24 Април, 2024
0.0365

Ми недостасува љубовта на маестрото, му пишувам блуз „Стариот мој“:Открива Игор Џамбазов и најавува музички настан за душа, утре во Станица Карпош

Објавено во: Стил 16 Јуни, 2022

Добивај вести на Viber

Македонскиот шоумен Игор Џамбазов, на стадионот Локомотива, сега со ново име Станица Карпош, најавува неверојатен open air настан за душа, кој ќе почне во 20 часот. Публиката ќе има можност да ужива во хитовите кои со години се дел од најголемите музички настани кај нас. Тие ќе бидат „ зачинети“ со анегдотите и приказните кои што Џамбазов ги носи со себе.
Настанот наречен „ Под ѕвездите“ќе го збогати и рок репертоарот на Бени и „Нон Стоп“, но и стенд ап настапот на македонската актерка Весна Бејби Петрушевска.


* Повторно дружба со публиката на голем концерт, по подолга пауза, за која е виновна корона пандемијата. Почна ли да се качува адреналинот, се чувствува ли некоја возбуда, како течат подготовките?

- Верувајте ми, возбудата е потполно иста како и пред точно 25 години, кога за прв пат имав концерт. Поточно три концерти по ред во Универзалната сала, кои ги посветив на мајка ми Анче, која почина неколку месеци порано. Тогаш, за првпат го презентирав мојот блуз, Од тогаш, па до денес, заедно со Гуру Харе, Таци, Бумбар,  во поново време и Филип, ние сме на мисија. Се бориме против кичот, шундот, плејбекот и турбо-фолкот со оригинален македонски блуз. И „секој ден во секој поглед се повеќе напредуваме“, што би рекол Кустурица во „Доли Бел“.


* Како ќе изгледа сет листата?

- Прво да ви кажам дека сум пресреќен што еден мој Инстаграм пост (јас сум инфлуенсерка, нели), посветен на односот на организаторите на концертите кај нас кон македонските изведувачи, дигна голема прашина. Почнаа да ми се јавуваат луѓе кои поттикнати од мојата „кампања“, решиле своите идеи за организирање концерти да ги реализираат исклучиво со македонски бендови. Такво место е и „Станица Карпош“, кое претендира да биде една „оаза“ за нас домашните уметници. Место каде што, освен концерти, ќе има и театарски претстави, изложби, промоции. Ве поканувам сите да дојдете. Ќе ги отсвириме сите хитови кои ги имаме. А, а ги имаме, сите кавери на познати светски хитови, како и дел од најновиот репертоар. Прва ќе настапи Весна Беји со својот стенд-ап, по неа Бени и „Нон-стоп“. Ние сме вишната на шлагот од тортата.


* Неодамна почина вашиот татко, маестро Александар Џамбазов. Дали му посветивте стихови и ги срочивте во музика, која ќе ја промовирате на концертот?

- И тоа е тоа што ме прогонува од денот на неговата смрт. Пишувам блуз што се вика „Стариот мој“, кој набргу ќе го промовирам. На овој концерт за маестрото, а и за сите оние кои не напуштија во последните две години, ќе ја изведеме блуз верзијата на легендарната „Ако умрам или загинам“.

* Кога ќе ги изгубиме родителите, во еден миг совеста ја ставаме на вага. Се прашуваме колку бевме добри синови или ќерки, дали ги исполивме нивните очекувања. Се случи ли нешто слично и кај вас?

- Се разбира. Пресреќен сум што татко ми Џамбаз навистина се гордееше со мене, и со се она што успеав да го направам. Но најмногу се радуваше на мојата одлука да го променам стилот на животот, повеќе да се сакам себе си од другите, и така да ги фрлам на буниште сите лоши филмови од приватниот живот во кои ја играв главнта улога. Ми недостасува маестрото. Многу.. Неговиот дух, и неговата неверојатна љубов кон мене и сестра ми Тања, кон мајка ми Анче, кон музиката, и воопшто кон животот.

* По завршената претстава „завесите се спуштаат“, публиката си заминува, доаѓате дома во својот свет. Може ли да ни откриете дел од него?

- Мојот свет одамна не е само мој. Инстаграмот е виновен за тоа. Јас сум еден од ретките што ги споделува сите моменти од животот, онака какви што навистина се. А не некој нестварен и нереален свет, во кој ништо не е онака како што изгледа. Мојот свет сега е Илина. И Дојран. И љубовта. И блузот. И здравјето.



* Битен елемент за целокупниот визуелен впечаток на жената е нејзината посебност, бидејќи секоја од нив има нешто свое, што ако го негува може да стане препознатлива и интересна. Во вашиот свет сега е и Илина. Каде е нејзината посебност?

- Да бидеш една од 70те жени во историјата на човештвото што успеале да го направат подвигот наречен „7те врвови“, тоа значи дека си навистина посебна. Со Илина имаме една работа што ептен не поврзува. и двајцата сме „мулти-таск“„. Работиме повеќе работи, на повеќе полиња, и се трудиме во сите нив да бидеме еднакво успешни, Среќен сум што судбината ми ја прати. И тоа пред моите порти во Дојран. Се сретнавме, и повеќе не се разделивме. Освен кога е на пат. Како сега. А многу често е на пат.


* Велат „првпат да застанеш на лудиот камен е храброст, но вторпат лудост“. Ќе останете само храбри или размислувате за „ лудоста“? 

- Во животот бев и храбар и луд. И сè уште сум храбар. Само што не сум толку луд. Ќе мора да ја прашате и „втората страна“...

* На сите староста ни е единствената сигурна иднина, рекол Бернард Шо. Што би додале на оваа синтагма? 

- Убаво рекол колегата Шо. И потполно се сложувам. Со тоа што јас се обидувам староста да ја преточам во „втора младост“. И сега-засега ми успева.

Соња Алексоска Неделковска 

Можеби ќе ве интересира

Мемедоски е македонскиот претставник на „Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви“ во Прага: Бог ме направил различен од другите, но ми подарил повеќе таленти

Мемедоски е македонскиот претставник на „Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви“ во Прага: Бог ме направил различен од другите, но ми подарил повеќе таленти

МЛАДИТЕ БРИТАНЦИ НЕ ГО САКААТ КРАЛСКОТО СЕМЕЈСТВО: Само еден член стои полошо од Хари и Меган

МЛАДИТЕ БРИТАНЦИ НЕ ГО САКААТ КРАЛСКОТО СЕМЕЈСТВО: Само еден член стои полошо од Хари и Меган