција тогаш поинаку ќе се однесуваше.

Што и да се случи, јасно е дека Финска и Шведска во НАТО се своевиден подарок од Путин за Алијансата. Сигурно не му е сеедно. И покрај спокојната реакција во разговорот со Ниинисто. Факт е дека сега почнува промената на безбедносната архитектура во Европа. Тоа што го бараше Русија. Но не на начин на кој таа очекуваше и сакаше. Тоа ќе биде процес. Можеби ќе трае со години.

Денес во Москва ќе се одржи средба на лидерите на земјите членки на ОДКБ. „Руското НАТО“. Поводот е 30 годишнината на организацијата. Од таму веќе има најави дека во наредните години може кон неа да се приклучат уште неколку држави. Според некои претставници на членки на ОДКБ, во услови на нестабилна ситуација во светот, таа успеала да покаже борбена готовност и мирољубивост. Во исто време, таму зборуваат дека за неколку години во организацијата нема да има шест земји, туку десетици држави кои го ценат мирот и стабилноста и не поддржуваат агресивност и промени на 

политичкото уредување.Но најнапред нека заврши војната во Украина. Од нејзиниот епилог ќе зависи најмногу новата безбедносна архитектура во Европа. За почеток видовме, наместо  „финландизација“ на Украина, дојде до „натоизација“ на Финска и Шведска. А што следи?

Мирче Адамчевски   

Можеби ќе ве интересира

Бугарија и Русија браќа по оружје

Бугарија и Русија браќа по оружје