25 Април, 2024
0.0276

Лукашенко за претседател ќе се бори со жена, ако претходно не ја затвори

Објавено во: Колумни 03 Август, 2020

Добивај вести на Viber

На 9 август во Белорусија ќе се одржат претседателските избори. Сегашниот претседател Александар Лукашенко се подготвува да стане претседател по шести пат. Конкуренција, после затворањето на неколку сериозни кандидати и втерување страв во коските на други, ќе му бидат четири кандидати. Меѓу нив и две жени, од кои едната се смета за негов главен опонент на овие избори.

Светлана Тихановскаја, сопруга на блогерот Сергеј Тихановски, кој беше кандидат за учество на изборите, но го затворија,  ќе биде жената која ќе се обиде да го победи последниот „европски диктатор“, како што го нарекуваат Лукашенко. Таа и други две жени од опозицијата се обединија и сега Тихановскаја ќе биде „технички“ кандидат за претседател. Штабовите на трите најпопуларни опозиционери, кои ги претствуваа жени, се обединија и повикаа да се гласа за Тихановскаја. Претставничките на двајцата други кандидати Виктор Бабарико, кој е во затвор, а кого Централната изборна комисија го отстрани од изборите незаконски и покрај речиси собраните 500 илјади потписи од неопходните 100 илјади и на Валериј Цепкало, кој избега во Москва со малолетните деца поради закани, а кому исто така не му беа признати 160 илјади потписи, се договорија да ја поддржат Тихановскаја.

Тие се обединија околу пет принципи за натамошната кампања. Прво, ги повикаа бирачите да не ги бојкотираат изборите, потоа да го информираат електоратот како да го заштити својот даден глас на изборите, па повикуваат учество во кампања за чесни избори и вклучување набљудувачи на изборите. Во случај на победа на Тихановскаја, штабовите на тројцата кандидати отстранети од изборите, треба да ги ослободат од затвор сите политички затвореници и оние кои се затворени поради економски дела, и на сите ќе им се даде можност да се бранат од слобода и пред независни и чесни судови. После тоа предвидено е ново гласање за претседател, но сега во нивна организација. Токму затоа и Тихановскаја ја сметаат за „технички“ кандидат.  Вероника, сопругата  на Виктор

Цепкало вели: „Ние гледаме дека нашата власт се плаши од жени, а посебно од Светлана. Ние веруваме дека не сме второкласни, дека сме еднакви со мажите и веруваме дека ќе победиме“.

Но така не мисли Лукашенко. Иако, од неговите зборови против жените може да се наслути дека има страв од нив. Не дека нема да победи со изборна измама доколку опозиционерите не успеат да ја спречат. Туку има страв од тоа да не победи во првиот круг. Како секогаш досега. Тој последниве денови не еднаш изјавуваше дека  жена не може да биде претседател на Белорусија. „Нам ни треба да вклучиме во Уставот определба дека на должноста претседател не може да претендира човек кој не служел во армијата. Каков врховен командант ќе биде тој, доколку не знае што е тоа армија“, го цитираа медиумите Лукашенко во јули. Претходно тој изјави: „нашиот Устав е таков што дури и на маж му е тешко да го носи тој товар, а ако со него натовариш жена, тогаш таа, сиромашката, ќе падне“.

Главен фаворит на изборите во Белорусија, како што пишувавме во Фактор.мк пред неколку недели беше Виктор Бабарико. И тоа не само според анкетите. Во Белрусија речиси нема независни социолошки истражувања. Во согласност со анкетите кои ги правеа големите приватни медиуми, на пример, Tut.by, во мај Бабарико го поддржуваа од 49 до 57 проценти од испитаниците. А Лукашенко од 3 до 7 проценти. Според таа анкета Тихановскаја беше поддржана од 12,71 , а Цепкало од 15,22 проценти. Веќе во јуни такви анкети не се правеа. Според некои медиуми, Академијата на науки ги изедначила тие анкети, на он-лајн медиуми, со политичките, а за нивно спроведување е потребна посебна акредитација.

Обединувањето на жените во сегашната ситуација во Белорусија може да им донесе дополнителни гласови на изборите. Кога народот е незадоволен, тогаш ги поддржува жените за кои смета дека се похрабри од мажите во дуелите со нив. Посебно кога противник е Лукашенко, кој веројатно им е преку глава на луѓето. Доколку победи на изборите ќе владее уште пет години. Прв пат тој стана претседател во далечната 1994 година. Проблем на Тихановскаја може да биде тоа што таа се јавува како „технички“ кандидат, а гласачите сакаат да го дадат својот глас за човек кој ќе ја води државата. Дотолку повеќе што таа изјавува дека се нафатила на кандидатурата за „морална поддршка на сопругот“. Нај веројатно електоратот на тројцата отстранети кандидати од изборите, иако не до крај, ќе се определи за „кој било, само не Лукашенко“. Пред некој ден Тихановскаја и другите го наполнија главниот плоштад во Минск со луѓе кои се подготвени да ги следат. курс во земјата, кој предизвикува се повеќе неприфаќање и отфрлање.

Иднината на коалицијата „кој било, само не Лукашенко“, предводена од Тихановскаја до недела ќе се печи на огнот што го подготвува токму Лукашенко. Драматичноста на овие избори не е Тихановскаја и опозицијата подготвена да се бори против Лукашенко. Драматичноста произлегува од невиденото досега конфронтирање меѓу Белорусија и Русија. Поводот е затворањето на триесетина наемници од Русија, од некоја приватна фирма за обезбедување, кои, според нивни зборови, тргнале на задача надвор од Русија. На пример, во Турција, а од таму во Либија да штитат нафтени полиња. Но официјален Минск ги обвини за подготовка на немири во земјата за смена на режимот на Лукашенко. Минск тврди дека има уште 200 такви Руси во земјата, па трага по нив.

Очигледно на Лукашенко му гори под нозе. Во пет мандати досега тој за противник на земјата секогаш го споменуваше Западот. Демек тој му прави предизборни игри, па кутриот мораше да мобилизира полиција и да воведува војски во градовите за пресметување со „антидржавните елементи финансирани од Запад“. Сега Лукашенко се нафрлува на Русија. Земја која го држеше на власт  со финансиска помош,  со гас и нафта по „фабрички цени“. Земја со која е во долги преговори за создавање на Сојузна држава, земја со која е во Евроазискиот сојуз и во ОДКБ. Веројатно, откако ги затвори кандидатите кои и не беа толку категорични против Русија, Лукашенко сака да се покаже поголем русомрзец токму во овие избори. Некои велат дека тоа го прави во чест на доаѓањето во Минск на прв американски амбасадор по долги години. Други пак дека сака да грабне од електоратот на Тихановскаја кој е настроен против Русија. Или пак за пазарење со Русија. Бидејќи голем дел од затворените Руси војувале во Донбас во Украина, па сега Украина бара од Минск тие бидат екстрадирани таму.

Заробените руски наемници се „откриени“ откако паднале во очи во пансионат каде што биле сомнителни дека не пијат, дека се однесувале воспитано, шетале и речиси сите биле облечени во црни спортски маици или носеле облека со војнички шари. Тоа е изјавата на официјален Минск. И од наемници, кои тргнале на пат да заработат пари, било во Либија, било во Венецуела, било на Куба, било во Сирија,  Лукашенко прави политички заложници. Нешто што тешко би го направила и западна држава. Познавачи на работите од Белорусија тврдат дека на тој начин белорускиот претседател открил тајна која се крие неколку години. Дека Белорусија е пунктот од каде воени наемници заминуваат во странство. И не само Руси. Туку и Белоруси. Исто така дека белорускиот КГБ многу добро ги знае овие работи и дека знаел за Русите кои дошле во близината на Минск и зошто дошле. Но, на Лукашенко тие му требаат, пред се како предизборен адут.

Одделни набљудувачи сметаат дека Лукашенко е уплашен од Тихановскаја, па ќе направи се да ја тргне од изборите. Било преку Централната изборна комисија, било да ја обвини за нешто. Нејзиниот сопруг, кој е во затвор, сега истражните органи  го сомничат дека е организатор на доаѓањето на Русите кои требале да учествуваат во организирање бунт во државата. Од друга страна Лукашенко сака да се покаже како силен маж. Па тешко би се нафатил да ја тргне Тихановскаја од изборите. Да не му речат дека навистина се исплашил од жена. А згора на тоа може да се намали излезноста на изборите.

Реакцијата на Москва околу ова на почетокот беше одмерена. Димитриј Песков, портпаролот на Путин зборуваше за почитување на правата на затворените Руси. Сергеј Наришки, првиот човек на СВР(Разузнавачката служба на Русија) обвинувањата ги нарече „многу нелогични“ и додаде дека и на Запад затворањето на Русите го сметаат за „режирана акција“. Лукашенко официјално ја обвини Русија, но Путин се чини е многу лут. Тој засега молчи. А како поминува времето реториката на Кремљ станува се пожестока. Како ќе излезе од оваа каша која Лукашенко сам ја завари не се знае. Некои белоруски аналитичари сметаат дека Русите во затвор ќе останат најмалку до изборите, а по нив работите ќе подзапираат.

Изборите во Белорусија овој пат ќе бидат најнеизвесни досега. Се очекува да бидат и драматични, затоа што веќе не може да се зборува дека Лукашенко ќе ги добие со голема разлика уште во првиот круг. Зад него ќе бидат административните резерви, кои секако ќе прават се само изборите да не бидат драматични. Посебна светлина во сето ова фрла традиционалното обраќање на Лукашенко во Парламентот. Тоа требаше да се одржи во април, но се одложи поради коронавирусот. Предвидено беше за денес, но вчера најавија дека ќе се одржи утре, вторник. Наводно во говорот на претседателот се внесувале измени. Многу работи ќе зависат од тоа  што ќе каже, ако воопшто дојде во парламентот, тој пред депутатите. Не е исклучено да ги извести нив дека поради новонастанатата ситуација, опасноста од бунт и протести поддржани од Русите, ќе воведе војска на улиците и ќе ја засили работата на полицијата. Во негов стил. Како што доликува на вистински диктатор. Барем да беше како Ли Кван Ју и Аугусто Пиноче, па да се зборуваше за Белорусија како за сингапурското или чиленското економско чудо.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок