25 Април, 2024
0.0267

Му подготвуваат ли на Путин доживотно лидерство?

Објавено во: Колумни 12 Октомври, 2018

Добивај вести на Viber

Минативе денови во весникот „Росијскаја газета“ осамна текст кој остави без текст многумина. Претседателот на Уставниот суд на Русија Валериј Зоркин напиша подолга статија, негово видување, на политички и правни реформи во Русија. Насловот беше „Буквата и духот на Уставот“. И тој предложи промени во уставот на Руската Федерација за да се спроведат реформи во правниот и политичкиот систем.

Тестот на Зоркин во некои кругови беше веднаш дочекан како вовед во промени на највисокиот акт на државата за да му се овозможи на рускиот претседател Владимир Путин и по истекувањето на мандатот во 2024 година да остане на чело на државата. Поточно да продолжи да биде нејзин лидер. Во она што се предлага нема ништо конкретно за некакви мандати, ограничување или не, или пак како што му се овозможи на Реџеп Таип Ердоган да може да биде доживотен претседател на Турција. Или нешто слично на Кси Џинпиг во Кина кому исто така му е отворен патот кон долгогодишно раководење на земјата.

Но кога е во прашање Русија човек не треба да спие на увото дека Путин по 2024 година ќе замине од политиката. Во 2014 година на пример, кога почнаа да се воведуваат санкции кон Русија,  сегашниот претседателот на Државната дума Вјечеслав Володин изјави :„Постои Путин-постои Русија. Го нема Путин-ја нема Русија“. Тој тогаш беше прв заменик на раководителот на претседателската администрација. Ваквиот став тогаш можеше да се оцени како полтронски кон Путин. Но од него произлегува и една вистина. Дека Русија изминативе години создаде култ на незаменливост на Путин.

Прашањето на наследник на Путин и неговата судбина по 2024 година, иако до крајот на неговиот мандат има помалку од шест години и сега е актуелно. Впрочем Путин уште по инаугурацијата за претседател во март годинава беше прашан дали има намера во иднина да го менува Уставот, па одговори: „ Засега не планирам никакви реформи“. Ова прашање не беше поставено туку-така. Сите знаат што направи Путин по истекот на првите негови два претседателски мандати. Го стави Димитриј Медведев  да ја води Русија еден мандат од четири години, а во меѓувреме во Уставот се вметна дека мандатот на претседателот трае  шест години.

Тоа што Путин вели дека нема намери засега да прави некакви измени во уставот не значи ништо. Во Русија веќе се зборува и се коментира за нејзината иднина по Путин. Може да не се менува мандатот на претседателот, но да се направи некакво тело кое би го водел Путин, и кое би било со доминантно влијание во државата. Овде може да се има предвид политичката кариера на Денг Ксиаопинг, кинескиот политичар. Тој никогаш не беше генерален секретар на Комунистичката партија на Кина, ниту претседател, но затоа беше прв човек на Воената комисија на ЦК КПК. Десетина години практично тој беше првиот човек на државата. И нема да се згреши ако се каже дека ги стави темелите на современа Кина. 

Претседателот на Уставниот суд Зоркин не предлага никакви зафати во поглед на претседателскиот мандат. Тој се залага за „прецизни промени“, не радикални, во Уставот за да се отстранат неговите недостатоци. А тоа се отсуството на рамнотежа во системот за воздржување и противтежа, наклонување во полза на извршната гранка на власта, недостигот на јасност во распределбата на овластувањата меѓу претседателот и владата, потоа разграничувањето на предметите на работа и овластувања меѓу Федерацијата и нејзините субјекти.

Според Зоркин, главен извор на „напнатост“ во државата се нерешавањето. на социјално економските проблеми, јазот меѓу богатите и сиромашните, социјалната неправедност. Тој смета дека населението е уморено од економски реформи. Неправедната приватизација доведе кон сегашните социјални проблеми, кон масовната сиромаштија.

Затоа Зоркин смета дека е можен правен систем кој ќе се темели на идеите од руската филозофија од 19. и почетокот на 20. век. Со додавање на идеите на солидарност , одговорност на секого не само за себе, туку и за другите, кон доминантниот во светот „либерално - индивидуалистички приод кон разбирање на правото“.

Интересен е предлогот на Зоркин за воведување на двопартиски систем во Русија. Тој смета дека не е добро една партија да има монопол во државата. За него двопартискиот систем најефикасно обезбедува реална демократија „на организациски план“. „Денешниот модел на либерална застапничка демократија, карактеристичен за мнозинството развиени земји кои, како што велат водечките политолози од Европа и Америка-, очигледно не можат да излезат на крај со современите предизвици“, смета Зоркин. „Не е срамно да се позајми туѓото искуство, кое ја издржало проверката низ многувековната практика“, вели тој, мислејќи на американското двопартиско искуство.

Русија е една од државите која не ги почитува во целост одлуките на Европскиот суд за човекови права. Зоркин смета дека граѓаните не се задоволни од експанзијата на наднационалното регулирање. Овде тој алудира на ЕСЧП. Според него ЕСЧП „претерано слободно ја остварува својата активистичка позиција“. Оттука и залагањето за доминирање на националното над наднационалното.

За Зоркин е многу битен „уставниот идентитет “ на Русија. Затоа тој предлага да се „Обедини присутниот кај рускиот народ колективизам, формиран, може да се каже искован, во суровата природа, безбројните одбранбени војни, со неопходноста неопходноста за обединување на множеството нации и народности „околу заедничката судбина на својата земја“, врз основа на уставни принципи на правна, демократска и социјална држава преку создавање на конкурентна економска и политичка средина“.

Тој има и други предлози за измени на Уставот, но прашање е дали тие ќе се остварат за време на претседателствувањето на Путин. Дали и претседателот на државата ја замислува реформата на политичкиот и правниот систем како Зоркин. Или пак ќе сака да го искористи „отворањето“ на Уставот и за внесување во него некоја негова цел или намера. Се разбира на предлог на Думата или Советот на Федерацијата. Многу работи ќе зависат од развојот на настаните во државата и околу неа. Но ако се прават промени во полза на Путин побезболно е тие да се направат сега, кога веќе Зоркин проговорил за промени.  Така беше и во 2008 година кога некој месец по доаѓањето на Медведев на чело на државата, во декември, во Уставот се продолжи претседателскиот мандат на шест години, одлука која стапи на сила во 2012 година, кога му заврши четиригодишниот мандат на Медведев. Затоа и не е чудо за некој месец, а можеби и до Нова година Русија да пристапи кон измени на Уставот.

Официјално, Кремљ вели дека текстот на Зоркин за реформи на политичкиот и правниот систем во државата е негово лично гледање на работите. „Можам да кажам дека во администрацијата на претседателот засега на тој план не се работи ништо“, изјави  прес секретарот на Путин, Димитриј Песков. Но многу работи се рекле и се одрекле. Особено во политиката. Така што нема да биде изненадување ако дојде до измени на Уставот и во нив да се најде и некое „работно“ место – лидер на нацијата.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок