Мицкоски: На Борисов му реков дека јазикот и Гоце Делчев се македонски
Објавено во: Македонија 21 Ноември, 2019
ВМРО-ДПМНЕ и јас лично подржувам се што е добро и за Македонија и за Бугарија, имавме контруктивна средба со господинот Борисов, разговаравме за изградба на автопатишта, железничка пруга, железничко поврзување помеѓу двете земји, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО ДПМНЕ одговарајќи на новинарско прашање по објавеното видео од вчерашната средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов. Во јавноста се интерпретираше дека Мицкоски има различен став од претходно искажаниот за договорот со Бугарија. Тој денеска вели дека неговиот став е непроменет и е познат во јавноста. Мицкоски вели дека со Борисов разговарале за енергетско поврзување, продлабочување на научната соработка помеѓу универзитетите од двете држави, но и за побрзо интензивирање и отварање на граничниот прекин „Клепало“.
„Истовремено на средбата стана збор и за онаа Резолуција којашто се однесува на негирање на посебноста на македонскиот јазик, ликот и делото на Гоце Делчев и тоа не е добро и тоа не можам да го подржам и никогаш нема да го подржам, македонскиот јазик е кодофициран и меѓународно признат 1977 година, тука немаме дилеми ниту пак јас, ниту пак ВМРО-ДПМНЕ. Така што она што е добро коешто ги поврзува македонските граѓани и граѓаните на Бугарија го подржуваме, она што е спротивно на интересите на македонските граѓани, Македонија ние не можеме да го подржиме, како што е прашањето поврзано со македонскиот јазик, ликот и делото на Гоце Делчев, вели Мицкоски во изјавата по средбата со Борисов во Загреб.
Тој додава и дека е забележлива нервозата, како што вели кај владата во заминување.
„Забележлива е нервозата кај Владата во заминување, кај премиерот во заминување господинот Заев па потрчаа оние скапо платени пи-ар пера да ја искриват вистината и практично лажни вести да рефлектираат во македонската јавност: Она кое што е важно е дека и оваа лажна вест им се распрсна како меур од сапуница. Тие нека продолжат да измислуваат лажни вести, а ние ќе продолжиме да работиме, вели Мицкоски.