18 Април, 2024
0.0362

Медиумите и Бадник

Објавено во: Колумни 04 Јануари, 2020

Добивај вести на Viber

Без сесрдната поддршка и помош од колегите од сите медиуми Бадник не ќе беше она што е денес, убава и прифатена манифестација од скопјани,желни за дружење и продолжување на традициите на градот, кој особено по земјотресот во 63-та го загуби ликот.

Вечерта во пресрет на првото наше појавување на 6-ти јануари 1993-та на тротоарот на култното скопско пазарче кај Техничко на Канал 3 на МРТ во почетокот на програмата најавувајќи ја содржината уредникот Диме Костовски-Циго (пријател на Борче и Мац) го најави и настанот –„Утре претпладне на Буњаковец Борче скијачот и Мац со пријателите ќе делат бесплатни бадникови гранчиња и топла ракија(ова е негова додавка во духот на Дебармаалските шеги и прескакалици, што ќе рече измислица за да ги „зезне“ долгогодишните пајташи). Ги знаев и двајцата, едниот е вујко на мојата сопруга, а вториот познат спортист (успешен фудбалски и ракометен голман) и решив за овој „настан“ да го информирам Марко, уредник на програмата „Од 9 до 12“ на радиото.

Кога дојдов во тоа многу студено претпладне пред Буњаковец најдов репортажно возило Лада-Нива со техничарот Венче и Драган Антоновски, млад соработник-репортер на една од првите задачи на терен со живо јавување  на програмата. Разговара со главните актери, двајцата стари скопјани, но и со Кире Тип без кого многу содржини на Бадник не можеа да се замислат, со Горица и колегите на Мац од сервисот Горење, со Дечко и Жабар, кој се најде тука со плинско решо и дополнителен контигент сливова, со Андреј Сопронов и со многумина наши сограѓани кои не го криеја одушевувањето од намерата на авторите на собирањето Мац, Борче и Кире Тип.

Утредента во „Вечер“ осамна фотографија-реликвија на Бадникувањето чиј автор е Десо стариот кој долго потоа на наше инсистирање го бараше филмот со фотките од пред пазарчето во архивата на скопскиот весник, но не успеа за жал да најде ништо, на наше длабоко разочарување. Македонското Радио е постојано со нас, но и колегите од Телевизијата, со преноси и директно јавување од пред Соборниот Храм и затоа заслужено ја сметаме МРТ за наш медиумски покровител.

Инаку, уште првата година од нашето доаѓање пред Соборен отидовме со прво линковско јавување на програмата на А1 телевизија, а репортер беше Миле Ристевски. Првите години „Македонски шуми“ ни истоваруваа бадник пред кафеаната на Жабар и тука катагодишно се вклучуваше „Сител“ (Дечко и Иве беа гости во живо јавување) и ја пренесуваше атмосферата што ја подгреваа Лабуд и другите од Парк маало. Членови на Одборот секоја година во пресрет на Бадник беа гости на сите скопски телевизии во контактни програми со разговори и најави за содржините на прославата.

Лавината тргна и не можеше да се запре, дојдоа презентациите на Кумот и Здравичарот пред медиумите во Општина Центар, каде што нашиот координатор Коле ни обезбеди да се чувствуваме како дома, како и дружењата на Краста на северните падини на Водно, каде што имаат дојдено илјадници наши сограѓани годиниве наназад за да се дружиме на чист воздух со песна, игра и во опуштена атмосфера. Морам да признам дека често за да ги донесам колегите на Водно на 30 км. од градот најавував присуство и на личности за кои не бев сигурен дека ќе дојдат, а тие желни за ексклузива и одговори на скокотливи прашања ќе дојдеа, а за после ќе видиме, како ќе биде ќе биде важно информацијата да отиде во етерот и пред гледачите и читателите-„Бадникарите подготвено го пречекуваат големиот Христијански празник Божик“. Се гордееме со снимката што со помош на дрон ја направи фотографот Здравко-Бадник од птичја перспектива. За малку ќе заборавев етнологот Владимир Боцев сними со камера изјави од сите 13 членови на Одборот со единствено прашање и одговор, се разбира, зошто дојдов меѓу Бадникарите?

Првиот инцидент со медиум, ако може така да се каже, беше објавата на вестите на А1-„Трифун ја избрка музиката на Краста“. Што всушност се случи: музикантите богато наградувани од Кумот Трифун Костовски ја запеаја и „Каде сте македончиња кај отидовте“?, тој крена рака за стоп и гласно искоментира „доста бе со тие македончиња, тие се македонци“. Така беше, а како излезе- Бог да те чува. На ручекот кај Кумот Славе Желчето (чие кумство како и кај Коле и Дуле продолжи со активно членство во Одборот) Виолета Томовска стави на софра пред Владиката Г.Г. Стефан со дозвола на Отец Михајло Матевски шеф на кабинетот на Поглаварот и долгогодишен спикер на радиото, а сега свештенослужител на нашиот храм во Неиве во Северна Италија, посна сарма со соја дело на Деса фризерката. На колегата од „Вест“ тоа поинаку му заличело и утредента во весникот осамна наслов-„Бадникарите го омрсија Поглаварот“!. Демантот уследи веднаш, но според онаа народната „еднаш кажана лага тешко се исправа“.......таа остана долго, па се исправи, само ние ги расипавме односите со таблоидот! 

Мојсо Мојсовски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок