19 Април, 2024
0.3200

Меркел ја преброди Америка, на ред се Русите

Објавено во: Колумни 15 Мај, 2020

Добивај вести на Viber

Во средата во Берлин канцеларката Ангела Меркел искажа огорченост од однесувањето на Русите.  Таа пред пратениците во Бундестагот потврди дека германското обвинителство дало налог за апсење на русин осомничен за хакерски напад на Бундестагот во 2015 година. Според неа,  доказите за вмешаност на Русија во тој напад не помагаат во поправањето на односите меѓу двете земји.

„Можам да кажам многу чесно – тоа мене ме нервира. Од една страна секојдневно се стремиш да ги подобриш односите со Русија, но од друга страна, кога ќе видиш такви груби сведоштва за односот на руските сили, се создава поле  со напнатост во кое ние работиме“, рече Меркел. Таа претрпела болка кога добила информација за хакерскиот напад. Германија си остава право да преземе мерки, „во тие рамки и во односите со Русија“, како одговор на таквите „груби“ дејства, забележа таа во Бундестагот.

Според нејзини зборови руската страна применува стратегија на „хибридна војна“, чиј дел се „дезориентација“ и „извртување на фактите“. И покрај ова таа и натаму ќе се труди да ги сочува добрите односи со Русија, затоа што смета дека е неопходно да продолжат дипломатските напори. Но, додава, дека ваквите инциденти ја попречуваат довербата во соработката. Притоа таа го спомена и протерувањето на двајца руски дипломати после убиството на еден чеченски бунтовнички командант. Кој, пак, од Русите беше обвинет за убиства. Германија тогаш ја критикуваше Москва за недоволната соработка во истрагата на тоа убиство за кое постојат сомневања дека е нарачано од чеченските власти.

Една недела пред  изјавите на Меркел, на петти мај, германските медиуми соопштија детали за петгодишната истрага на хакерскиот напад на Бундестагот, во кој беше пробиена и електронската пошта на канцеларката. Според DerSpiegel, германските власти успеале да направат делумна реконструкција на настаните во 2015 година. Во текот на истрагата биле одземени над 300 сервери и била побарана правна помош од 21 земја.

Истрагата утврдила дека достапот до службената преписка добил хакер кој работел под прекарот Scaramouche. На 7 мај 2015 година тој оддалеку се обидел да го пробие поштенскиот сервер на канцеларијата на Меркел во Бундестагот, но не успеал, затоа што неговата клавијатура немала германски шрифт. На 8 мај тој успеал да влезе во зданието на Бундестагот, како еден од поканетите гости на одбележувањето на годишнината од крајот на Втората светска војна и таму успеал да добие достап до компјутерите на парламентарната канцеларија на Меркел. Тој упаднал во две поштенски адреси на кои се наоѓала целата преписка на канцеларката од 2012 година. После упадот целата информација била симната на друг компјутер. Обемот на симнатите податоци тешко може да се утврди, но се претпоставува дека се симнати околу 20 Гигабајти информации. Зад прекарот Scaramouche, според верзија на истрагата, се крие офицер на руското воено разузнавање(ГРУ), Димитриј Бадин. За него е даден налог за апсење. Бадин исто така го бараат и САД, каде што го сомничат за крадење на електронските писма на Хилари Клинтон и Демократската партија пред претседателските избори во 2016 година.

Сето ова личи малку џејмсбондовски. Но на Меркел не и е прв пат да биде цел на специјални служби. Американската Агенција за национална безбедност(NSA) во 2013 година го прислушкуваше телефонот на германската канцеларка.  Наводите за прислушување на телефоните од страна наNSA излегоа од тајните што ги откри  американскиот „свиркач“ Едвард Сноуден за големиот американски надзор, во 2013 година.

Прислушкувањето на телефонот на Меркел доведе до огромна затегнатост меѓу двете земји. Во Германија почна да се јавува антиамериканско настроение. Јавното мислење беше шокирано. Меркел налутено и порача на американската влада дека „шпионирањето меѓу пријателите не е прифатливо“. Од германското обвинителство излегоа со изјави дека „постојат доволно докази дека непознати членови на американските разузнавачки служби го шпионирале мобилниот телефон на канцеларката Ангела Меркел“. Одговорот на Американците беше лаконски. Од Белата куќа не негираа, но нагласија дека ќе нема  коментар за телефонот на Меркел, а ќе нема и во иднина.

Во Германија беше формирана и парламентарна комисија за да се истражи американското однесување. Но по две-три години се како да испари. Американците не соработувале доволно. И излегува дека немало прислушкуван телефон, како да немало мешање на NSA...Во јавноста исплива дека и германската специјална служба прислушкувала американски политичари, и не само американски, дека соработувала со  NSA. Во една парламентарна расправа околу прислушкувањето од Меркел беше побарано да ја каже причината зошто поранешниот прв човек на германската рзузнавачка служба(БНД), Герхард Шиндлер предвремено замина во пензија во 2015 година. Канцеларката одби да даде конкретен одговор на прашањето, но изјави дека е среќна што БНД успеала да направи „нов почеток“.

Најверојатно американскиот претседател Барак Обама успеал да најде заеднички јазик со налутената Ангела Меркел и да ја пребродат целата ситуација. Американците ветиле дека нема повеќе да го прислушкуваат нејзиниот телефон, но не и на другите германски политичари. Па така NSA исчезна од видикот на германската јавност. Од Берлин замина, да не се рече протеран, првиот човек на ЦИА во Германија. БНД секако и сега соработува со американската агенција, но со цврсти барања да бидат почитувани германските закони. Тие постоеја и пред 2013 година, ама не и за Американците.

Според некои познавачи на германско-американските односи кога станува збор за вистинско партнерство Берлин очекува да се има исто ниво на доверба како што ја имаат петте држави од групата „Пет очи“. Разузнавачко друштво составено од САД, Канада, Велика Британија, Австралија и Нов Зеланд. Веројатно САД и Германија разговарале за ова, но Вашингтон се спротивставил, сметаат тие познавачи. Па така излегува дека Германија не ги исполнува критериумите. А можеби е и оценка на Американците дека засега треба да се соработува само со англо-американски држави. Немаат доверба во други, иако се заедно во  некои воени сојузи.

Имајќи го сето ова предвид може да се претпостави развојот на ситуацијата со наводното руско државно хакирање во Бундестагот. Москва обвинувањата ги отфрла. Како што ги отфрла и обвинувањата од САД и од Велика Британија за изборите во 2016 и за труењето на таткото и ќерката Скрипаљ. Во Русија сметаат дека кога се вели „со голема веројатност ова е руско масло“ не значи дека тоа е и доказ. А кога ги бара конкретните докази не и ги даваат со образложение дека во таков случај ќе се наштети на работата на нивните специјалните служби. Тоа, отфрлање на обвинувањата, Москва го правеше и во сите изминати пет години, колку што траеше истрагата за хакерскиот упад во Бундестагот и канцеларијата на Меркел таму.

Сега може да се очекува да потрае лутината на канцеларката. Но таа со Владимир Путин има толку многу заедничка работа на меѓународен и билатерален план што ќе мора да се одлути што побрзо.  Во јануари годинава Ангела Меркел беше во Кремљ.Таму по средбата со Путин на прес конференција, одговарајќи на прашање од германски новинар за зближување со Русија на сметка на САД, Меркел одговори дека Германија и Европа пред се ги следат своите интереси, а Русија своите и дека сега успеваат да најдат заеднички интереси за некои прашања, без оглед на разногласијата што продолжуваат за други прашања. Бизнисот во Германија е многу насочен кон Русија и претрпе големи штети со ембаргата кон Русија. Од друга страна ембаргата тешко дека ќе се симнат се’ додека не се отстранат причините за нивното воведување. Затоа Германија и Русија, заедно со Франција и Украина бараат решенија за Донбас. Не може Меркел сега да рече не ме интересира Украина, кога веќе е влезена длабоко во решавањето на проблемите таму. Тука е и прашањето за Иран. Германија и Русија имаат слични ставови за разлика од САД, кои го напуштија тешко постигнатиот договор за иранското атомско оружје. Или Сирија или Либија каде што Русија е главниот поддржувач на германската инцијатива за постигнување мир во таа земја.

Шпионските игри обично завршуваат зад затворени врати. Денес кога секој секого шпионира, пред се поголемите држави и држави со развиен систем за разузнавање и контраразузнавање, може да се откриваат разни случаи на хакерски напади и слично. Овој вид криминал никој не сака да се стави под контрола. Имаше една инцијатива од Москва до Вашингтон, но барем досега не е ништо излезено на видело.  И нема да излезе Дневно по кој знае колку хакерски напади  се вршат под закрила на државата. Во некои држави има специјални единици за таква работа. И никому не му е гајле дали хакира сојузник или противник. Еден германски припадник на специјалните служби вели дека во правни држави како Германија – специјалните служби работат во цврсто означени рамки на постојното законодавство и се наоѓаат  под јасна парламентарна контрола и редовно реферира пред пратениците. А во авторитарните не се води дискусија за тоа што е дозволено, а што не е дозволено на специјалните служби. Како да ја заборавил епизодата со NSAкоја дојде токму од правна држава и’ го прислушкуваше телефонот на неговата канцеларка.

Не знам само кај нас како работат специјалните служби. Веројатно наместо кон противници и непријатели тие се насочени на внатрешен план па затоа постојано со години имаме хакирани или прислушкувани разговори. Човек дури да се запраша колку специјални служби имаме. Колку државни, а колку париски и други..?

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок