02 Јули, 2022
0.0241

МАЈМУНСКИТЕ СИПАНИЦИ ПРИСУТНИ ВО 12 ЗЕМЈИ: Засега нема смртен случај, ИЈЗ со сите детали за болеста

Објавено во: Македонија 24 Мај, 2022

Добивај вести на Viber

Главни факти

·  Мајмунските сипаници се предизвикани од истоимениот “вирус на мајмунски сипаници”, припадник на родот на Orthopoxvirus од фамилијата Poxviridae.

·  Мајмунските сипаници се вирусна зоонозна болест која се јавува првенствено во областите на тропските прашуми во Централна и Западна Африка и повремено се пренесува во други региони.

·  Мајмунските сипаници сe манифестираат клинички типично, со треска, исип и отечени лимфни јазли и може да доведе до низа медицински компликации.

·  Мајмунските сипаници обично се самоограничувачка болест, со симптоми кои траат од 2 до 4 недели. Може да се манифестираат и со  тешка клиничка форма. Во последно време, смртноста е околу 3-6%.

·  Мајмунските сипаници се пренесуваат на луѓето преку близок контакт со заразено лице или животно или со предмети контаминирани со вирусот.

·  Вирусот на мајмунски сипаници се пренесува од едно на друго лице преку близок контакт со оштетена кожа, слузокожа, телесни течности, респираторни капки и контаминирани материјали како што е постелнината.

·  Клиничката презентација на мајмунските сипаници наликува на големи сипаници, инфекција која беше прогласена за искоренета ширум светот во 1980 година.

·  Вакцините користени за време на програмата за искоренување на големите сипаници, исто така, обезбедуваат заштита од мајмунски сипаници. Развиени се и понови вакцини, од кои една е одобрена за превенција од мајмунските сипаници.

·  Антивирусно средство кое претходно е развиено за третман на големите сипаници, исто така е лиценцирано за третман и на мајмунските сипаници.

Вовед

Мајмунските сипаници се вирусна зооноза (вирус кој се пренесува на луѓето од животни), со симптоми многу слични на оние забележани во минатото кај пациенти со големи сипаници, иако клинички ова е помалку тешка болест. Со искоренувањето на големите сипаници во 1980 година и последователниот прекин на вакцинацијата, мајмунските сипаници станаа најважен orthopoxvirus како ризик за јавното здравје. Мајмунските сипаници првенствено се појавуваат во Централна и Западна Африка, често во близина на тропските дождовни шуми, но се повеќе се појавуваат и во урбаните области. Домаќини на заболувањето се животните и вклучуваат голем број глодари и примати.

Причинител

Вирусот на мајмунските сипаници е обвиен двоверижен ДНК вирус кој припаѓа на родот Orthopoxvirus од фамилијата Poxviridae. Постојат две различни генетски линии на вирусот на мајмунски сипаници – централно-африканска (Конго) и западно-африканска. Централно-африканската линија историски предизвикува потешка болест и се смета дека е повеќе пренослива.

Природен домаќин на вирусот на мајмунска сипаница

Различни животински видови се идентификувани како домаќини на вирусот на мајмунски сипаници (верверички, гамбиски стаорци, глувци, примати и други видови). Останува неизвесноста за природната историја на вирусот на мајмунски сипаници и потребни се дополнителни студии за да се идентификува точниот резервоар и начинот како се одржува циркулацијата на вирусот во природата.

Епидемии

Мајмунска сипаница кај луѓе за прв пат била идентификувана во 1970 година во Демократска Република Конго кај 9-годишно момче во регион каде што големите сипаници биле елиминирани во 1968 година. Оттогаш, повеќето случаи се пријавени во руралните, дождовни шуми на Сливот на Конго, особено во Демократска Република Конго, а случаи на луѓе сè повеќе се пријавуваат од цела Централна и Западна Африка.

Од 1970 година, случаи на мајмунски сипаници се пријавени во 11 африкански земји – Бенин, Камерун, Централноафриканска Република, Демократска Република Конго, Габон, Брегот на Слоновата Коска, Либерија, Нигерија, Република Конго, Сиера Леоне и Јужен Судан. Вистинскиот товар за здравствениот систем од мајмунска сипаница не е познат. На пример, во 1996-1997 година, беше пријавена епидемија во Демократска Република Конго со помала смртност и повисока инциденца од вообичаеното. Откриена е истовремена епидемија на овчи сипаници (предизвикана од вирусот на варичела, кој не е orthopoxvirus) и мајмунски сипаници што може да ги објасни реалните или очигледните промени во динамиката на преносот во овој случај. Во 2017 година, Нигерија регистрира голема епидемија, со над 500 сомнителни случаи и над 200 потврдени случаи, со смртност од околу 3%. Случаи продолжуваат да се пријавуваат до денеска.

Мајмунските сипаници се болест од глобално значење за јавното здравје бидејќи ги погодува не само земјите во Западна и Централна Африка, туку и остатокот од светот.

Во 2003 година, првата епидемија на мајмунски сипаници надвор од Африка се случи во Соединетите Американски Држави и беше поврзана со контакт со заразени миленичиња од прериските кучиња. Овие миленичиња биле сместени заедно со гамбиски стаорци кои биле увезени во земјата од Гана. Оваа епидемија доведе до над 70 случаи на мајмунски сипаници во САД.

Мајмунските сипаници се пријавени и кај патници од Нигерија во Израел во септември 2018 година, во Обединетото Кралство во септември 2018 година, декември 2019 година, мај 2021 година и мај 2022 година, во Сингапур во мај 2019 година и во Соединетите Американски Држави во јули и ноември 2021 година. Во мај 2022 година, беа идентификувани повеќе случаи на мајмунски сипаници во неколку неендемични земји. Во моментов се водат студии за понатамошно разбирање на епидемиологијата, изворите на инфекции и патиштата на пренос.

Опис на моменталната епидемија

Заклучно со 21.05.2022, вкупно 92 лабораториски потврдени случаи и 28 сомнителни случаи на мајмунски сипаници се пријавени до СЗО, од 12 земји-членки кои не се ендемични за вирусот на мајмунски сипаници, во три региони на СЗО. Досега не е регистриран смртен случај.

Пренесување

Преносот од животно на човек може да се случи преку директен контакт со крв, телесни течности или кожни или слузокожни лезии кај заразените животни. Во Африка, докази за инфекција со вирусот на мајмунска сипаница се пронајдени кај многу животни, вклучувајќи верверички, гамбиски стаорци, глувци, различни видови мајмуни и други. Природниот резервоар на мајмунски сипаници сè уште не е идентификуван, иако најверојатно тоа се глодарите. Консумирање на несоодветно зготвено месо и други животински производи од заразени животни е можен фактор на ризик. Луѓето кои живеат во или во близина на шумски области може да имаат индиректна или ниска изложеност на заразени животни.

Преносот од човек на човек може да настане при близок контакт со респираторни секрети, оштетувања на кожата на заразено лице или неодамна контаминирани предмети. Преносот преку респираторни честички обично бара продолжен контакт лице в лице, што ги става здравствените работници, членовите на домаќинството и другите блиски контакти на активни случаи во поголем ризик. Сепак, најдолгиот документиран синџир на пренос во заедницата се зголеми во последниве години од шест на девет последователни инфекции од човек на човек. Ова може да го одрази опаѓањето на имунитетот во сите заедници, поради прекинот на вакцинација против големите сипаници. Преносот може да се случи и преку плацентата од мајка на плод (што може да доведе до појава на вродени мајмунски сипаници) или за време на близок контакт за време и по раѓањето. Додека блискиот физички контакт е добро познат фактор на ризик за пренесување, во моментов не е јасно дали мајмунските сипаници може да се пренесат конкретно преку сексуални патишта на пренос. Потребни се студии за подобро да се разбере овој ризик.

Знаци и симптоми

Периодот на инкубација (интервал од инфекција до почетокот на симптомите) на мајмунска сипаница е обично од 6 до 13 дена, но може да се движи во интервал од 5 до 21 ден.

Инфекцијата може да се подели на два периоди:

·  Периодот на инвазија (трае помеѓу 0-5 дена) кој се карактеризира со треска, интензивна главоболка, лимфаденопатија (отекување на лимфните јазли), болки во грбот, миалгија (болки во мускулите) и интензивна астенија (замор, недостиг на енергија).

Лимфаденопатија е карактеристична за мајмунските сипаници и ги разликува од другите болести кои првично може да изгледаат слично (овчи сипаници, мали сипаници, големи сипаници);

·  Ерупцијата на кожата обично започнува во рок од 1-3 дена по појавата на треската. Исипот има тенденција да биде повеќе концентриран на лицето и екстремитетите отколку на трупот. Го зафаќа лицето (во 95% од случаите) и дланките на рацете и стапалата (во 75% од случаите). Засегнати се и оралните мукозни мембрани (во 70% од случаите), гениталиите (30%) и конјунктивите (20%), како и рожницата. Исипот еволуира последователно од макули (лезии со рамна основа) до папули (малку подигнати цврсти лезии), везикули (лезии исполнети со чиста течност), пустули (лезии исполнети со жолтеникава течност) и кора кои се сушат и паѓаат. Бројот на лезии варира од неколку до неколку илјади. Во тешки случаи, лезиите може да се спојат додека не се отстранат големи делови од кожата.

Мајмунските сипаници обично се самоограничувачка болест, со симптоми кои траат од 2 до 4 недели. Тешките случаи се јавуваат почесто кај децата и се поврзани со степенот на изложеност на вирусот, здравствената состојба на детето и природата на компликациите. Основните имунолошки недостатоци може да доведат до полош исход. Иако вакцинацијата против големи сипаници даваше заштита во минатото, денес лицата помлади од 40-50 години (во зависност од земјата) може да бидат поподложни на мајмунски сипаници поради престанокот на кампањите за вакцинација против големи сипаници на глобално ниво, по искоренувањето на болеста. Компликациите на мајмунските сипаници вклучуваат секундарни инфекции, бронхопневмонија, сепса, енцефалитис и инфекција на рожницата на окото со последователно губење на видот. Степенот до кој може да се појави асимптоматска инфекција е непознат.

Смртност од мајмунски сипаници историски се движел од 0 до 11% во општата популација и бил поголем кај малите деца. Во последно време, стапката на смртност е околу 3-6%.

Дијагноза

Клиничката диференцијална дијагноза која мора да се земе предвид вклучува други болести со исип, како што се овчи сипаници, мали сипаници, бактериски инфекции на кожата, шуга, сифилис и алергии поврзани со лекови. Лимфаденопатија за време на продромалниот стадиум на болеста може да биде клиничка карактеристика за разликување на мајмуни сипаници од овчи сипаници или големи сипаници.

Ако постои сомневање за мајмунски сипаници, здравствените работници треба да соберат соодветен примерок и безбедно да го транспортираат во лабораторија со капацитет за ваков вид тестирање. Потврдата за мајмунски сипаници зависи од видот и квалитетот на примерокот и видот на лабораторискиот тест. Примероците треба да се пакуваат и испраќаат во согласност со националните и меѓународните барања за начин на пакување и транспорт на инфективен маттеријал.

Полимеразна верижна реакција (PCR) е префериран лабораториски тест со оглед на нејзината точност и чувствителност. Оптимални дијагностички примероци за мајмунски сипаници се примероци од кожни лезии – кората или течност од везикули и пустули, и крусти. Примероците од лезијата мора да се чуваат во сува, стерилна туба (без медиум за транспорт на вируси) и да се чуваат на ладно. PCR тестовите на крв обично се неубедливи поради краткото времетраење на виремија во однос на времето на собирање примероци по почетокот на симптомите и не треба рутински да се собираат од пациентите.

Бидејќи ortopoxvirus-ите се серолошки вкрстено-реактивни, методите за откривање на антигени и антитела не обезбедуваат специфична потврда за мајмунските сипаници. Затоа, серологијата и методите за откривање на антиген не се препорачуваат за дијагноза или испитување на случај, каде ресурсите се ограничени. Дополнително, неодамнешната или поранешна вакцинација со вакцина која е базирана на vаccinia-вирус (на пр., секој вакциниран пред искоренувањето на големите сипаници, или неодамна вакциниран поради поголем ризик како што е персоналот во лабораторијата за ortopoxvirus) може да доведе до лажни позитивни резултати.

Со цел да се интерпретираат резултатите од тестот, од клучно значење е да се обезбедат информации за пациентот со примероците, вклучувајќи: а) датум на појава на треска, б) датум на појава на исип, в) датум на собирање на примерокот, г) моментален статус на поединецот (фаза на исип) и д) возраст.

Терапија

Клиничката нега за мајмунски сипаници e од исклучителна важност и треба да биде целосно оптимизирана со цел да се ублажат симптомите, да се справи со компликациите и да се спречат долгорочни последици. На пациентите треба да им се понудат течности и храна за да се одржи соодветен нутритивен статус. Секундарните бактериски инфекции треба да се третираат.

Антивирусен агенс познат како tecovirimat кој беше развиен за лекување на големи сипаници, беше лиценциран од Европската медицинска асоцијација (EMA) за мајмунски сипаници во 2022 година, врз основа на податоци од студии на животни и луѓе. Сè уште не е широко достапен.

Ако се користи за терапија на пациенти, употребата на tecovirimat треба да се следи, во контекст на клиничко истражување со проспективно собирање податоци.


Можеби ќе ве интересира

Премиерот Ковачевски одлета на американски носач на авиони

Премиерот Ковачевски одлета на американски носач на авиони

И хирургот Камнар денеска оди на протест: Сите вечерва да кажеме стоп

И хирургот Камнар денеска оди на протест: Сите вечерва да кажеме стоп

Заврши комисиската расправа во Собранието, вработените во јавниот сектор не добија зголемување од 2.806 денари

Заврши комисиската расправа во Собранието, вработените во јавниот сектор не добија зголемување од 2.806 денари

Маричиќ: Една година за внесувањето на трите етнички заедници во Уставот

Маричиќ: Една година за внесувањето на трите етнички заедници во Уставот

Данела Арсовска ги повика скопјани да го отфрлат предлогот

Данела Арсовска ги повика скопјани да го отфрлат предлогот

Ѓорѓе Иванов го отфрли францускиот прелдог: Не се преговара за правата и достоинството

Ѓорѓе Иванов го отфрли францускиот прелдог: Не се преговара за правата и достоинството

Се огласи Ковачевски: Се појавија многу лаги

Се огласи Ковачевски: Се појавија многу лаги

Поранешна пратеничка на СДСМ најави присуство на денешниот протест пред Влада

Поранешна пратеничка на СДСМ најави присуство на денешниот протест пред Влада

Пендаровски го свика Советот за безбедност за францускиот предлог

Пендаровски го свика Советот за безбедност за францускиот предлог