25 Април, 2024
0.1362

Македонија во НАТО - претскажан пораз на Русија

Објавено во: Колумни 15 Февруари, 2019

Добивај вести на Viber

Вреди ли да се води битка која е однапред загубена? Ова прашање треба да си го постави руската дипломатија при анализата на неуспехот на Русија да го спречи зачленувањето на Македонија во НАТО. На овој простор беа напишани десетици страници материјал во кои упорно се претскажуваше дека Русија не може да го спречи тоа. Но, Русите одбраа тактика која во никој случај не можеше да вроди со успех. И не само тоа. Нивната дипломатија доживеа поширок пораз во обидот да го спречи Преспанскиот договор. Не само во Македонија, туку и во Грција. А да не зборуваме за елитата од НАТО која сега се сити на рускиот пораз.

Македонија по стекнувањето на независноста на почетокот на деведесеттите години беше пред голем предизвик. Пред избор како да се позиционира во својата надворешна политика. Дали кон Истокот или кон Западот? Претседателот Киро Глигоров тогаш заедно со парламентот избираа дали да се „продадат“ на богатиот или на сиромашниот. Русија во почетокот на деведесеттите години беше држава – руина, останата како дел од некогаш моќниот СССР.  Таа, без западна помош, тогаш не можеше да води грижа за себе, а камо ли за некоја мала држава од Балканот. На една средба со руски експерти, пред некоја година, им кажав дека Балканот за нив политички е изгубен многу одамна. Од времето на Борис Елцин. Одговорот што го добив беше „Добро, што тогаш не ја изгубивме државата“.

Е токму затоа Македонија тогаш се определи за Евроатлантски интеграции. За членство во ЕУ и во НАТО. Македонските партии и оние на власт и оние во опозиција секогаш ја повторуваат оваа заложба вградена во Декларација усвоена од Собранието. Тоа што таа не стана стварност многу порано е вина на партиите. За влез во НАТО и почеток на претпристапни преговори со ЕУ, во прв ред, потребно беше да се реши прашањето со името на државата, услов поставен од Грците, а поддржан и од НАТО и од ЕУ, а и исполнување на некои определени работи. Ова беше поставено во раните деведесетти години. Но, во македонскиот политички блок некои го толкуваа ова како завршена работа, па велеа: „Времето е на наша страна“ и „Ние немаме проблем со името, проблем имаат Грците“. Други пак го користеа ова прашање за предизборни поени и борби. Па така времето течеше, а прашањето остануваше без одговор. И се така до 2014 година, до почетокот на конфликтот во Украина.

Русите ги следеа сите овие работи. Тие ја знаеја и определбата на Македонија за евроатлантски интеграции. Нивните коментари на тие определби во тие години беа во стилот: „Нам не ни е мило што се определувате за НАТО, но тоа е ваш избор“. По доаѓањето на Владимир Путин на чело на Русија стратегијата за Балканот, кој политички беше изгубен за Русија, беше развој на економските и културните врски пред се. Тоа беше обврска на дипломатијата. И во Македонија почна успешно да се развива. Во меѓувреме некои балкански земји станаа членки на НАТО, Словенија, Романија, Бугарија, Хрватска и Албанија. Подоцна и Црна Гора. Во Македонија тоа прашање се погласно се поставуваше. Русите знаеја дека и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се определени за Западот. А да не зборуваме за партиите на македонските Албанци. И се така до 2014 година.

Од каде рускиот каприц да се попречи влегувањето на една мала држава во НАТО? На Русија не и е мило проширувањето на НАТО на исток. Тоа си има своја позадина уште при преговорите за обединувањето на Германија. И тврдењата дека од страна на Западот е дадено ветување дека НАТО нема да оди на исток. Ова тврдење го има во нечии искажувања. Србите имаат една поговорка: „Ветување, за лудиот радување“. Тоа што Михаил Горбачов, првиот и последниот претседател на СССР, не успеал да склучи таков договор до ден денес му го плескаат во лице Русите. Но се останува на плескање, а НАТО оди се подалеку кон исток.

Пред десет години, кога во Букурешт се носеше одлука за проширување на НАТО, Русија остро се противеше на евентуални официјални разговори за зачленување во Алијансата на Грузија и Украина. Ниту еднаш не беше спомната Македонија за која се тврдеше дека ќе биде поканета за влез во НАТО. Влегувањето во НАТО на Албанија и Хрватска помина глатко за Русите. И никој не би очекувал дека кога повторно ќе стане збор за членство на Македонија во НАТО ќе се јави негативна руска реакција. Дотолку повеќе што Русија и немаше големо влијание кај нас, ниту пак интереси. Работите си одеа според Путиновата задача – економија и култура и тоа доста успешно.

„Приказната за влез на Македонија во НАТО покажа дека опозицијата кон Западот станува сама по себе вредна за Русија, без оглед на тоа какви резултати ќе бидат на теренот. Не е интересно да се пресметуваат загубите и придобивките во секој конкретен случај - ако постои можност да се спротивстави, тогаш тоа треба да се користи“, пишува еден руски експерт за руската политика, околу намерите на Македонија да се зачлени во НАТО.

Вина за ваквото однесување на Русија има 2014 година и конфликтот во Украина. Алијансата, чии членки учествуваа во развојот на настаните во таа земја, виде дека Русија ја менува играта. И почна да станува свесна за значењето на Македонија, кон која дотогаш се однесуваше исто како Русија – незаинтересирано. Дотолку повеќе што,  Македонија беше опкружена од три страни со земји членки на НАТО, па Алијансата не сакаше да дозволи создавање на некаква неутрална зона на Балканот – идеја поддржана од официјална Москва, но нереализирана. НАТО ја прими Црна Гора под итно во своите редови. Владата на Груевски која дотогаш беше фалена и поддржувана од НАТО и ЕУ, како гарант на стабилноста и покрај катастрофалниот дефицит на демократија и изобилство на корупција, почна да крцка под протестите против неа. Па по доаѓањето на новата коалиција на власт, помогнато од Западот, почнаа притисоците врз Грција и Македонија што побрзо да се договори ново име на државата Македонија.

Русија и овој пат, како што претходно ја поддржуваше владата на Груевски со разни соопштенија, со изјави и текстови во медиумите, одбра недобитна тактика. Па се фати за референдумот, па за поддршка на противниците на Преспанскиот договор, а кои исто така се за влез на Македонија во НАТО и ЕУ,  па се избламира со луѓето на кои исто им даде поддршка – националистите и маргиналците. И кај нас и во Грција. Па се јавија некои руски бизнисмени во Грција, па протерување на руски дипломати од таа земја со медиумско образложение дека се мешале во работи околу Преспанскиот договор...Се знаеше дека Преспанскиот договор ќе помине, а таа упорно правеше се да не се оствари тоа, ама се задоволи со трошките од сознанието дека Запад вршел притисок врз Македонија и Грција, дека американскиот амбасадор бил во македонското собрание, кога се гласало за договорот, дека референдумот не бил поддржан од мнозинството граѓани со право на глас. А Западот сето тоа го игнорираше и ја туркаше својата агенда.

Кој беше епилогот од ваквото руско однесување? Прво, геополитичкиот пораз на Русија околу една мала балканска земја. Пораз кој можеше да се предвиди многу однапред. Македонија сака во ЕУ и НАТО. И тоа мнозинството граѓани. Дури и опозицијата која Русија ја поддржуваше. Па тогаш зошто Русија играше таква игра? Не гледам некоја нивна придобивка ниту на краток ниту на долг рок. Со своето однесување во последниве години Русите си создадоа „непријатели“ и во владата на Македонија, премиерот дури изјави дека му подготвувале атентат! Некои министри се осилија па се „поголеми папи од Папата“. Руското однесување предизвика еуфорија кај власта по неодамнешното потпишување на протоколот во седиштето на НАТО. На Русите им останува само да зборуваат дека се она што се случуваше околу влегувањето на Македонија во НАТО е направено со мешање и притисоци од надвор и кај нас и во Грција. Но да не го заборави и нејзиното мешање со дадената поддршка на противниците на договорот од Преспа.

Сега останува да видиме како ќе се однесува Русија во Советот за безбедност на ОН. Во едно соопштение на министерството за надворешни работи кажувајќи ја руската позиција околу проблемот со името споменато е дека нејзиниот приод кон него произлегува од потребата тоа прашање да биде разгледано во СБ на ОН во согласност со точка 3 од Резолуцијата број 845 на ОН. На прв поглед апсурдно. Преговорите се завршени на обострано задоволство. Каква е идејата на Русија? Ако не можеш по магарето, удри по самарот. Дали таа и натаму ќе води контрапродуктивна политика на нејзина штета? „Во СБ на ОН Русија има право на вето, па затоа од руска точка на гледање сите конфликти треба да се разгледуваат таму, дури и доколку самите учесници во конфликтот успеале и без тоа да се договорат“, појаснува еден руски експерт. Ќе биде весело во СБ.

Русите сега не’ „жалаат“ дека ќе треба да одвојуваме многу пари од буџетот наменети за одбрана. Исто така очекуваат да се приклучиме кон атлантската солидарност во однос на Русија, а не да се водиме од нашите интереси. Демек, цени што треба да се платат за натовското покровителство. Па тоа е наша одлука кон која се стремиме дваесет и пет години. И добро е што по толку години успеваме да оствариме барем една цел. Камо да знаевме и да сакавме тоа да биде направено порано. Цената ќе беше многу помала. Не велам за онаа за одбраната.

Годинава се навршуваат 25 години од воспоставувањето на официјални дипломатски односи меѓу Македонија и Русија. Можеби тој јубилеј е и добра прилика да се поправат односите меѓу двете држави. Патем Русија да не не’ нарекува Скопје, како што неодамна тоа го направи Марија Захарова портпарол на руското министерство за надворешни работи. Цинизмот не помага многу во дипломатијата. Ако може Русија да има добри односи со сите членки на НАТО од Балканот, може и со Македонија. Во минатото ставен е добар темел за таква соработка. Неодамна рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин имаше интервју за телевизијата „Русија24“ при што изрази надеж и „подготвеност да се прошират односите онолку колку што се подготвени нашите партнери“, а за што има потенцијал. Веројатно по исчезнувањето на мамурлакот од добивањето столче во НАТО и нашава земја ќе изрази подготвеност за проширување на односите. По она Путиновото – економија и култура пред се...


Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД