Мицкоски: За администрирање на унгарскиот заем ќе платиме само 70.000 евра
Објавено во: Економија 11 Септември, 2024
премиерот Христијан Мицкоски денеска на новинарско прашање рече дека за унгарскиот заем од 500 милиони евра ќе се потрошат само 70.000 евра за фирмата која правно ќе го администрира задолжувањето.
Законот со кој Македонија ќе се задолжи од Унгарија 500 милиони евра влезе во Собрание по скратена постапка. Утре се очекува да се гласа потребата од донесување на законот, по што ќе следат матичните комисии за финасирање и буџет и законодавно правната комисија. Македонија ќе се задолжи од унгарската експорт Импорт банка, а според текстот на законот ќе треба да плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од унгарската банка. Провизијата ќе се плати пред повлекување на првите пари од Ексим банката.
- Од овие половина милијарда кои ќе ги земеме како кредит од Унгарија, трошоците кои ќе ги платиме за правни услуги ќе не чинат 70.000 евра, објави денеска премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање. Тој додаде дека тие 70.000 евра се најнискиот трошок што сме го платиле за правни услуги и дека тоа е вообичаена процедура.
Парите од кредитната линија се обезбедуваат со камата од 3,25 отсто, 15 години отплата и 3 години грејс-период. Владата најави дека 250 милиони евра ќе бидат наменети за финансиска поддршка на домашните компании, а 250 милиони за инфраструктурни проекти за општините.