МНР даде детали за запаленото возило во Солун
Објавено во: Македонија 26 Февруари, 2021
Во Солун вчера е запалено возило на македонскиот конзулат.
Возилото е запалено додека било паркирано во центарот на градот, а за инцидентот денеска информираа од македонското Министерство за надворешни работи (МНР). Додаваат дека ова нема да влијае на добрососедските односи. Велат дека се во редовна консултација со конзулатот и со грчките институции.
„Нашиот Конзулат е известен дека грчките власти направиле соодветен увид и ги преземаат сите потребни мерки и активности за пронаоѓање на сторителите и евентуалните мотиви на овој немил случај, како и дека покрај возилото на нашиот дипломат, во истиот период, било запалено и второ возило на различно место во градот“, пишува во соопштението на МНР.
Министерството нагласува дека двата случаи се предмет на истрага, со цел да се откријат извршителите и мотивите, за кои оценува дека на ниту еден начин не се насочени против нашата држава.