24 Април, 2024
0.0238

Македонија има (фудбалска) иднина

Објавено во: Колумни 20 Ноември, 2020

Добивај вести на Viber

Вклештени од притисокот врз нашиот национален идентитет, во овие моменти се случи нешто кое за момент ја еруптираше националната радост и гордост: пласманот на македонската сениорска фудбалска репрезентација на едно големо натпреварување. Од социолошки, политиколошко-психолошки аспект, овој чекор е можеби мал за успехот на државата, но голем за нацијата. Особено што сме негирани, постојано национално деградирани, и што не во овие триесет години на независност, туку практично од денот на нашето одржавотворување, во веќе далечната 1944, постојано како Дамоклов меч врз нашите глави,виси прашањето за легитимитетот на постојноста на нашата автентична македонска национална посебност.

По ивицата на амбисот

Со „проблематична“ историја, Македонија во овие три децении се соочи со низа на проблеми во однос на уредувањето на нејзините внатрешноетнички односи. Особено меѓу најголемите две доминантни етнички национални структури: македонската и албанската, кои не само што се исклучуваат по однос на нивното етничко/национално, религиско/конфенсионално, туку и јазично потекло, и под текот на историските околности беа вкрстени во перманентен оган на омразата. Во 2001-та,тој оган беше и реален, преку истрелите на вооружените завојувани страни. Оваа фудбалска репрезентација, како комплот од најдобрите фудбалери, родени на македонска почва е прототип на тоа што треба да биде Македонија: заеднички колектив на најдоброто од себе, кое игра за боите/ интересите на Републиката. Бидејќи нашата ситуација нималку е лесна. Се наоѓаме на брдовитиот Балкан, распокинат од етничко/национални поделби, напластени историски децениски нерешени национални прашања, се уште неиживеани соништа за големи држави, и верувајте, не е воопшто небитно, кога ќе ги видите под едно знаме, еден ист репрезентативен дрес, и на крајот, како сите подеднакво пеат национални песни, без разлика на нивната етничка/религиозна основа. Особено што, како што напоменав, нашата млада држава помина низ еден воен етнички судир, конфликт кој можеше да заврши со многу потрагични и потраорни последици, и Македонија да ја претвори во втора Босна на Балканот.

Има грам надеж, дека ќе не биде!

Во суштина и ден денеска, во Македонија постојат две струи: едната која се залага од оваа држава да направи  интегрирано/ помешано „едно општество за сите“, во кое секој ќе ги ужива своите етнички/граѓански, но и колективни права, но (ќе) треба да биде лојален  граѓанин на државата, почитувајќи ги и обврските спрема неа, и другата струја, која како по некоја си психопатолошка потреба, или подведена од „ мрачните сили на службите“, работеше за  разнебитување на унитарниот карактер на македонската држава. Македонскиот дел од оваа структура/струја, верува(ше), дека на тој начин ја штити македонштината,и работи за највисоките интереси на државата,додека албанскиот дел од овие струи, наивно и слепо веруваше во големоалбанскиот сон. Искрено се радував, кога ги гледав сите наши фудбалери,без разлика на нивиот етнос, како гинеа на терен да ја исполнат најголемата фудбалска желба на најголемиот,ветеранот, тој кој на свои 38 години дочека да игра на едно големо натпреварување, но и на нацијата,  и како граѓани на Македонија, од друга етничка припадност, се радуваа на овој фудбалски историски успех на земјата. Штом на една Америка,и требаа децении, па и векови, да дојде до „едно општество за сите“, кое, нормално е далеку од идеалното и функционалното, но со сите тие стереотипи и предрасуди кои постоеја во институционалниот систем  на оваа најмоќна држава во светот, како еден лош фелер, сепак, да не бидеме наивни, дека работите во Македонија, на интегративниот етничко/етницитетски план, можат да станат преку ноќ.

Бавно, тромаво и килаво, се движат работите, но една позитивно-надежна траекторија се фати, по однос на ова прашање. Да не ја изгубиме во маглата. Ќе протече уште многу вода низ Вардар, за да дојдеме до едно нормално, цивилизациско и европско ниво на меѓусебно општење и комуницирање. Вреди да се почека, но уште повеќе и да се работи на тоа, да се случи.

Благојче Атанасовски-политиколог

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок