На повидок уште една воздухопловна трагедија во англиската премиерлига
Објавено во: Свет 22 Јануари, 2019
На повидок е уште една несреќа со воздушниот сообраќај што ќе ја потресе најсилната фудбалска лига во светот - англиската премиерлига откако клубот Кардиф сити изрази загриженост за судбината на Емилијано Сала, фудбалер чиј договор со Нант месецов беше откупен за рекордна сума на пари во клупската историја и допрва требаше да заигра за својот нов тим.
Авионот со кој летал на пат кон Кардиф исчезнал некаде меѓу Франција и Велс. Дваесет и осумгодишниот аргентински напаѓач во саботата стана најскапиот фудбалер во историјата на Кардиф, откако беше купен од Нант за 15 милиони фунти. Се стравува дека тој бил еден од двајцата луѓе во малиот авион „пајпер малибу“, кој исчезнал над Каналските Острови во понеделникот вечер. Нема трага од авионот од синоќа од 19.15 часот.
Изминатата есен, Вишај Шривадханапраба, сопственикот на Лестер беше меѓу жртвите на хеликоптерската несреќа, што се случи непосредно по завршувањето на натпреварот со Вест Хем. Газдата-милијардер со своите финансии му помогна на Лестер како аутсајдер да стане англиски шампион пред две и по година.
Освен 61-годишниот тајландски милијардер, во хеликоптерот беа и една од неговите две ќерки, двајца пилоти и уште едно лице, чиј идентитет засега не е познат. Не е познато дали некој ја преживеал несреќата. Хеликоптерот се урна набргу по полетувањето од теренот на стадионот „Кинг пауер“, еден час по завршувањето на мечот Лестер-Вест Хем. Тој паднал на паркингот во близина на стадионот.