23 Април, 2024
0.0267

Македонски пратеници го чекаат својот „муштерија“ пред МТВ!

Објавено во: Колумни 31 Јули, 2020

Добивај вести на Viber

Премногу тесниот, речиси изедначен резултат на доминантните политички елити на предвремените парламентарни избори од 15-ти јули, целосно го насочи фокусот на јавноста кон идното конституирање на македонската извршна власт. Сите се прогласија за победници, и согласно таа нивна „победа“, сите полагаат според сопствените аргументи  кредибилитет и легитимитет да формираат Влада. Сепак, наскоро ќе дознаеме кој ќе ја формира и официјално, за што има неколку предизборни комбинаторики.

Македонска политичка  оргија!

Согласно изборните математики и пратенички мандати, најблиску до формирање на влада се коалицијата „ Можеме“, предводена од СДСМ и БЕСА со ДУИ, бидејќи овие два политички субјекти го чинат простото мнозинство од 61 пратеник кое е потребно за изгласување на идна влада во македонското собрание. Но, острите напади кои си ги упатија лидерите на овие партии, во предизборниот циклус, остава подотворена врата дека оваа коалиција и не е толку извесна. Дополнително на ова, се надоврзуваат и шпекулациите, полуинформациите, градските и кулоарски муабети, дека на неколкумина пратеници од таборот на опозициската коалиција им се нуделе огромни суми на пари, станови, и други материјални привилегии и бенефиции за да преминат од  другата страна.

Оваа позната и стара македонска практика, или поточно македонски најстар занает, доколку се реализира и сега после овие избори, веројатно би било за да се заобиколи  ДУИ како доминантен фактор во т.н албански политички блок, и да се избегнат уцените од ДУИ кон Заев  визави создавањето на таа извесна политичка коалиција, односно продолжувањето на истата и после овие избори. Друга логика, за такви купи-продај трансфери на пратеници освен оваа и не гледам, а веројатно и нема.

Сега, се поставува прашањето, дали македонските гласачи-граѓани воопшто и треба да гласаат, односно да ја трансферираат својата волја , како носители на суверенитетот, и да бираат свои претставници во парламентот ( или во општинските совети), кога со неподносливата леснотија на купувањето,  се девалвира, дезавуира и се заобиколува, т.е поништува и погазува нивната изборна волја?!  Како тоа, кога илјадници  граѓани гласале за еден кандидат од една политичка партија/ коалиција, и ги дале своите гласови согласно нивните преференции, програмата и политичките ставови кои им биле понудени, за сега одеднаш истите тие избрани пратеници од гласовите на одредена категорија на гласачи/избирачи на нивната матична партија, да го сменат дресот и да го облечат на противникот ? Каде го има тоа?!

Ќе има ли крај на македонскиот бескраен политички сТрам?!

 На сите ни е јасно дека станува збор за стотици илјади евра, за станови и привилегии, на кои македонскиот просечен  политичар не може да им одолее, бидејќи е карактерна и вредносна мифка,  прво, а второ е „ голтар“ кој влегол во политиката „ без вода во очи“, па овие понуди и посластици, му доаѓаат како негови „ 5 минути “ во животот, кои не смее да ги пропушти. Тоа ни е јасно. Не ни е јасно, како македонскиот институционален систем не најде механизам овие проституирачки појави да ги спречи, односно да ги забрани. Законски тоа може да се регулира, доволно е само да се сака и да се има елементарна желба.

 Читам, многумина се бунат дека  не смее на пратеникот да му се забрани неговото „ независно и своеволно однесување“ бидејќи тој бил слободен да одлучува согласно своите ставови и вредности. Па ви се молам! Вредност ли е некој да ве тргува, да се нудите, како последна камењарка пред МТВ, и тоа вие да го толкувате како „ независност и слободност“ во делувањето и дејствувањето на еден избран пратеник?!  Па никој од граѓаните гласачи не го дал својот глас некому  свесно за потоа  тој  да премине во другиот табор. За какво преточување на гласачката изборна волја станува збор?

Под итно македонското собрание мора да донесе законски регулативи со кои ќе ги оневозможи овие трансфер-проституции, кои доаѓаат како капак на сите гадости и одвратности со кои се соочуваат македонските граѓани во изминативе триесет години повеќепартиска демократија. Најмногу ни  се гади од „ амдибајрамизацијата“ на политичката сцена, и колку таа се прави без грам срам, без капка грижа на совест, и  колку бескрупулозно и безочно се изведува тој процес. Македонија ги живее сопствените состојби, кои се толку иманентни за неа. Дури би рекол, и  нормални. Се што, малку подалеку северозападно од Белград се поима за општествено и институционално ненормално  во функционирањето на една заедница, кај нас тоа е одомаќинето од кога постоиме. Какво НАТО, каква ЕУ, какви 5 лева? Нас Господ нема да не оправи, не пак замислените „ Ел Дорада“ кон кои толку целиме и тежнееме. 

Благојче Атанасовски-политиколог

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок