НАЈТОПЛА ЗИМА ЗА 140 ГОДИНИ: Москва украсена со вештачки снег
Објавено во: Свет 30 Декември, 2019
Руската престолнина Москва со вештачки снег го украси центарот за новогодишната прослава. Иако, градот секоја година троши милиони за отстранување на снегот сега го довезе со камиони за потребите на натпревар во сноубординг.
Московскиот регион ја живее најтоплата зима во последните 140 години, од кога температурите почнале редовно да се следат. На 18 декември се измерени 5,4 Целзиусови степени, со што беше израмнет рекордот од 1886 година.
Топлото време ја прекина хибернацијата на животни во зоолошката градина, па некои од нив се сместени во посебни ладилници. Москва вообичаено е под снег уште од октомври или ноември, но она што досега наврна се стопи. Затоа градските власти решиле да донесат вештачки снег.
Рускиот претседател Владимир Путин неодамна кажа дека климатските промени се голема закана за Русија.
Метеоролошко евидентирање во земјата има од 1891 година, а во Москва од 1879 година.