18 Април, 2024
0.0801

Многу општества за никој!

Објавено во: Колумни 19 Февруари, 2021

Добивај вести на Viber

Кукавичките етнонационалистички јајца на ДУИ, во седлото на Заев, ги снесе помалиот етничкоалбански коалициски партнер БЕСА. Предлог-законот за внесување на етничката припадност на граѓаните во нивните лични карти, наиде на негодување и силни реакции од либералната, граѓанска јавност, но би рекол, со право! Просто неверојатно е, како првиот министер, ги прифаќа овие етнички еквилибристики, а беше носител на концептот „Едно општество за сите“, т.е веќе постепено напуштање на етничкиот концеп на подвоеното македонско општество, и градење на инклузивно-граѓанско.

Реверзибилност на коцептот „Едно општество за сите“

Примордијалноста и примитивноста во политиките на партиите на етничките Албанци, не заслужува воопшто коментар, од проста причина, што во изминатите три децении, тие воопшто не знаат да играат  на друга карта, односно да дадат друга понуда на македонската политичка сцена. Особено е разочарувачка и заглушеноста на одредени интелектуалци, и граѓански ориентирани етнички Албанци, со исклучок на еден-двајца, кои се спротиставија јавно на овој нов „концепт“, за кој уставните експерти, велат дека тешко може да се најде сличен  компаративен пример, во целиот познат свет. Меѓуетничките односи, навистина, се камен на сопнување и јамка околу вратот на државноста, во овие децении на независност на младата македонска држава, и беа прилично сложени за менаџирање од сите политички елити. Сепак, тестот на времето, покажа дека како држава, сме многу напред, и во однос на „старите западни демократии“, во институционално и уставно унапредување на етничките и културните права на граѓаните од помалите етнички заедници, често пати соочувајќи се, со особени нелогичности (пр. вработувањето по етнички клуч, седењето дома и земањето буџетска плата), со што се случуваше еден своевиден апартхејд, наместо толку спонзорираната позивитна дискриминација. И сега, наместо после триесет години, како нова триесета земја членка на НАТО алијансата, што ќе се каже, држава веќе созреана да застане рамо до рамо и во клубот на најразвиените, најлибералните, најдемократските и функционално најуредените земји во светот, земја коа сака да го започне трансформациското патување кон полноправно членство во Европската унија, ние правиме реверзибилност во процесите, и одново носиме нелогични потези и политики со кои дополнително ја „либанизираме Македонија“.

Безизлез од националистичкиот казан!

 Не можам да ја разберам и потребата на одредена категорија на граѓани, кои се врзуваат на овие „политики“, и триумфално ги слават, небаре се случува најголема етнонационална победа, бидејќи под овој ист заеднички покрив живееме сите, и ги делиме истите маки подеднакво. Чуму, му е на некој македонски Албанец, или Турчин, Ром, Влав, па дури и етнички Македонец, во етничката графа во личната самоидентификација да му стои неговата етничка определба, кога тој живее со месечни примања од 200-250 евра, или уште пострашно без нив, се соочува со исклучително низок африкански (наместо европски стандард), сеприсутна и ендемска корупција, нефункционални институции на системот, руинирано здравство, образование и култура. Во држава на безнадежноста, без никаква проектирана иднина, држава на одумирање од масовната бела чума?! Чуму? Дали тоа ќе биде всушност, некаква си пирова победа, некое психосоматско чувство на победа, на исполнетост, или компензација за погоренабројаните катастрофални состојби, кои се елементарни отсечки за вреднувањето и мерењето на квалитетот на животот на еден човек во овој 21-ви век?! Нели сме уморени, и како граѓани, и како општество и пред се, како политички елити, постојано, да се перпетуираме во центрифугата на етнонационалистичките теми, и истите одново и одново да ги поставуваме на пиедесталот на политичката дебата, губејќи толку многу  непотребна енергија? Наместо, навистина суштински да се зафатиме со решавање на натрупаните горливи проблеми, почнувајќи од средување на елементарните работи по локалните самоуправи (пат, канализациска мрежа, осветлување), што е срамно како состојба за држава која се наоѓа на европскиот континент, па се до средување на состојбите во правосудството, руинираното здравство ( за кое пандемијата од Ковид-19, си го зема данокот во живот), кај илјадници наши граѓани, образованието (нашите основци се на последните места на меѓународни тестирачки конкурси), се до подигнување на финансиско-материјалниот статус на стотици илјади наши сограѓани (кој е ужасен и преживуваат со 2 долари на ден), ние повторно заглибуваме во истата непотребна етнонационалистичка кал, со најлош амбиентален привкус на засмрден балканизам. Свињи да бевме, досега ќе се уморевме од таа „борба“, и прпелкање во простачката, долната и мизерната балканска жива кал. Во која постојано тонеме, и никако да потонеме. Што сме, веќе искрено и самиот не знам да дадам одговор! 

Благојче Атанасовски -  политиколог


Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок