МИЦКОСКИ ДОБИЛ ИНФОРМАЦИЈА ДЕКА ЛУКАРЕВСКА НЕМА ДА ГО СТАВИ ЗАЕМОТ ОД УНГАРИЈА НА ДНЕВНА ТОЧКА НА КОМИСИЈАТА: „Опозицијата ќе ја опструира работата“
Објавено во: Македонија 12 Септември, 2024
Премиерот Христијан Мицкоски во коментар за износот на провизијата за заемот од Унгарија кој од вчера е во собраниска постапка оцени дека трошоците за тој заем се од 12 до 20 пати помали од заемите коишто ги земала претходната влада на СДСМ и ДУИ.
На новинарски прашања Мицкоски денеска посочи на можности за опструкција на работата на Комисијата за финансирање и буџет која како матично собраниско тело треба да се изјасни за Предлог законот, но, како што порача, власта има задача да го зачува достоинството на институцијата и да обезбеди средства за развој за компаниите и за општините.
– Цената која што ја плаќаме за оваа половина милијарда е некаде од прилика, вчера кажав на прес-конференција 0,1 процент, но таа е 0,014 проценти. И тоа е за адвокатски услуги итн., процес којшто е стандарден за ваков тип на заем. Направив анализа колкава провизија плаќала владата на СДСМ и ДУИ во периодот кога таа се задолжувала преку емисија на државни обврзници на меѓународниот пазар. И таа провизија тие што ја плаќале се движи од 12 до 20 пати повеќе од тоа што ние сега како адвокатски услуги го плаќаме за овие 500 милиони евра. Ќе повторам, од 12 до 20 пати, рече Мицкоски на новинарско прашање, по пуштањето во употреба на Спортско рекреативен центар „Бранители“ во населеното место Љуботенски Пат во Општина Бутел.
Тој соопшти дека добил информација оти претседателката на Комисијата за финансирање и буџет Сања Лукаревска денеска нема да ја стави оваа точка на дневен ред и оти таков став зазеле во СДСМ.
-Деловникот е јасен, има таму период кога треба да се стави оваа точка, доколку не се стави што се прави итн., и тоа ќе се прави. Опозицијата претпоставувам Левица, ДУИ и СДСМ ќе се обидат дури мислам и на недемократски начин да ја опструираат работата на Комисијата, но нашата задача е да го зачуваме достоинството на институцијата и да обезбедиме средства за развој за компаниите и за општините, изјави Мицкоски.
Според него, вистинската намера на опозицијата е стравот бидејќи, како што рече, ако овие средства се вложат на начин на којшто планираме да ги вложиме ние ќе добиеме политички бенефит од сето ова и на тој начин преку реализација на проектите во општините и поддршка на бизнисот конечно после долго време застој и уназадување државата ќе почне да чекори напред. - Тоа е вистинската суштина, рече Мицкоски.
Предлог законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Унгарската експорт - импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност по Договор за заем за буџетско финансирање и финансирање на општи цели е на дневен ред на 14. седница на Собранието.