МЕЏИТИ: Во ДУИ има проблеми и разлики, јас сакав да ги приближам со Заев и СДСМ, но не да се стопат во тоа
Објавено во: Македонија 03 Март, 2021
Kоординаторот на пратеничката група на ДУИ, Изет Меџити, и поранешен градоначалник на Општина Чаир во гостување во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ изјави дека во партијата има разлики, како политички така и во други конотации, но дека со оглед на тоа што има состојба со епидемија во која никој не треба да придонесува да се влоши ситуацијата, се прават обиди да бидат решени разликите и проблемите кои во ДУИ реално постојат.
„Нема ништо лошо да се констатира дека има проблеми и разлики, но тоа со дебата и дијалог треба да се реши. Разликите се и концептуални и политички. Сакаме да се почитува принципот на медиокрација, ДУИ да го оствари она што го ветил, што е една од причините што сме најголем претставник на Албанците во земјава“, изјави Меџити.
Според него, за локалните избори се прават анкети, се гледа како котираат луѓето и смета дека истотото тоа треба да биде принцип и за луѓето кои ги претставуваат.
„Ова не е експертска Влада, не е техничка Влада, ова е политичка Влада и таму треба да има луѓе кои што имаат легитимитет и кај народот и кај членството и треба да котираат добро и на анкетите“, изјави Меџити.
Тој појасни дека за него и за ДУИ партнер е Зоран Заев и СДСМ.
„Направивме многу досега, не чека уште многу работа и мислам дека сме на прав пат да ги заокружиме овие работи кои ќе дадат нова перспектива на граѓаните на земјава“, изјави Меџити.
Тој вели дека бил еден од поборниците ДУИ да се одлепи од тогашното ВМРО на чело со Груевски и да се приклучи на оваа коалиција, која придонесе државата да излезе од изолација, да стане членка на НАТО и да претендира за ЕУ.
„Но, исто така, денес имаме забелешка – сакав да ги приближам со Заев и СДСМ, но не да се стопат во тоа. Забелешката е кон изјавата на Груби дека „едно сме“, а ако го мисли тоа политички, јас сум против тоа. Се знае од каде потекнува ДУИ и што претставува оваа партија“, изјави Меџити.