26 Април, 2024
0.0296

Министрите не се начисто за данокот, но кој е мотивот да се штеди во банка за камата од само 1,3 отсто

Објавено во: Економија 07 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

Во време кога во владиниот економски тим не се начисто дали од идната година ќе се даночат или не парите од камати од штедните влогови, како да се заборава на една друга дилема, а таа е - кој е мотивот да се штеди во банка за каматна стапка од само 1,3 отсто годишно.

Каматите на депозитите на домаќинствата не престануваат да одат надолу. Тоа го покажуваат и последните податоци на Народна банка за август годинава, кои говорат дека просечната камата на влоговите е на ниво од само 1,35 отсто. Толку банките им плаќаат на граѓаните кои во нив ги чуваат своите пари.

Но и покрај оваа демотивирачка стапка, тие и натаму ги преферираат банките. На крајот на осмиот месец од годинава домаќинствата имале вложено вкупно 4,24 милијарди евра во сите домашни банки заедно. Или, во споредба со септември 2018, штедните влогови на домаќинствата се зголемиле за 304 милиони евра, толку нови пари биле дадени на банкарска доверба за една година. Изразено во проценти, на годишна основа депозитите на домаќинствата пораснале за 9,1 отсто.

Но поради ниските камати, во октомври, месецот на штедење, повторно се поставува прашањето - штедат ли граѓаните во банка од немај каде, односно затоа што немаат други попаметни начини каде да ги вложат своите средства, или, пак, затоа што се плашат од кражби, па не сакаат да ги чуваат во своите домови.

И ако за заштеди граѓаните добиваат годишна камата од 1,35 отсто, за да земат кредит, на истите тие банки им плаќаат месечна камата од 5,84 проценти. 

Зошто е толку голема разликата и дали е ова праведно, од централната банка велат дека трендот на паѓање на каматите на заштедите е успорен во последниов период, а НБМ презема повеќе мерки за банките да се поттикнат да нудат повисоки камати.

Најголем дел од нето-приходите на нашите банки се темелат токму на разликата во цената на кредитите и трошокот на депозитите. Каматниот распон во последните три-четири години постојано се стеснува, што се должи на побрзото надолно прилагодување на каматните стапки на кредитите во однос на каматите на депозитите, објаснуваат монетарните власти.

„Разликата меѓу денарските активни и пасивни каматни стапки во август 2019 година изнесува 3,7 процентни поени и е најниска во последните седум години. Ова се одразува врз динамиката на нето-каматниот приход. Добивката од работењето на домашниот банкарски сектор во првата половина на 2019 на годишна основа се намали, а главен фактор беше исцрпувањето на ефектите од зголемената наплата на нефункционални побарувања, што предизвика висок раст на добивката во 2018 година. Но, и нето каматниот приход, исто така бележи умерен пад, што укажува на присутни ефекти од стеснувањето на каматниот распон врз профитабилноста“, велат од централната банка.

Каматата на кредитите, според НБМ, зависи од повеќе фактори. Покрај перцепциите за макроекономскиот амбиент, идните очекувања и оценети ризици, банките вградуваат и имплицитна премија за ризик. Во земјава, тврдат, каматната стапка на кредитите во моментов е на историски најниско ниво.

„Каматната стапка на депозитите веќе подолг период се намалува, но ова темпо е видливо успорено во последните три-четири години. Ако гледаме споредбено во однос на каматните стапки на штедните влогови во останатите земји од регионот, приносите на штедењето во домашниот банкарски систем во основа се релативно повисоки“, велат од централната банка.

Додаваат и дека презеле повеќе мерки, главно преку инструментот задолжителна резерва, со кои ги стимулираат банките да нудат поатрактивни каматни стапки на подолгорочното штедење. Овие мерки, тврдат, даваат одредени резултати, со оглед дека банките нудат повисоки приноси на долгорочните депозити, кои достигнуваат и до 2,8 отсто на орочените денарски депозити над две години.

Последните податоци на Народна банка од крајот на минатата година, покажуваат дека околу две третини од финансиската актива на домаќинствата се однесуваат на депозитите во банките и штедилниците, додека заедничкото учество на вложувањата во хартии од вредност и во удели во инвестициски фондови е околу 8 проценти. Пензиските заштеди учествуваат со 17 отсто, а полисите за животно осигурување со нешто над 1 процент. Оваа структура не е многу променета низ годините, и јасно покажува дека домашното население има значително поизразени склоности за банкарските штедни производи, наспроти другите финансиски средства или инвестициски алтернативи, па депозитите на домаќинствата кај домашните банки се речиси во постојан пораст, велат од НБМ.

Додаваат дека во услови на ниски каматни стапки, важно е банките постојано да ја подобруваат ефикасноста и да вложуваат во развој, современи технологии и различна палета на банкарски продукти, со што ќе се обезбеди одржлива профитабилност на среден и на долг рок.

„Истовремено, во изминатиот период, ние како централна банка, во повеќе наврати го соопштивме нашиот позитивен став за потребата од окрупнување на нашиот банкарски систем, што би значело и ефективно натамошно зголемување на конкуренцијата, кое очекуваме дека би довело до подобри услови за граѓаните и до проширување на лепезата производи што ги нудат банките, а под конкурентни услови“, велт од централната банка.

Но покрај ниската камата, штедењето во банка е пред уште една „опасност“, а тоа е најавеното оданочување на парите од каматите на штедните влогови од стартот на идната година, доколку годишните износи на камати надминат 15 илјади денари, со даночна стапка од 15 отсто. Од Владата деновиве се појавија различни министерски тонови дали овој данок дефинитивно ќе стартува од први јануари, или ќе се одложи.

Додека министерката за финансии Нина Ангеловска најави дека Владата размислува да го одложиоданочувањето на штедните влогови во банките, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев смета дека граѓаните кои чуваат пари во банка треба да почнат да плаќаат данок за каматите што ги добиваат. Набргу ќе се знае чие размислување ќе победи.

А се поизвесно, пак, станува, дека ќе се одложи даночењето на капиталните добивки, со стапка од 15 отсто, што исто така требаше да стартува од јануари 2020 година. За тоа Анѓушев и Ангеловска се на иста линија, сметаат дека Берзата треба да се стимулира. Опозицијата, пак, критикува дека владата не смее да си игра со даноците.

Во меѓувреме, брокерите се надеваат дека Владата ќе „попушти“ за капиталните добивки.

„Поради почетокот на примената на данокот на капитална добивка од наредната година реално е да се очекува до крајот на оваа година да има интензивирање на продажбите на хартии од вредност и неизвесно реинвестирање на истите средства. Оваа неизвесност негативно ќе се одрази на нивото на пазарните цени. Во секој случај, продажбата и евентуалното повторно инвестирање ќе значи зголемување на трошоците на инвеститорите. На долг рок, примената на одредбите од законот кои се однесуваат на капиталната добивка во оваа форма, ќе значи намалување на краткорочните купопродажби на хартии од вредност поради наплатата на данокот односно зголемување на трошоците на трансакциите, но и поради административните обврски за пријавување на истиот. Поради овие причини, реално е да се очекува намалена ликвидност и обем на трансакции. Затоа очекуваме дека државата ќе излезе во пресрет на оваа индустрија и ќе го продолжи периодот на даночно ослободување и во наредниот период во интерес на динамизирање и развој на пазарот на капитал“, вели за Фактор Горан Марковски, директор на КБ Публикум инвест.

Од друга страна, советникот на екс-министерот за финансии, Бранимир Јовановиќ, преку својот ФБ профил наведе пет причини поради кои, според него Владата не смее да го одложиоданочувањето на капиталните добивки и доходот од камати.

„Со одложувањето би се пратила јасна порака дека владата работи за богатите, спротивно на она што се прокламираше изминативе години“, е една од причините што ги наведе Јовановиќ, додавајќи дека со одложувањето на оданочувањето, државата ќе остане без неколку милиони евра приходи во буџетот.

Натамошно одложување на оданочувањето ниту ќе ја заживее берзата, ниту ќе направи банките да даваат поволни кредити, смета Јовановиќ. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија