09 Декември, 2019
0.0340

Мини шенгенот- можност за перспектива или кукавичко јајце „подарок“ од Макрон

Објавено во: Колумни 15 Ноември, 2019

Голем  шум  во јавноста кај нас, но и во регионот дигна  најавата за т.н „ мини шенген“ по иницијативата на тројцата балкански лидери  А. Вучиќ, Е. Рама и З. Заев  за економско и стопанско поврзување на трите земји по теркот на тоа во самата  Европска Унија. Всушност, лавината на реакции кои беа предизвикани од оваа иницијатива е предизвикана поради две причини: дали тоа некој на мала врата пробува да создаде „ Голема Албанија  или пак Нова Југославија“, во која доминантна улога би имала пред се албанската или српската национална заедница на овие простори, за сметка на етничката  македонска нација, бидејќи и тие се најмногубројни,  или пак ова е отворен пат за создавање на алтернатива  на полноправното членство на овие три земји во Европската Унија?

Дилеми за размислување

Во еден примордијален  регион, во кој историјата во изминатово столетие  продуцирала неколку страшни војни, со невидени  човечки жртви и раселувања, разурната економија и  инфраструктура  е дегутантно веќе да се зборува за создавање на некакви си „ големи држави“. Од проста причина што Албанија повеќе од  десет години е полноправна членка на НАТО, а Македонија прашање на месец  е кога ќе стане, па оттука тие „ стравови“ ги отфрлам како неаргументирани, па дури  и патетично смешни. Втората причина која сериозно мене ме загрижува , е дали навистина некој ( Е.Макрон)  на уште помала врата  пробува да ни бутне кукавично јајце во нашето балканско гнездо, и навистина оваа иницијатива да биде своевремено заменување, или пак во најмала рака замрзнување на полноправното членство на овие земји во ЕУ на подолг рок? Доколку тоа е така, а лидерите- иницијатори тоа го кријат, тогаш прават штети на своите држави, и своите граѓани, и нема  да донесат ништо економски   добро, бидејќи економијата ќе ја затворат помеѓу три држави економски  назадни, без развиена инфраструктура и без развиена железничка и патна мрежа. Овој т.н мини шенген, единствено и само треба да биде еден вид на подготвителна фаза на економско и стопанско вмрежување на овие три земји ( може и другите неЕУ земји околу нас доколку сакаат да се вклучат), пред нивното полноправно членство во ЕУ, односно преговорите треба паралелно да течат додека функционира оваа мини шенген зона на слобода на проток на луѓе,  идеи , пари и стоки.

Голема претпазливост  во  чекорите  кои  следат!

Другата дилема која се отвара  со оваа како „ гром од ведро небо“ промовирана идеа е дали тука не игра улога некој  поголем  геополитички центар, кој има за цел  да го измести тежиштето на европската ( на сите три земји), и  евроатланската ( на Македонија и Албанија) надворешно политичка ориентација и тоа преку Србија. Се разбира, алудирам и мислам на Русија. Значи експерименти  со мини шенгенчиња не треба да постојат, а и не треба толку да се брза, како да дошол „ ножот до коска “, па мора итно нешто да се преземе за да им се трасира патот и иднината на граѓаните од Западен Балкан. Ако беа нормални и ако беа државнички одговорни лидерите на овие три земји, па и на останатите земји , досега ќе имаа склучено меѓусебни пактови на соработка особено во економската сфера и денеска нивните граѓани, немаа да бидат најсиромашните на европскиот континент со уништена перспектива и без видливи шанси за напредок.  Особено на фонот на последното вето од страна на францускиот претседател Макрон кон европерспективите на Македонија и Албанија ( бидејќи тоа беше класично вето, а не одложување на нивната европска иднина), пред се македонскиот премиер, а со тоа и нашето  државно  раководство треба да бидат премногу внимателни и премногу сензитивни на овие и вакви иницијативи , бидејќи може да се впуштиме во нешто од кое ниту голем економски, а најмалку пак  геополитички ќар,  нема да извлечеме. Да не бидам погрешно разбран: отсекогаш сум се заложувал  пред се за економска и стопанска соработка на земјите од нашето опкружување, бидејќи тоа би донело за подобрување на ужасно катастрофалниот животен стандард на сите граѓани од овие земји, подобрување на инфраструктурата и целокупните животни тенденции. Сепак, корумпираните и криминализираните лидери на западнобалканските држави, место со вакви економски иницијативи беа зафатени со потпалување на национализмот, разгневувајќи ги толпите маси кои ги втурнаа во „ братоубиствени граѓански војни “, од кои се излезе со стотици илјади жртви, милиони раселени и упропастена иднина.

Само паметни државници можат да го извлечат најдоброто за својот народ!

Тогаш кое е решението? Мини шенгенот нека стои како институционална соработка од која ќе произлезат единствено мерки за олеснување на  трговијата и стопанството, уривање на гранично-царинските бариери, и полесен проток на капиталот, но никако тоа да биде формален политички сојуз, налик на Бенелукс, па понатаму во иднина од ЕУ да не тапкаат по рамо велејќи ни „ еве ви  мини ЕУ во нашиот двор“, така што полноправно членство не ви е потребно. Таква историска грешка , покрај многуте други не ни е потребна, бидејќи истата ќе донесе уште дополнително страдање на нашите народи и нашите држави. Конкретно за нашата, и самите нас како граѓани, по заокружувањето на нашето полноправно членство во НАТО алијансата, како своевиден безбедносен чадор и гарантор на нашата територијална целина, нашиот унитарен интегритет, сите сили и општествени капацитети треба да ги насочиме кон наше упорно инсистирање да ја добиеме ветената европска иднина, и да ни се отворат прозорците на можности, со кои можеме да излеземе од  благосостојбната и морално- културолошка  кал. А ако тие „ европски прозорци на можности “ наскоро ни бидат отворени, од нас зависи , од тука па натаму дали ќе сакаме да дишеме свеж европски воздух, т.е да си го уредиме општеството и државата по нормален тек, или ќе одбиваме се уште, уживајќи во дишењето на нашиот најзагаден македонски воздух- и во преносна и во вистинска смисла на зборот.


Благојче Атанасовски - политиколог 

Можеби ќе ве интересира

Анализа: Ќе ни донесе ли влезот во НАТО странски инвестиции ?

Анализа: Ќе ни донесе ли влезот во НАТО странски инвестиции ?

Дали НАТО е нашето злато?!

Дали НАТО е нашето злато?!

Панаѓур на суетните во Лондон - НАТО и Русија се меѓусебна закана, а македонската мечта е остварена

Панаѓур на суетните во Лондон - НАТО и Русија се меѓусебна закана, а македонската мечта е остварена

Влијание на перењето пари врз движењето на капиталот

Влијание на перењето пари врз движењето на капиталот

Знаменити кафеанчиња

Знаменити кафеанчиња