18 Април, 2024
0.0405

ЛУЃЕТО ПИЈАТ ЛЕКАРСТВА ЗА „СЕКОЈ СЛУЧАЈ“, А ПОТОА ЛЕКАРИТЕ ИМААТ СЕРИОЗЕН ПРОБЛЕМ ДА ГИ ИЗЛЕЧАТ: Интервју со инфектологот Димзова

Објавено во: Интервјуа 13 Септември, 2021

Добивај вести на Viber

Д-р Марија Димзова, специјалист инфектолог на Клиниката за инфективни болести во Скопје, во интервју за Фактор говори за најголемите предизвици во изминатата година и пол соочувајќи се одблиску со пандемискиот вирус SARS-CoV-2, кој ја предизвикува болеста Ковид-19 од кој во Македонија заболеа точно 183.523, а починаа 6.259 пациенти. Посебно истакнува дека лекарите наидуваат на огромни проблеми во лекувањето на пациентите кои претходно сами на своја рака земале разни лекарства, антибиотици, па дури и витамини без консултација со лекар. 
-Имам чувство дека секој втор во Македонија стана(л) експерт во лекување на КОВИД-19. Почнувајќи од давањето/земање на ивермектин затоа што на комшијата овој лек му помогнал (а комшијата имал минимална или никаква клиничка слика на КОВИД-19 што сама по себе ќе поминела) преку самоиницијативното земање на Фавипиравир ( или Фавира) иако се покажа дека и овој лек има многу помал ефект од очекуваниот на текот на болеста, преку земање на кортикостероиди во домашни услови (иако постои точна индикација кога треба овој лек да се даде кај болни со КОВИД-19) преку давање/земање на Ремдесивир дури и во домашни услови (иако и за овој лек има точни индикации кога да се даде). Да не спомнам дека секој втор пие Аспирин или Андол онака, за секој случај!? Пред само неколку дена ми се јави колега за консултација за негов пациент со КОВИД-19 кој самоиницијативно, во домашни услови земал високи дози на аспирин во тек на три дена поради што бројот на тромбоците му паднал до 16 (нормала е над 150)!, посочува д-р Димзова во денешното интервју. 

Таа нагласува дека GOOGLE не е учебник и дека луѓето кои пребаруваат по Интернет не ги прави експерти во лекувањето на ова тешко вирусно заболување, потенцирајќи при тоа дека вакцините се нејветувачкото орудие во сузбивање на пандемијата на Ковид-19. 

Дали како инфектолог некогаш помисливте дека ќе се соочите со пандемија, односно епидемија на заболување кое на почетокот беше голема непознатица за науката?

Д-р Димзова: Кога еден доктор специјализира инфектологија, зборовите епидемија и пандемија се дел од нормалниот вокабулар, бидејќи многубројни инфективни причинители имаат потенцијал за епидемиско, односно пандемиско појаувување. Така да би рекла дека дел од едукацијата на еден инфектолог подразбира и справување со болни во случај на појава на епидемија односно пандемија. За мене, како инфектолог, со дваест годишно искуство на Универзитетската Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, ниту пак за моите колеги инфектолози, не претставува непознаница појавата како на епидемија така и на пандемија. Како најпрост пример би го дала на сите нас добро познатиот грип, или инфлуенца, кој покрај сезонско има потенцијал и за епидемиско и пандемиско појавување. Сите ние добро се сеќавме на 2009 година кога имавме  пандемија со вирусот на грип , односно Инфлуенца А, субтипот H1N1,  т.н. свински грип, на кој поголемиот дел од светската популација беше неимун, и точно поради тоа го имаше потенцијалот да предизвика пандемија што и се случи, и  однесе многу човечки животи, како на светско ниво така и кај нас. Приближно на секои 5 години во Македонија имаме епидемија со вирусот на хепатитис А, или жолтица; сме имале и епидемии со туларемија, епидемии со мали сипаници, алиментарни епидемии и да не набројувам понатаму. Така да на Вашето прашање би рекла дека како инфектолози, ние сме секогаш спремни да дадена инфективна болест се појави како во епидемиска така и во пандемиска форма. Светот сеуште ги памти епидемиите со САРС (тежок акутен респираторен синдром-SARS-CoV) и МЕРС (Средноисточен респираторен синдром-MERS-CoV), кои се преизвикани од бета коранавируси, a во 2019 година регистриран е нов коронавирус од истиот генум на бетакоронавируси, SARS-CoV-2. Сите овие три вируси во филогенетска смисла на зборот се роднини, а изненадување претставуваше пандемискиот потенцијал на новиот SARS-CoV-2, предизвикувачот на болеста КОВИД-19 кој доведе до пандемија на светско ниво, која буквално го фрли светот на колена, а на која се уште не и го гледаме крајот.

Во изминатава година и пол илјадници пациенти болни од ковид минаа на Инфективната клиника, кој беше за вас најголемиот предизвик?

Д-р Димзова: Најголеме предизвик е секојдневната борба за добробитта на пациентите, за нивното здравје и живот; борбата да им се помогне да ја совладаат болеста и да излезат од болница оздравени. Предизвик е да на пациент кој е критично болен, му влееш надеж да издржи, да не се откажува, да продолжи да се бори заедно со нас, со медицинскиот персонал, против оваа тешка болест.  Нема поголем предизвик, нити поголема радост кога за некој пациент за кого  си се грижел, кој си  го лекувал месец, месец и половина, кога сите фактори одат контра тој пациент,  на крај од денот го испишеме од болница жив и здрав.  Не можам да не истакнам, дека ние, вработените на Инфективна Клиника, континуирано работиме оваа година и пол со КОВИД-19 пациенти, дека секојдневно во буквална смисла на зборот војуваме со вирусот на САРС-КоВ-2 и дека многу често ни е тешко да го видиме светлото на крајот од тунелот, но она што не држи во нашата работа , како што реков, се оздравените пациенти и реализацијата дека со наш заеднички напор сме допринеле за тоа.

Можете ли да направите споредба во однос на брановите на ковид, кога ви беше најтешко?

Д-р Димзова: Би рекла дека можеби првиот бран, односно првотото соочување со КОВИД-19 беше најтешко, бидејќи многу малку се знаеше за клиничката слика, односно презентацијата на болеста, текот, можните компликации и нејзиниот исход. Посебно оптоварување покрај напливот на болни, кој од кој со потешка клиничка слика, претставуваше  и континуираното  работење во посебни услови,  со комплетна заштитна опрема , со Н95 маска на лицето, многу често и по пет до шест часа непрекината работа со пациентите, нешто што бара покрај психичка и физичка издржливост.  Исто така, не само јас, туку сите ние бевме соочени со чувство на неизвеснот, да не речам и стравување, не толку за нас самите, колку за нашите сакани, да не случајно им ја однесеме болеста дома. Кога би направила паралела помеѓу сега, и март 2020 година, она што ми претставува  тежина денес, е што повторно  гледам толкав голем број на заболени, посебно  млади пациенти, пациенти со тешка клиничка слика, пациенти  кои и  покрај едукацијата која се спровудува континуирано како преку Министерството за Здравство, така и преку медиумите и социјалните мрежи од самиот почеток на пандемијата, пациенти кои и покрај  достапноста на вакцините против КОВИД-19 не се вакцинирале и заболеле од вирусот.

Дали во теков на летово кога во еден момент немавме ниту заразени, ниту примени пациенти во болниците се понадевавте дека можеби е конечно крајот на епидемијата на корона вирусот?

Д-р Димзова: За жал, нити во еден момент од почетокот на пандемијата со КОВИД-19 , Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби не била празна, односно  не постои момент кога кај нас немало хоспитализирани пациенти заболени од САРС- КоВ-2. Да, во право сте, имаше еден период, поточно првите две недели од јули, кога бројките на ново-заразени и хоспитализирани пациенти влеваа малку надеж дека се гледа крај на третиот бран, но науката, како и податоците кои се споделуваа од интернационаланите здравствени организации укажува на претстоечкото брзо ширење и предоминацијата на делта варијантата на САРС-КоВ-2, така да беше само прашање на време кога оваа вирусна варијанта ќе стигне и кај нас и со каква жестина ќе не нападне.

Јавноста е особено чувствителна кога ќе ја прочита дневната ковид статистика за починатите, имате ли објаснување зошто е толку висок бројот на починати поради компликации од вирусот?

Д-р Димзова: Никој не може да остане имун како на бројките на ново-заболени така и  на  бројот на починати. Според она што можам да го видам во тек на овој четврти бран на КОВИД-19 кај нас, лично сметам дека поголемиот дел од пациентите сами или од трети и некомпетентни лица и несоодветно се лекуваат во домашни услови. Според клиничката слика како и лабораториските анализи кај болните кои доаѓаат за хоспитализација на Клиниката во тек на овој бран, се добива впечаток дека пациентите подолго време се болни од тоа што ни го кажуваат нас при прием во болница. Сметам дека самопрепишувањето на антибиотици, или повторно ќе кажам, несоодветното лекување со антибиотици е фактор кој ја отежнува клиничката слика.Треба да се запомне дека КОВИД-19 е вирусна болест, и како таква не се лекува со антибиотици! Исто така имам чувство дека секој втор во Македонија стана(л) експерт во лекување на КОВИД-19. Почнувајќи од давањето/земање на ивермектин затоа што на комшијата овој лек му помогнал ( а комшијата имал минимална или никаква клиничка слика на КОВИД-19 што сама по себе ќе поминела) преку самоиницијативното земање на Фавипиравир ( или Фавира) иако се покажа дека и овој лек има многу помал ефект од очекуваниот на текот на болеста, преку земање на кортикостероиди во домашни услови (иако постои точна индикација кога треба овој лек да се даде кај болни со КОВИД-19) преку давање/земање на Ремдесивир дури и во домашни услови (иако и за овој лек има точни индикации кога да се даде). Да не спомнам дека секој втор пие Аспирин или Андол онака, за секој случај!? Пред само неколку дена ми се јави колега за консултација за негов пациент со КОВИД-19 кој самоиницијативно, во домашни услови земал високи дози на аспирин во тек на три дена поради што бројот на тромбоците му паднал до 16 (нормала е над 150)! Да продолжам ли и со земањето на Д-витамин во високи дози? На поднебје кое изобилува со природна сончева светлост? Кај лица кои немаат хоповитаминоза? Како нација уште одамна, за жал, сме стигнати да веруваме дека мора“ да се прима нешто за да помине болеста”. 

Многумина кои дошле на преглед на Инфективна клиника и тоа не само поради КОВИД-19, туку и со други вирусни заболувања се незадоволни кога ќе им се каже дека треба да земаат само Ц витамин и парацетамол при покачена температура. Бараат лекови. Јаки. Брзи. Антибиотици. Колку појаки толку подобро. Требало или нетребало. За побрзо да им помине болеста. Не за џабе се рекло дека во дадени случаи помалку е повеќе! Со несоодветно и ненавремено примање на лековите ни се врзуваат нам, на докторите рацете за како да постапиме понатаму. Апелирам да ни оставите нам, на докторите, на професионалците да (Ве) лекуваме. Некој ако нешто прочита и научи на GOOGLE, не го прави експерт за дадено прашање. Од друга страна, секако дека има случаи кај кои постои фудројантен тек на болеста, пациенти кои имаат тешка клиничка слика на КОВИД-19. Овие пациенти се тешко и критично болни и тоа се десет до четиринаест проценти од сите заболени лица со САРС-КоВ-2 инфекцијата во даден момент. Кај овие најтешки пациенти се среќаваме со брза прогресија на болеста; имено кај нив болеста толку брзо напредува и зема замав, до толкаво е оштетувањето на белите дробови како примарно таргет место на САРС-КоВ-2 што потребата од кислород се зголемува од час на час, така да доколку на почеток им била потребна кислордна поддшка од 3-5 литри на час за постигнување на нормална оксигенација на крвта, се случува да во рок помал од 24 часа имаат потреба од асистирана вентилација. Кај дел од овие пациенти ниту навремено администрираната терапија во смисла на антивирусна, кортикостероидна и имуномодулаторна терапија, покрај неопходната кислородна терапија, за жал, не вродува со позитивен ефект.

Според вас дали постои опасност од повторно преоптоварување на болничките капацитети, особено во есенскиот и зимскиот период?

Д-р Димзова: Есенските и зимските периоди вообичаено се пратени со подолгото престојување во затворени простории, намалено проветрување и конгломерацијата на поголем број луѓе во подолг временсли период, а во помали простории,  што погодува на ширење на аеро-капкови инфекции, со што и се очекува дека САРС-КоВ-2 ќе се пренесува побрзо и полесно. Нормално е дека зголемен број на болни, во краток временски период може да доведе до преполнување и преоптоварување на болничките капацитете. Треба да се запомни дека со преполнување на болничките капацитети и со пренаменување на болници во КОВИД центри, ангажирање на доктори од други професионалности во лекувањето на пациенти со КОВИД-19, истовремено им се одмага на не-КОВИД болните бидејќи во такви случаи многу потешко можат да ги остварат своите права на здравствена заштита. Токму затоа, апелирам да што помасовно се пристапи кон вакцинирање, сите невакцинирани лица што е можно поскоро да се вакцинираат, а сите ние, и вакцинирните и невакцинираните да се приджуваме до мерките како за лична така и за колектива заштита се до оној момент кога ќе се постигне колективен имунитет. Доколку сите ние, свесно и совесно се придржуваме кон мерките за заштита од КОВИД-19, доколку се постигне вакцинација од над 70 проценти, можно е враќање на животот во нормала. Дека тоа не е невозможно ни сведочи Данска, која веќе ги укина сите рестриктивни мерки, а Шведска е на чекор до тоа поради сеопфатната вакцинација и постигнување на колективен имунитет во овие земји.  

Според она на што досега сме сведоци, ковид мутираше неколку пати и секоја нова варијанта е позаразна. Светски експерти алармираат и на нови соеви, па како инфектолог може ли да ни кажете што може човештвото да очекува во наредните месеци?

Д-р Димзова: Како и сите други вируси така и САРС-КоВ-2 еволуира со тек на времето. Одредени варијанти на вирусот (настанати со мутации во геномот) се од посебно значење поради нивното брзо појавување во популацијата, нивната брза трансмисија или поради клиничките импликации поврзани со вирусот и во стручната литература се опишуваат како варијанти од интерес. Досега опишани варијанти од интерес се Алфа (Велика Британија), Бета ( Јужноафрички), Гама (Јапонски/Бразилски), Делта (Индиски) и Епсилон (Калифорниски сој). Досега ( односно според моите сознанија) во Македонија имаме инфикции покрај со дивиот, оригинален САРС-КоВ-2, со Алфа, Бета и Делта варијантата на вирусот. Според Светската Здравствена Организација (СЗО) како варијантa од интерес се прати Колумбискиот сој на коронавирус, односно МУ варијантата за која се има сознанија дека има потенцијал за имунолошко избегнување, односно го избегнува имунолошкиот одговор на организмот, како природниот така и стекнатиот, но утешно е што има многу помал потенцијал за трансмисја помеѓу луѓето споредено со многу поопасната делта варијанта. А што може да очекуваме во наредните месеци делумно зависи и од самите нас, односно од тоа колкав процент од нашата популацијата ќе се вакцинира и дали ќе одбереме да се приджуваме на препишаните мерките за заштита.  


Во однос на вакцините, тие се покажаа како најсилни во борбата против ковид, но во земјава, како и во светот има пациенти кои и со целосна вакцинација, за жал не успејаа да се изборат со болеста. Која вакцина според вас е најефикасна да заштити од тешка форма на болеста и најважно од се, од фатален исход?

Д-р Димзова: Се смета дека вакцините за превенција на САРС-КоВ-2 инфекцијата претставуваат најветувачко орудие за намалување на пандемијата.  Предоминантна антигенска цел за развој на вакцини против САРС-КоВ-2 е неговиот шилест (spike) протеин , при што создадените против него антитела го спречуваат врзувањето на вирусот на клетката домаќин и истовремено го неутрализираат вирусот.  Вакцините кои стимулираат доволно силен неутрализирачки одговор би требало да обезбедат заштита против КОВИД-19. Од друга страна, местото, односно начинот на кој се администрира вакцината може да има влијание на типот на имунолошкиот одговор. Природните респираторни инфекции поттикнуваат и мукозен и системски имунолошки одговор. Повеќето вакцини против КОВИД-19 се даваат интрамускулно или интрадермално и примарно поттикнуваат настанување на системски имунолошки одговор, со многу помалку робустна заштита во мукозата на горните респираторни патишта во однос на природните инфекции. Ниедна од достапните вакцини не се иследувани една наспроти друга, така да не може со сигурност да се зборува за нивната компаративна ефикаснот. Опишаните разлики во големината на нивниот ефект може да се поврзани со други фактори, а не со нивната ефикасност per se, како што се на пример разлики во испитуваната популација и локација, времето кога е спроведено иследувањето во однос на пандемијата, дизајност на студијата и слично. Со ова кажано, ниту јас не би можела да посочам која од достапните вакцини е најефикасна. Ниту една вакцина за нити една инфективна болест не е стопроцентно ефикасна, така што и во овој случај можна е инфекција со САРС-КоВ-2 но тој ризик е значително помал. Исто така вредно е да потенцира дека најголемиот дел од заразените индивидуи се без симптоми (асимптоматски).  Одредени студии укажуваат дека постои поголема стапка на breakthrough инфекции (инфекција после комплетно спроведена вакцинација) со Делта варијантата, но сепак ризикот од големи инфекции останува мал. За илустрација би ја спомнала спроведената студија во САД каде заклучно со 30 Април 2021 година, регистрирани е 10 262 breakthrough инфекции на 101 милион комплетно вакцинирани индивидуи. Од тие лица, кои и покрај вакцинацијата се инфицирале, само 10 проценти биле хоспитлизирани, а од нив 2 процента завршиле со смртен исход. Она што треба да се потенцира и да се запамти е дека доколку се развие болест кај комплетно вакцинирани лица, е дека кај овие инфекции во најголем број од случаите имаат помалку симптоми, симптомите се пократкотрајни и имаат поголем изглед за асимптоматска инфекција споредено со невакцинираните лица. Исто така би сакала да посочам да одредени епидемиолози даваат препорака да во региони каде постои значителна трансмисија на САРС-КоВ-2 инфекцијата (над 50 случаи на 100 000 луѓе во последните 7 дена, или ако има над 8 % позитивни ПЦР тестови) да и вакцинираните лица носат маски во затворени јавни простории со оглед на постоење на потенцијална можност за трансмисија на Делта варијантата на САРС-КоВ-2.   

Дали очекувате брзо да стигнеме до 80 отсто опфат со вакцинација, за да постигнеме колективен имунитет, кој според епидемиолозите е неопходен за крај на епидемија?

Д-р Димзова: Не би можела да Ви одговорам на ова прашање, бидејќи ова  повеќе се однесува на епидемиолозите и членовите на националната техничка група за КОВИД-19 вакцинација кои располагаат со апосолутните бројки на вакцинираните лица кај нас. Можам само да ја искажам мојата надеж, дека што поголем број од населението во Македонија и во што е можно пократок рок ќе се вакцинира така да не само што би се постигнал колективен имунитет, туку и во случај на појава на болест кај вакцинирано лице тоа би било со многу полесна клиничка слика и со успешен исход од лекувањето. Исто така, би сакала да упатам еден апел до колегите кои претендираат на поголема медиумски експонираност да претпазливо, односно со проверени факти ги поткрепуваат своите изјави и ставови со цел да нема разидување по однос на пристапот кон ова тешко заболување и создавање на конфузија кај населението. Се согласувам, да, различни мислења се неизбежни, дури и се добредојдени со цел на постоење на дебата, од која би произлегол добробит, но таа дебата треба да биде научна, на ниво, и да се темели на факти и научни принципи, а не на жолт печат. 

Анита Буховски

Можеби ќе ве интересира

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“