20 Април, 2024
0.0249

Лоша комбинација – инфлација и негативен раст на БДП!

Објавено во: Колумни 16 Ноември, 2012

Добивај вести на Viber

Комбинација на висока стапка на инфлација со негативен раст на БДП е најлошата состојба во која може да се најде една економија. Високата стапка на инфлација од 5,3 проценти за третиот квартал од ова година е големо изненадување поради неколку факти. Прво, македонската економија е во рецесија со пад на реалното бруто домашно производство (БДП) од 1,3 отсто во првото тримесечие и 0,9 отсто во второто тримесечие од  2012 година. Во вакви услови на економска стагнација, притисокот врз цените би требало да биде минимален. Дури би можело да се очекува дефлација, односно опаѓање на цените и негативна стапка на инфлација. Сепак, иако стапката на раст на БДП е во минус, инфлацијата е на многу високо ниво. Комбинација на висока инлфација со негативен раст на БДП е најлошата состојба во која може да се најде една економија. Второ, денарот е фиксен спрема еврото и цените на речиси сите увезени производи и услуги всушност се вреднуваат во евра. Кога се знае дека стапката на инфлација во Европска Унија која е 2,5 отсто за третиот квартал од 2012 година, увезената инфлација не е причина за нашата висока стапка на домашна инфлација. Всушност, ние во Македонија имаме дупло поголема стапка на инфлација отколку во Еврозоната спрема чија валута (еврото) македонскиот денар е фиксиран. Трето, увезените цени на другите производи кои не се вреднувани во евра и најчесто се вреднуваат во долари, не се зголемени во споредба со претходната година. Овде станува збор за увозните цени на нафта, нафтени деривати и електрична енергија, чии цени на светските берзи се речиси идентични, па во моменти дури и пониски во споредба со претходната година. Тоа значи дека високата стапка на инфлација во Македонија не се должи на увезена инфлација која би била резултат на зголемени цени на производи кои се плаќаат во долари. Поради овие три работи, увезената инфлација може категорично да се исфрли како виновник за високата стапка на домашната стапка на инфалција, што па значи дека причините за високата стапка на инфлација треба да се бараат исклучиво во домашната економија. Меѓутоа, ако високата инфлација се должи на фактори во домашната економја, многу е погрешено како причини да се наведуваат зголемувањето на цената на струјата, парното, храната и било кој друг производ или услуга. Секако, зголемувањето на цените на сите овие производи се механизмот преку кои се мери стапката на инфлација, ама нивните зголемени цени се симптоми на веќе присутни инфлаторни сили во економијата, а не причините. Напротив, причините се бараат и се наоѓаат преку анализа на макро и микро економските состојби во домашната економија. При ваква анализа, најлесно може да се отфрлат микроекономските состојби како причини за високата стапка на инфлација. Вакви причини можат да бидат, на пример нагло зголемување на платите во одредени индустрии или во економијата како целина или пак нагло зголемување на побарувачката за одредени производи што резултира во зголемена цена на крајниот производ.  Како и да е, ваквите микроекономски фактори неминовно водат кон зголемување на цената на крајниот производ што ја плаќа крајниот потрошувач. Меѓутоа, просечната плата во оваа година е речиси непроменета. Истотака непостојат нагли зголемувања во побарувачката за било кои производи кои можат да влијаат врз стапката на инфлација во споредба со претходната година. Всушност, светското искуство покажува дека микроекономските состојби претежно се појавуват како причина за зголемена инфлација само во услови кога економија има контунуирана стапка на многу висок економски раст, што за жал воопшто не е ситуацијата во Македонија. Сето ова значи, дека единствена област каде што може да се најдат причините за високата стапка на инфлација е во самата макро економија, односно во нејзините две главни алатки: фискалната и монетарната политика. Од изборната 2006 година, па наваму, вкупните буџетски расходи беа зголемувани секоја година. Во 2006 изнесуваа околу 1,85 милијарди евра, а за периодот  од 2007 до 2102, буџетските расходи кумулативно беа зголемени за преку 3,5 милијарди евра, споредено со основната 2006-та година. Со други зборови, доколу буџетските расходи за периодот од 2007 до 2012 останеа на исто ниво како во 2006, тогаш вкупните расходи за овој шест годишен период ќе изнесуваа 11,1 милијарди евра. Меѓутоа, со кумулативното зголемување на расходите секоја година, вкупните расоди за овој шест годишен период фактички изнесуваат околу 14,6 милијарди евра. Тоа претставува зголемување од дури 32 проценти. Во истиот период во македонското стопанство се случи и нагло зголемување во вкупната парична маса на денари во оптек. Односно, на крајот на август 2006 година кога Никола Груевски стана Премиер, вкупната денарска парична маса во македонското стопанство (таканаречениот М2) изнесуваше над 66 милијарди денари. На крајот на септември 2012 година вкупната денарска парична маса во македонското стопанство изнесува над 121 милијарди денари. Ова значи дека паричната маса денес е зголемена за преку 84 проценти. Кажано наједноставно, во македонската економија денес се вртат 900 милиони евра (во денари) повеќе отколку во 2006. Сепак, за сите овие години вкупниот раст на реалното бруто домашно производство изнесува само околу 15 отсто, иако имаше зголемување на паричната маса од 84 проценти и зголемување на вкупните буџетски расходи за 32 проценти. Дел од овие зголемувања се должи на номиналниот раст на БДП, но тоа пак се рефлектира во веќе зголемените цени на секое поле во споредба со 2006-та година. Така доаѓаме до сржта на проблемот. Тоа значи дека имаме повеќе денари во оптек во македонското стопанство, кои не се покриени со еквивалентен и реален раст на бруто домашното производство, односно нема зголемување на реални производи и услуги во домашното производство. Така сé повеќе денари се во потрага на добра и услуги кои неможат да се обезбедат од домашната економија. Единствен начин да се покрие оваа празнина е увозот за да се пополни недостатокот на добра и услуги. Резултатот беше буквална експлозија на трговскиот дефицит на Република Македонија кој се зголемува од 1 милијарда евра за 2006 на 1,2 милијарди евра во 2007, потоа 1,7 милијарди евра за 2008, 1,6 милијарди евра во 2009, 1,5 милијарди евра во 2010, 1,6 милијарди евра во 2011, и 850 милиони евра во првата половина од 2012 година. Немајќи доволно прилив на директни странски инвестиции и трансфери од дијаспората за покривање на трговскиот дефицит,  се случи единсвтеното нешто што можеше да се случи, а тоа е дуплирање на вкупниот надворешен девизен долг од 2,5 милијарди евра на крајот на 2006 на 5 милијарди евра денес. Меѓутоа, инфлацијата од 5,3 отсто во третиот квартал во 2012 година, во услови кога македонската економија е со пад на БДП, е мошне интересна индикација. Тоа значи дека теретот од последиците на зголемувањето на буџетските расходи и паричната маса, од трговскиот дефицит се префрла на зголемување на цените на домашните производи и услоги. Доколку трговскиот дефицит веќе не може да ги абсорбира денарите кои се во оптек (а тоа се случува ако меѓународните кредитори веќе не се спремни да ја финансират македонската економија со кредити како што беа во последните шест години, што пак резултираше во дуплирање на надворешниот долг), тогаш единствената последица е зголемување на цените на домашните производи и услуги. Токму ова објаснува зошто имаме висока стапка на инфалција од 5,3 отсто во услови на негативен раст на БДП од 1 отсто и во услови кога стапката на инфлација во Европската Унија е под 2,5 проценти. За жал, ова може и да биде почетокот на релативно висока инфлација во наредниот период. Се разбира, Народна Банка може да влиае преку нагло зголемување на каматната стапка и повлекување на значителна сума на денари од оптек. Но, тоа пак со сигурност ќе значи уште поголем пад на БДП и продлабочување на економската криза во Македонија. Даниел Дончев, авторот е економски аналитичар

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок