25 Април, 2024
0.0274

Минхенска конференција за безбедност – нема простор за оптимизам

Објавено во: Колумни 14 Февруари, 2020

Добивај вести на Viber

Од денес па до недела луксузниот хотел Bayerischer Hof  во Минхен ќе биде местото каде што ќе се соберат на 500 учесници, меѓу кои и 35 претседатели на држави, или премиери и министри за да учествуваат на 56-тата Минхенска конференција за безбедност. Ако се видат учесниците главниот збор ќе го има или треба да го има францускиот претседател Емануел Макрон. Од другата страна на океанот доаѓа канадскиот премиер Џастин Тридо. Се очекува дуел и меѓу министрите за надворешни работи на САД и Русија, Мак Помпео и Сергеј Лавров. Но не треба да се занемари и присуството на министрите за надворешни работи на Кина и на Индија. Повикан е и Марк Цукерберг

Мотото на годинешната конференција, ако може така да се каже е „незападност“. Според најавите, но и извештајот подготвен за конференцијата, главните прашања на кои ќе се обидат да одговорат учесниците на годинашната конференција  се: светот што станува се' помалку западен, па дали самиот Запад станува помалку Западен, а исто така, што значи за светот ако Западот ја остава сцената на другите и како би можела да изгледа заедничката западна стратегија во ера на голема конкуренција на моќ. Но, не е само Западот спомнат во извештајот. Голем простор во него е посветен и на Русија. На нејзините победи и слабости.

Авторите на извештајот се обидуваат да ги најдат корените на „распадот на Западот“ во последно време. Како тоа Западот, кој заедно го држеа приврзаноста кон либералната демократија, правата на човекот, пазарната економија и меѓународната соработка во меѓународните институции, дојде до тоа неговото значење се повеќе да се оспорува. Па авторите заклучуваат: „Ние сме сведоци на „распадот на Западот“ како релативно сплотена геополитичка конфигурација“. Длабоките придвижувања во светската власт и брзите технолошки промени го продлабочуваат чувството на тревога и неспокојство. Светот станува се помалку западен. Но што е уште поважно помалку западен станува самиот Запад. А тоа авторите на извештајот го нарекуваат „незападност“.

Меѓу причините за ваквиот развој на настаните се смета растечкото неучество на Западот во насилни конфликти. Па се вели дека во Либија се’ порешително дејствуваат Турција и Русија. Се цитира Макрон кој вели дека „Русија максимално ги раширила своите интереси, се вратила во Сирија, во Либија, во Африка, присутна е во секоја криза, благодарејќи на нашите слабости или грешки“. Според него „ неспособноста да се одговори на примената на хемиско оружје во Сирија бил првиот стадиум на распадот на западниот блок“. Па, според него, токму тогаш големите регионални држави си рекле: „Западот е слаб“. Тука тој ги споменува Русија, Кина и Индија, кои имаат повеќе политичка вдахновеност од европејците. Тие се придржуваат до политичкиот приод кон мирот, тие имаат вистинска филозофија, оригиналност, која, според Макрон европјаните во одреден степен ја изгубиле.

Подготвувачите на извештајот се жалаат дека нема единствена западна стратегија. Дека во последниве години има отуѓување и разијдување во погледите кон најважните политички предизвици. Почнувајќи од контролата врз вооружувањето и глобалната трговија, па се до промената на климата или улогата на меѓународните институции. Затоа не зачудува што други се обидуваат да ги искористат таквите пукнатини во свои цели. Лани на Минхенската конференција, Кина, Иран и Русија, ги нагласиле трансатлантските различности и како најдобри партнери на Европа се предложиле самите.

Но овде не се споменуваат  САД и однесувањето на претседателот Доналд Трамп во нагласувањето на трансатлантските разлики. А од друга страна, какво општество би било Западот, ако е униформно во секој поглед. Мора да постојат различни интереси. Па дури и вредностите на Западот потенцирани во извештајот се подложни на промени, токму од западњаците. Сите тие беа единствени околу осудата и санкциите кон Русија, поради Украина, но со тек на време тоа единство како да распукува, иако се' уште се има заеднички приод во продолжувањето на санкционата политика. Западот, НАТО, одвај постигна консензус околу тоа кој е виновен за раскинување на Договорот за ликвидирање на ракетите од краток и среден дострел. Дали САД, дали Русија. Зашто Европа е првата на линијата на огнот во тоа спротивставување. Русија го напушти пред некоја година Советот на Европа, но сега се врати во членство со мнозинска поддршка од членовите на ПАСЕ. Русија не е виновна за ова. Или пак за поделбата во САД или поделбите на „стара“ и „нова Европа“, ниту за заминувањето на Велика Британија до ЕУ.

Затоа и не чуди приодот на Макрон, кој се однесува како да е пронаоѓач на нови решенија, за кои треба да добие аплауз. Настрана „пронајдокот“ за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Ама токму Макрон е тој кој предложи „нова европска архитектура, која ќе се темели врз доверба и безбедност“. Европскиот континент, според тој „пронајдок“ никогаш нема да биде стабилен и безбеден „доколку ние не ги олабавиме и не ги разјасниме нашите односи со Русија“. Макрон смета дека Европа треба да се подготви за свет во кој САД ќе престанат за се грижат за европските интереси, како порано. За ова тој доживеа лавина критики речиси од целата Алијанса. Со забелешка дека досегашната архитектура на доверба е урната од Москва. Но има земји кои и покрај тоа сметаат дека ако Русија не е надежен политички партнер, стабилно економско партнерство би било можно, но и пожелно. Да почекаме да видиме со што ќе излезе Макрон во Минхен

Составувачите на извештајот се свесни дека Западот отстапува, се наоѓа на надолна линија и е под постојани напади, како од надвор, така и од внатре. И оттука ставот дека има многу причини за либерален оптимизам. Без оглед на „застрашувачкиот нелиберален дух на времето, авторитарните влади никако не се наоѓаат на високиот  врв на победите“. Се смета дека на земјите кои западните стратези ги определиле како основни противници им се закануваат сопствени внатрешни кризи. За Русија тоа е економијата, корупцијата на сите нивоа, демографијата и здравството. А се поавторитарната политика и „имперскиот стил“ на Сји Џинпинг предизвикува нов бран внатрешни критики и од страна на интелектуалците и од партиската номенклатура.

Овде веројатно ненамерно се избегнуваат да се спомнат авторитарните изблици во владеењето на Доналд Трамп. А што ако тој добие уште еден мандат? Последните анкети велат дека тоа е можно. Или пак кој знае како ќе се однесува британскиот премиер Борис Џонсон. И САД и Британија се демократски држави, но веќе има сигнали на авторитарно владеење. Што треба да прави Западот за да ги затвори авторитарните пукнатини во своите редови, не обрнувајќи внимание на Кина, Индија и Русија, на пример. Или пак пукнатините кои се јавуваат во Европа, а поттикнати од Полска и Унгарија. Германија веќе е „заплашена“ од моќта на партијата Алтернатива за Германија. Наследничката на Ангела Меркел, Анегрет Крамп Каренбауер, поднесе оставка деновиве, меѓу другото и околу неостварената коалиција со Алтернативата во Тирингија.

На темата Русија деновиве во интервју за Die Welt се осврна првиот човек на Минхенската конференција за безбедност, Волфганг Ишингер.  Според него рускиот претседател Владимир Путин уште од времето на неговиот пламен говор на конференцијата во Минхен во 2007 година го направил тоа што го најавил. Путин се спротивставува, од негова точка на гледање, на неодговорното однесување на Западот, предводен од САД, постепено зацврстувајќи ја руската способност да ги  унапредува сопствените интереси. Тоа се гледа на примерот на Сирија, каде што тој сака да го спречи менувањето на политичкиот пејзаж од страна на Запад, како што беше направено во 2011 година во Либија. Ишингер ја фали руската надворешна и одбранбена политика и покрај тоа што ЕУ не економски план е седум пати посилна од Русија. „Руската надворешна и одбранбена политика се високо ефикасни, затоа што со нив управува еден човек и го опфаќа целиот спектар на дипломатски и политичко економски инструменти, вклучувајќи ги и воените средства. ЕУ одвојува за одбрана многу пати повеќе средства отколку Русија. Но ние тоа го правиме многу неефикасно“, вели Ишингер.

Според него за да се одговори на Русија и други, за почеток треба да се донесе принцип на едногласност. „Денес секоја држава може се' да блокира“, вели тој.  Ишингер нагласува дека Меркел и други германски политичари предлагале носење решенија со мнозинство гласови. Па се прашува, зошто не му предлагаат на Брисел за надворешната политика да се носат одлуки со надгласување. „Се додека во усвојувањето на надворешно-политички решенија имаме какафонија од 27 варијанти на вето, тоа, кажано едноставно, е пропадната работа“, вели Ишингер. Инаку во извештајот на Конференцијата се вели дека Русија лани имала надворешно политички победи и покрај тоа што немала силни адути. Се врати во ПАСЕ, им продаде на Турците систем за против воздушна одбрана С-400 и се зацврсти како главен играч на Блискиот исток. Од друга страна му помогнала на Западот да постигне консензус со нејзиното однесување во аферата Скрипаљ, мешањето во европски избори и зголемувањето на трошоците на НАТО по настаните во Украина.

Не останува незабележана и соработката меѓу Кина и Русија. Нивните заеднички воени маневри во Русија и заедничкото патролирање над Источно Кинеското море. Расте и економската соработка. А се зацврстува и личното пријателство меѓу Путин и Џинпинг. Тие досега имале околу 30 средби. Иднината на односите се предвидува да биде соочена со сериозни пред извици. Како причина за нив. во прв ред се претпоставува дека може да биде асиметријата, во трговската соработка,  и се позабележлива во воената сфера, вселената, сајбер просторот и во областа на вештачката интелигенција.

Очигледно е дека  Русија е најнепосреден и најотворен предизвик за Западот. Не знаеме што ќе каже Лавров на Конференцијата. Но сигурно нема да отстапи од досегашните принципи на руската надворешна политика. Можеби донекаде работите ќе се сменат ако се има предвид она што сега се случува во Сирија. Не помалку и во Либија. Турција како да сака да ги надитри Русите на двата фронта. Но барем засега работите, гледано од  надвор, Реџеп Таип Ердоган и Путин ги држат во своите раце.

Од се она што се најавува и од актуелните состојби во светот нема простор за оптимизам на безбедносен план. Остануваат констатациите од минатите конференции во Минхен. За тоа дека е во тек втора студена војна, за нестабилноста во светот на фонот на соперништвото меѓу САД, Русија и Кина, за поделбата меѓу САД и Европа, за високата закана од нуклеарна конфронтација...

За регионов ќе биде интересно како ќе поминат претседателот на Косово Хашим Тачи и неговиот српски колега Александар Вучиќ, доколку се сретнат. Под покровителство на Ричард Гренел, американскиот амбасадор во Германија и специјален пратеник за дијалогот Белград - Приштина.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок