02 Јули, 2022
0.0350

МЕРКИТЕ МОЖЕБИ ЌЕ ТРЕБА ДА СЕ ВРАТАТ АКО СИТУАЦИЈАТА СЕ ПРОМЕНИ: Интервју со д-р Јохансен од СЗО

Објавено во: Интервјуа 18 Април, 2022

Добивај вести на Viber

Маските паднаа. Рестрикциите за затворени простории и за јавни отворени простори се речиси целосно укинати. По повеќе од две години, животот наликува на предпандемиската реалност. Но, во текот на целата пандемија се создаде големо незадоволство и недоверба кај граѓаните, па така иако корона вирусот сѐ уште не е победен, речиси и да нема голем интерес за вакцинирање. Светската здравствена организација, вклучувајќи ги и активностите во Македонија во координација со Министерството за здравство, се залага за „бустер“ дози и заштита на ранливите категории кои може да имаат најголеми последици од заразата.

Со д-р Ане Јохансен, специјална претставничка на СЗО Европа за Северна Македонија и в.д. шефица на Канцеларијата на СЗО во Скопје разговаравме за процесот на вакцинација во следниот период, но и справувањето со бројните дезинформации кои може да го одложат крајот на пандемијата. Се осврнавме и на прашањето за глобалниот одговор и достапноста на вакцини и медицински средства и кога може да се стави крај на пандемијата.

Дали довербата во институциите и здравствените власти се намалува со оглед на ниското ниво на вакцинација во Македонија во споредба со европскиот просек и колкава е очекуваната стапка на вакцинација во понатамошниот процес?

Д-р Јохансен: Причините за различниот опфат со вакцинација во земјите во Европскиот регион на СЗО се поврзани со контекстот. Успешноста на вакцинацијата против Ковид-19 во една земја е резултат на повеќе фактори поврзани со снабдувањето со вакцини и логистиката, лесниот пристап за секого, комуникацијата, како и подготвеноста на населението да ја прифати вакцинацијата.

На ставовите на луѓето кон вакцинацијата влијаат и информациите што се однесуваат на моменталната ситуација со Ковид-19 во земјата, како и информациите за вакцините против Ковид-19 што ги добиваат од Владата и министерствата за здравство, преку интернет или од пријателите и семејството, советите што ги добиваат од лекарите и нормите на заедницата на која припаѓаат.

За никој да не биде запоставен, особено меѓу лицата кои се изложени на најголем ризик, како што се постарите лица, лицата со основни болести и имунокомпромитираните лица, сите владини и здравствени власти мора да продолжат да ја истакнуваат важноста на вакцинацијата и да го прилагодуваат спроведувањето на услугите врз основа на утврдените пречки за вакцинацијата на локално ниво. Вакцинацијата и понатаму останува приоритет бидејќи вирусот сè уште циркулира и сè уште непотребно се губат животи.

Кои се следните чекори за намалување на ризиците и последиците со оглед на олеснувањето на мерките, како на отворени јавни површини и простори, така и во затворени простории?

Д-р Јохансен: Секоја земја треба да ја разгледа можноста за укинување на мерките врз основа на сопствената епидемиолошката состојба, а имајќи во предвид дека во секоја земја и понатаму се разликува епидемиолошката состојба, се разликува придржувањето кон превентивните мерки од страна на населението на ниво на заедницата. Секоја земја мора да утврди што функционира, да ја разгледа моменталната ситуација, но, исто така, при укинување на ограничувањата јасно да му стави на знаење на населението дека мерките можеби ќе треба да се вратат ако ситуацијата се промени.

Варијантата „Омикрон“ се пренесува многу бргу. Имаме „Омикрон“ БА.1 и БА.2, а знаеме и дека БА.2 се пренесува уште побргу од БА.1. Ова се случува во контекст на укинување на превентивните мерки за кои знаеме дека го спречуваат преносот на вирусот. На овој начин вирусот ќе добие поголема можност да се шири, а имаме и нецелосен опфат со вакцинација во многу делови од Европскиот регион; и исто така и меѓу луѓето кои се изложени на поголем ризик да развијат тешка форма на болест.

Исто така, имаме огромни количини на дезинформации во етерот. Погрешно е „Омикрон“ да се опишува како блага варијанта, дека пандемијата е завршена, дека ова е последната варијанта со која ќе треба да се справиме. Овој вирус многу бргу се шири меѓу луѓето. И ако соодветно не интервенираме, вирусот ќе ги искористи можностите да продолжи да се шири. А колку повеќе вирусот се шири, толку повеќе има можности да се промени.

Сепак, имаме алатки кои ќе помогнат да се намали ширењето. Знаеме дека маските помагаат. Знаеме дека одржувањето на физичко растојание помага, знаеме дека вакцинацијата спасува животи. Станува збор за повеќеслоен пристап и најефективно користење на овие алатки, и важно е да осигуриме дека не само што спасуваме животи со вакцинацијата, туку и дека имаме добро тестирање и надзор, како и дека преземаме мерки за намалување на ризикот.

Треба и понатаму да бидеме навистина претпазливи. Треба да направиме сè што можеме и каде можеме за да го намалиме ширењето на вирусот. Треба сето ова многу внимателно да го следиме. И треба да се фокусираме на вакцинирањето на најранливото население, и тоа треба да го направиме што е можно побргу во секоја земја.


Колку СЗО во земјата и на глобално ниво се справува со приливот на дезинформации, лажни вести и пропаганда за Ковид-19, безбедноста на вакцините и мерките што ги преземаат здравствените власти?

Д-р Јохансен: Успехот на одговорот на Kовид-19 зависи од тоа колку луѓето се информирани, подготвени и колку им е овозможено да ги преземат вистинските мерки за јавното здравје.

Лажните информации и дезинформациите го доведуваат во опасност здравјето и животот на луѓето, ја поткопуваат довербата во науката, во институциите и во здравствените системи и го попречуваат одговорот на пандемијата. Секогаш кога науката заснована на докази се соочува со предизвици наметнати од лажни информации или дезинформации, едно лице може да биде спречено да ги донесе најдобрите одлуки за заштита на своето здравје.

Лажните информации и дезинформациите ја подгреваат недовербата. Луѓето треба внимателно да ги избираат информациите, да бараат сигурни извори кои обезбедуваат совети засновани на најновите докази и научен консензус. Бесплатно достапната алатка „Healthy Buddy+“ на СЗО и УНИЦЕФ е пример за одлична алатка која им овозможува на луѓето да побараат стручни совети за Ковид-19 и вакцините што штитат од него. Достапна е на македонски и албански јазик.

СЗО има серија видеа „Наука во 5“ кои се занимаваат со најчестите прашања, a на платформата COVID19infovaccines.com, која ја води Центарот за соработка на СЗО за безбедност на вакцините се даваат одговори на прашања од здравствени работници за вакцините и вакцинацијата против Ковид-19.

Ги охрабруваме сите внимателно да ги избираат информациите и да бараат сигурни извори кои даваат совети засновани на најновите докази и научен консензус.

Ако продолжиме да го правиме ова, да се вакцинираме и да ги следиме сите мерки за кои се знае дека го спречуваат преносот на вирусот, како носење маски во затворени, ограничени и преполни простори, држење физичко растојание и слично, тогаш можеме да ја завршиме акутната фаза на пандемијата во 2022 година.

СЗО во Северна Македонија континуирано го поддржува Министерството за здравство во работата на утврдување на пречките за вакцинацијата против Ковид-19 во различни заедници, како и за справувањето со овие пречки преку прилагодени активности за доближување на вакцините и информациите до граѓаните.

На пример, во периодот февруари-март 2022 година, СЗО спроведе две истражувања за процена на перцепциите за ризикот, однесувањето, довербата и знаењата поврзани со пандемијата предизвикана од Ковид-19 и вакцинацијата против Ковид-19, како на јавноста, така и на здравствените работници во Северна Македонија.

Наодите од истражувањата даваат драгоцени сознанија за процена на колебливоста во поглед на вакцините и ќе се користат за зајакнување на идните интервенции засновани на докази и за прилагодување на активностите за комуникација на ризикот, за да се зголеми опфатот на вакцинацијата против Ковид-19.

Долгорочните последици од Ковид-19 вклучуваат кардиоваскуларни болести, мозочен и срцев удар и згрутчување на крвта. Колку здравствениот систем е подготвен за следење, превенција и третман на пациентите и какви мерки треба да се преземат?

Д-р Јохансен: СЗО работи со здравствените власти во сите земји на предвидување на долгорочните потреби во поглед на долготрајниот Ковид врз основа на тековните докази и има воспоставено структури за здравствена заштита за нивно решавање.

Долготрајниот Ковид или пост Ковид-19 е сложена состојба, која се одликува со неколку симптоми и засега повеќе органи и системи. Се јавува кај лица со историја на инфекција со САРС-Ков-2, обично 3 месеци од почетокот на симптомите на Ковид-19 и трае најмалку 2 месеци и не може да се објасни со алтернативна дијагноза.

Студиите се во тек, но врз основа на ограничените докази, податоците укажуваат дека доколку се вакцинирате против Ковид-19 пред природно да ја добиете инфекцијата, тоа значи дека имате помала веројатност да развиете симптоми на долготраен Ковид.

Што научивме во текот на пандемијата, во смисла на солидарноста, еднаквата дистрибуција на вакцини и медицински помагала (маски, тестови, заштитна опрема), како во развиените, така и во земјите во развој, и зошто имаше големо доцнење во земјите како Северна Македонија?

Д-р Јохансен: Научивме дека меѓународната соработка е од суштинско значење: од доставување пакети со кислород онаму каде што е најпотребно до развој на вакцини и терапии за Ковид-19 кои спасуваат животи и кои заедно спасија безброј животи.

Исто така, уште еднаш видовме дека „никој да не остане запоставен“ не е слоган, туку неопходност.

Нерамномерната дистрибуција на вакцини и други технологии е рецепт за нерамномерна дистрибуција на влијанието на оваа пандемија, особено во поглед на тешката форма на болеста и смртните случаи.

Високиот број на случаи ја зголемува можноста вирусот да мутира. За да ги намалиме случаите, мораме да „направиме сè“ - ова вклучува вакцинација, но и тестирање и превентивни мерки како што се носење маска во преполни места како во автобус или воз, и обезбедување добра вентилација со отворање прозорец или врата кога е безбедно да се стори тоа.

Во регионот на Европа сè уште има многу значаен пренос на Ковид-19, иако охрабрува фактот што смртните случаи од Ковид-19 сега се намалуваат.

Нееднаквоста, во поглед на пристапот до вакцинација, тестирање и третман, и понатаму останува главно прашање и треба да се реши. Пандемијата ќе остане глобален предизвик. Треба да обезбедиме вакцини за сите луѓе кои се изложени на ризик во сите земји, не само во некои земји.

Стабилноста мора да биде во центарот на националните стратегии, а тоа значи да се задржи неконтролираното пренесување, одговорот и понатаму да биде активен преку низа превентивни мерки кои помагаат да се спасат животи и да се избегнат екстремни промени од „нема мерки“ до „заклучување“.

Ковид-19 нема едноставно да исчезне. Треба да преземеме активности за да им помогнеме на сите да излезат од оваа итна јавно-здравствена состојба, како:

o  Да ги заштитиме луѓето кои се изложени на ризик од тешка, опасна по живот болест преку континуирана примена на мерки за превенција и контрола на инфекции, вакцинација, рано откривање и висок квалитет на здравствената грижа

o  Да воспоставиме посилни интегрирани системи за надзор за подобро следење на вирусот, за да можеме побрзо и попрецизно да го утврдиме неговото ширење, како и да ги забележиме значајните геномски промени кои значително ги менуваат неговите карактеристики

o  Да ги одржуваме капацитетите за одговор на здравствените системи агилни и подготвени за брз одговор на голем наплив на случаи доколку се појави нова варијанта - или дури и нов вирус со пандемиски потенцијал

Треба да се справиме со долгорочните влијанија на пандемијата - вклучително и со несаканите изгледи да имаме милиони луѓе со пост-Ковид состојба (позната како „долготраен Ковид“) – заедно со заостанатата работа на приоритетите во јавното здравје кои беа запоставени за време на кризата, како што е имунизацијата на децата и скринингот за рак.

Дали постои ризик од натамошни мутации на вирусот Корона и колку е доведена во прашање ефективноста на вакцините, како во поглед на заштитата од инфекција, така и во поглед на спречување на фатални последици?

Д-р Јохансен: Постојат различни сценарија за тоа како би можела да се одвива пандемијата и како би можела да заврши акутната фаза - но опасно е да се претпостави дека „Омикрон“ ќе биде последната варијанта или дека сме на крајот на играта.

Не постои гаранција дека нема да има друг наплив и/или друга варијанта која би можела да биде многу поразлична, потенцијално попренослива или повирулентна од „Омикрон“. Затоа мора да го намалиме преносот на вирусот со следење на превентивни мерки како што се носење маски во затворени, ограничени и преполни простори во заедницата, миење раце и така натаму. И, мора да го поттикнеме прифаќањето на вакцините, особено кај приоритетните групи, за да спречиме тешка форма на болест.

Податоците за успешноста на вакцините против Ковид-18 на СЗО ЕУЛ покажуваат дека тие обезбедуваат добро ниво на заштита од тешка форма на болест, хоспитализација и смрт.

СЗО продолжува да нагласува дека вакцинацијата го намалува, но не го отстранува ризикот од инфекција или пренесување. Вакцините сè уште обезбедуваат силна заштита од тешка форма на болест од сите варијанти на Ковид-19, вклучително и „Омикрон“, меѓутоа, забележана е намалена ефективност на вакцината против инфекцијата со „Омикрон“. Вакцинацијата сама по себе не е доволна за да се спречи преносот во затворен простор, особено во поглед на високо преносливата варијанта „Омикрон“.

Кога може да се очекува крајот на глобалната пандемија на вирусот Корона и дали сметате дека темата повеќе не добива соодветно внимание од јавноста, и дали тоа може да го одложи крајот на глобалната закана од Ковид-19?

Д-р Јохансен: Влеговме во третата година од пандемијата и досега се изгубени 6,1 милиони животи од Ковид-19 - речиси една третина од нив во регионот на Европа. Затоа, мора да ни биде јасно дека вирусот е сè уште меѓу нас.

Ова е глобална пандемија, во која секој регион, секоја земја е во различна фаза на одговор врз основа на циркулирачкиот вирус, опфатот со вакцинација и преземените мерки за намалување и контрола на преносот на вирусот.

Ако брзо го зголемиме опфатот со вакцинација во земјите каде што заостанува и ги прилагодиме тестираните превентивни мерки, во согласност со локалната ситуација и контекст, и осигуриме дека здравствените системи се подготвени, веројатно е дека  во 2022 година ќе можеме да ставиме крај на акутната фаза на пандемијата во регионот на Европа.

Ова би значело дека би можеле да се фокусираме на управување со потенцијалните идни бранови со понасочени и не толку драстични интервенции.

Но, сè уште постои неизвесност во поглед на слабеењето на имунитетот и можноста за појава на други варијанти.

Како одговор на Ковид-19, ги повикуваме сите земји да останат внимателни и да го зајакнат интегрираниот надзор, насоченото тестирање и секвенционирање, да ги споделуваат геномските секвенци во јавните бази на податоци и да продолжат да доставуваат податоци до СЗО/ЕЦДЦ, а истовремено да го подобрат опфатот со вакцини, вклучително и со „бустер“ дози за ранливите групи и да спроведуваат ефективни мерки за превенција и контрола и зајакнување на здравствените системи.

Ако останеме внимателни и продолжиме да ги користиме алатките за кои знаеме дека нè штитат од Ковид-19, можеме да се надеваме дека ќе ја оставиме оваа пандемија зад нас во регионот на Европа.

Ја имаме моќта да се заштитиме себеси и саканите. Примете ја целосната вакцина која спасува живот, вклучително и „бустер“ дозата кога се нуди, одржувајте физичко растојание, носете маска во затворени, ограничени и преполни простори, користете вентилација за да го растерате вирусот и чистете ги рацете.

Х. С.