13 Јули, 2020
0.0209

Нацијата која не може да избега од самата себе!

Објавено во: Колумни 05 Јуни, 2020

Историјата  треба да ни ја конфискува тапијата која ни ја даде, во веќе далечната  1944 година, да управуваме со ова мало парче земја на југот на Европа, сметајќи  дека сме деловно способни да го правиме тоа. Самата историја покажа и дека сме недозреани за тоа, дека формално-правната легализација на парчето земја- наречено независна држава , ние со нашиот дивјачки и примитивен однос го претворивме во последната дупка , не само на стариот континент, ами и на Балканот, па сега сите соседи  ги затвораат границите за нас, бегајќи како од лепрозни. Тие , кои по  некое  чудо израснаа во нормални, цивилизирани, чесни и прогресивни граѓани, во целиот овој медиокритетски и полтронски жабарник, одамна си ги спакуваа куферите и избегаа на Запад, не можејќи да  замислат целиот свој живот да го поминат во последната балканска дупка. Остана само полусветот, примитивецот, паланчанецот по дух и култура, кој ужива во својата духовна беда, материјална и културна пропаст. За тие што не успеаа да се спасат, а се во категоризацијата на цивилизираните, оваа држава претставува деветтиот круг од пеколот на Данте.

И Албанците треба да се надминат себе си, и да преминат во друга цивилизациска димензија!

На  мој драг и почитуван пријател од етничка албанска националност му велам: „ Не ме разбирај погрешно, но не сум видел  друга нација како албанската, која е толку отпорна на критика и само критика. Имам и пријатели Бугари и Срби,  и често пати тие се и критични кон  себе, и со доза на шеговитост на своја сметка, си ги опишуваат своите национални карактерни маани“. Ми вели „ точно така, погоди во целта“. Кажете ми, како да се опише последното фијаско, во кое пропаднавме сите, а штотуку почна да се гледа светло на крајот на тунелот. Од  педофилската несреќа  која се закануваше на официјалните власти , дека не смеат да го „ забранат Бајрам“, до тоа да ја прогласи  Короната за  мртва, до официјални државни функционери од етничка албанска припадност,  кои  упатуваа и директни и заобиколени закани дека не смее да се случи потполен карантин за Ифтар и Рамазан Бајрам. Не се случи, а што се случи? Македонија да вади дневно новозаболени од  Ковид 19 , и жртви од истиот вирус, повеќе од  еден  Бразил? Како да се нема ни трошка срам, ни жал, ни чувство за трудот и работата на здравствените работници, кои деноноќно се борат ние да се справиме со најопасната болест на 21 –иот век и да почнеме да се вратиме во нормала со тек на време? Слики на ФБ од петнаесеттина прегрнати во исти двор, без физичка дистанца, без маски, без елементарна заштита? На кого тоа се докажуваат? Водат инает на некому? А кога ќе затропа  Ковидот на ваша врата, испаничени пак  чопоративно се упатуваат кон болниците, и со сила бараат спас! Бев спружен на ѕидот на срамот од „ моите “ кога ги искритикував верниците за струшката литија, за нивната  неодговорност кон сопственото и кон здравјето на целата нација! Сум критикувал само „ свои“, а за „ другите“ не сум смеел да пишам. Гротеска. Другари, никогаш не сум ги делел луѓето по ниедна основа, освен таа на добри и лоши. Најмалку на религиска, или етничка. Имам пријатели и познаници Албанци, за кои сметам дека се многу добри личности, за разлика од многу Македонци кои ги познавам, но кога критиката е аргументирана таа треба да се упати и прифати добронамерно без да и се даде етничко-религиска конотација, а на крајот од краиштата самокритиката води кон прогрес и просперитет.

На партиската мизерија и нема крај!

Во земјата на чудата и бедата, политичките елити, наместо да соработуваат помеѓу себе, оставајќи ги на страна, своите партиско-политички антагонизми, и да помогнат Македонија и македонските граѓани да се справат со најголемото зло, тие ги извадиле томахавките на војната и се во војна до истребување. Не ги интересира здравјето на народот. Ги интересира власт, позиции, пари и моќ. Без срам се, без елементарна пристојност, без свест и совест. Немаат одговорност за заедништво, немаат чувство за државност. Нивните центрифугални сили, се тие кои го повлекоа целото општество во црната дупка на историјата. Триесет години, истите ликови, со сменети одела и улоги го упропастуваат македонскиот дом, заедничката куќа на два милиони жители. Или пак еден и пол. Денеска во сторија во еден дневен весник, покрај податоците за новите новозаразени, дојдоа и податоците од првиот квартал на демографскиот ренген на Македонија. Тотално поразителен, а ако сакате да зборуваме  поодделно на „ наши и ваши“, моите губат и тоа со 3:0 службено во секоја  етничкомакедонска општина.  Македонецот одумира, ние сме фатени за шија со Екатерина  Захариева за докажување на посебноста на македонскиот национален идентитет. За што, кога со овие мрачни тенденции,за  двеста-триста години и ќе не снема. Кој тогаш ќе го докажува и брани македонскиот идентитет, од  „ клетите душмани “?

Во вечната борба со самите себе!

Македонија мора да излезе самата од себе, да се победи и надмине себе, да направи подреденост на приоритетите во својот дом, и да почне  на темелно реновирање на истиот. Три децении хаос, доведоа  до пред  рушење на македонската куќа. Македонците мора да го преиспитаат својот дискурс, својот наратив, своите проекции и амбиции во што се гледаат за едно педесет години. Дали уште фолклорниот  жолторакиски патриотизам со вергина знамињата и песните за Вардар-Пирин-Егеј ќе бидат нашата визитка за патот кон иднината, или напредокот на секое општествено поле? Разголувањето  на најпознатата  гевгеличанка , можеме да го интерпретираме како добра основа за изградба од почеток, од нула. Со нов имотен лист кој ќе и го побараме и добиеме од Историјата. Овој пат со ветување,дека нема да ја изневериме! 

Благојче Атанасовски-политиколог

Можеби ќе ве интересира

Лето, лето е па што...

Лето, лето е па што...

Руската карта одново во американската игра

Руската карта одново во американската игра

НЕДЕЛЕН ФАКТОР: Рециклирана 2016-та, Груевизмот уште цвета?

НЕДЕЛЕН ФАКТОР: Рециклирана 2016-та, Груевизмот уште цвета?

За да триумфираат на едни избори, Македонците прво ќе треба да се победат самите себе!

За да триумфираат на едни избори, Македонците прво ќе треба да се победат самите себе!

Битиќи vs Лазаров: Имаат ли моќ да ги остварат своите ветувања и што мислат за политичкиот ривал

Битиќи vs Лазаров: Имаат ли моќ да ги остварат своите ветувања и што мислат за политичкиот ривал

И по Путин – Путин!

И по Путин – Путин!

ЖФК

ЖФК