23 Април, 2024
0.0255

На библиската земја и се случува демографски потоп од библиски размери

Објавено во: Колумни 25 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

Закажаните и предвидени  нови предвремени парламентарни избори, ги урнаа сите надежи дека конечно, после скоро две децении, ќе се спроведе попис на населението во Македонија. Многу пати сум пишувал, дека оваа статистичка операција е суштински важна да се направи скен на целокупното македонско општество, пред се , да се види регионалната концентрираност на населението, старосната и образовната структура, економскиот и благосостојбниот стандарт и други параметри кои  треба да дадат насока за идно позиционирање на  стратешкиот развој на државата, и како ориентир  по кој треба да се водиме. За жал, во едно примитивно, балканско, примордијално, етнички поделено општество, пописот во нашата држава, а и во сите балкански се гледа најмногу преку призмата на етничко пребројување и  етнички натпревар. Сепак, пописот  во овие држави од Југоисточна Европа е многу битен, за да се види ненормалното намалување на населението во овие три децении, на демократски и повеќепартиски развој на односните држави.

Исчезнуваме со брзината на светлината!

Британскиот аналитичар, новинар и експерт за Балканот Тим Џуда, во своја колумна, изнесе запрепастувачки податоци за падот на населението во земјите од  Летонија, преку Украина па се до  Македонија на  крајот од југоистокот на стариот континент. Имено, Џуда изнесува три главни фактори кои играат улога во страшното исчезнување на луѓето во овие земји. Стареењето на населението, и нискиот фертилитет ( немањето проста репродукција од  две деца во просек) , масовното иселување во западните и прекуокеански земји, и големата смртност, се смртоносна комбинација за земјите, кои губат население исто, дури и повеќе , како во периодот на големите војни: Првата и  Втората светска војна, или пак Балканските војни, конкретно за кај нас. Украина има веќе изгубено 10 милиони луѓе од 1990 година до сега, со тенденција и претпоставка дека до 2050 ќе изгуби уште толку, Летонија, Бугарија, Романија, Црна Гора и Србија, имаат за 20-25% помалку население денес, во споредба со 1990 година, Молдавија, Босна и Херцеговина и Албанија се со уште поубиствени параметри и проценти,  додека Македонија на оваа скала е со  нешто повеќе од 25 % ( една четвртина од своето население). Не дека за гореспоменатите земји, како што се Украина, Романија, па дури и Полска кои имаат десетици милиони жители, дури и Бугарија и Србија, овие податоци и тенденции не претставуваат демографска катастрофа, но за земја како Македонија , во која од 2 милиони луѓе, според последниот попис во 2002 година, живеат 1,3 милиони етнички Македонци, ова е рамно на  демографско цунами. Сеприсутната корупција, нискиот животен стандарт, безперспективноста, високата невработеност и  слабата куповна моќ се главните фактори  кои беа предуслов за масовно иселување на македонските граѓани во овие три децении, но последно и најзагадениот воздух, ниската социјална култура, катастрофалното здравство и образование, се дополнителен фактор, кој во последните години, ги брка и добростоечките и економски побогатите граѓани. Колку и контрадикторно да звучи, денеска, најобразованите, најстручните со доброплатени работни места , и најмногу се селат. Веќе сиромаштијата и нискиот животен стандарт не се главниот причинител за масовното бегство, туку се побогатите и пообразовани си ги пакуваат куферите и си ја бараат среќата на Запад.

Постои ли решение за спас?!

Ова е двојна катастрофа. Со селењето на работниот кадар, ние губиме работници кои треба да учествуваат во подигнувањето на  брутодомашниот производ и зголемувањето на економијата, но со  губењето на високообразованиот кадар ние губиме и стручни лица како специјализирани доктори, инжинери, архитекти, професори, ИТ експери, математичари и кадри од многу други дејности. Денеска, освен што не можете да најдете обичен плочкар, гипс мајстор, водоводџија, електричар и  работници од примарните дејности, исто така е прашање дали ќе може да најдете специјалист доктор низ болниците во внатрешноста на земјата. Македонија се претвора во демографска пустина. Цели села, па и цели градови се  напуштаат од млад кадар, кој секојдневно или е во процедура да се исели од оваа земја, или пак бара начини како да го стори истото.  Свесни ли се политичарите и политичките елити што направија  од оваа, т.е од својата земја? Свесни ли се дека библиската земја, од метафорички, во вистинска смисла на зборот ќе ја претворат во библиска, бидејќи со оваа тенденција  за двеста- триста години, нема да остане „ ќор човек “ да се движи по улиците. Можеби , од денешна перспектива 200-300 години, ви изгледаат за многу далечен период, но за една држава, и нејзиниот државен развој тоа не се ништо. Партизацијата, ендемската корупција , хаосот во институциите, безперспективноста, и мизерниот животен стандарт, надополнет со лошите здравствени услуги, лошото образование, и најзагадениот воздух во светот,  го „ изедоа “ просечниот македонски граѓанин, и го ставија пред свршен чин и безизлез, односно без алтернативна на селењето на Запад. Јас знам, дека ова не допира до политичките елити, и дека својот менталитет и наратив во политичкото дејствување нема   да го сменат, но не ми е јасно, како без трошка срам говорат на оваа тема на панел дискусии, на дебатни емисии, на митинзи, злоупотребувајќи ја оваа тема, кога тие се главен причинител и најголем виновник за оваа фактичка состојба? За жал, и многуте анализи од екперти, големиот број на теоретски, па и практични мерки за  спречување на оваа тенденција, не вродуваат со плод. Штетата е направена од крај време, и колку и песимистички да звучи , прашање е дали постои модел сето ова да се лечи и спречи.   


Благојче Атанасовски

политиколог

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок